/ Прочитано:

2.552

СУДЕЊЕ „Детонатор“: Зад затворени врати неколку часови сведочеа двајца загрозени сведоци

Вторник, 14 мај 2013 – Двајца загрозени сведоци денеска сведочеа во најголемата судница на Кривичниот суд. Цели 6 часа зад затворени врати сведоците се изјаснувале во однос на обидот за убиство врз оштетениот Драганчо Стоименов – дело кое обвинителството го става на товар врз првите 5 обвинети. 

Минатиот пат се изведуваа писмени докази кои се наоѓаат во списите на предметот. Меѓу нив е писмената медицинска документација приложена од оштетениот Драганчо Стоименов, но и сите кривични пријави против него и против обвинетите. 

Најпрвин, предметот се водеше против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство. Во текот на процесот следeше ново обвинение и нов обвинителен предлог. Новото обвинение ги ослободи од вина Сашко Стоименов и Горан Наунов, додека со новиот обвинителен предлог се опфатени две нови лица од Виница. Во предлогот стои дека првообвинетиот Игор Горански заедно со второобвинетиот кој е во бегство, Сашко Стојчев и двете лица од Виница,  Марија Ќорпашева и Столе Трпевски, создале и припаѓале на злосторничка група која се занимава со лихварство. Според сегашниот обвинителниот предлог, обвинетите ја искористувале тешката материјална состојба на своите граѓани, давале позајмици и наплатувале високи месечни камати. Обвинителството исто така ги товари дел обвинетите за нелегален шверц на покер апарати, како и за обид за убиство на Драганчо Стоименов.

Полициска опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и решетки за 14 лица.