/ Прочитано:

1.361

СУДЕЊЕ „Фаланга 2“: Дури тројца заштитени сведоци ќе проговорат следниот месец

Вторник, 4 февруари 2014 – Судскиот процес повторно почно одново, овојпат поради новата порота. Претходно постапката беше враќана на почеток од повеќе причини: смена на претседателот на судскиот совет, проширувањето на обвинението со уште еден обвинет, новото дело „тешка кражба“ против тројца обвинети. Денеска беше договорен и термин за распит на тројцата заштитените сведоци, па така на 7-ми март тие ќе проговорат преку заматен екран и со изменет глас. 

Најголемиот дел од обвинетите во „Фаланга 2“ се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале. Претпоследен на списокот на 15-мината обвинети е ексдиректорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, но тој се товари за злоупотреба на службената положба. Според Обвинителството, Кузман незаконски издал Согласност да се вршат ископувања кај местото Драмски Рид во околината на Делчево и кај Велес.

Тек на рочиштето

10:20 – Судскиот совет утврди дека постапката почнува одново поради смена на судиите поротници. 

10:25 – Одбраната обзнани дека Давид Шекуларац-Циле за кого беше издвоена постапката е уапсен во Германија, на што претседателот на судскиот совет Огнен Ставрев  посочи дека судот се’ уште нема известување. 

10:30 – Во продолжение, странките во постапката главно го договараа распоредот за следните рочишта. Па така на следниот главен претрес што ќе се одржи на 11 февруари, со почеток во 09:30 ќе бидат изведени транскриптите од телефонските разговори. На 7 март, пак, е предвидено да бидат сослушани тројцата заштитени сведоци. Јавноста, како што посочи судијата Ставрев, ќе биде исклучена од претресот.