/ Прочитано:

1.929

СУДЕЊЕ „ФАЛАНГА 2“ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОДБРАНАТА: Не се чувствувам виновен, се чувствувам како осамено куче кое залудно лае, а караванот си врви! — Илчо Бојчевски

Петок, 18 јули 2014 – Маратонско рочиште на кое своите завршни зборови ги изнесоа осуммина бранители и петнаесетмина обвинети – вака изгледаше денешното продолжение на „Фаланга 2“ кое траеше до доцните попладневни часови. Пресудата е закажана за 24 јули, една година од стартот на судскиот процес. Најжесток во завршниот збор беше првообвинетиот, ексраководителот на Одделение за превенција при Управата за заштита на културно наследство Илче Бојчевски кој тврди дека е жртва на лажен сведок и мета на одмазда на финансиски моќници поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефакти. За него е необјасниво како се градат обвинителни акти, а нема артефакти. Бојчевски наведе дека и во моментов се вршат нелегални ископувања во Македонија, а тој знае кој стои зад нив.  Меѓу обвинети имаше и такви кои се извинија под изговор дека не знале дека сторуваат кривични дела, но побројни беа оние кои тврдеа дека клучниот сведок на Обвинителството е всушност „психијатриски случај“ кој изнесува лаги за нив во замена за својата слобода и благосостојба, а обвинителниот акт е заснован на претпоставки. Изјаснувајќи се за невин, Паско Кузман го прифати во целост завршниот збор на неговиот бранител Александар Новаковски, кој тврди дека поранешниот директор на Управата за заштита на културно наследство постапил согласно законските овластувања и оттука дека не се точни наводите на Обвинитеството дека не бил надлежен да издава согласност на физички лица за ископувања кај Катланово и Драмче. Новакоски изрази сомнеж во мотивите на органите на прогонот Кузман по секоја цена биде дел од овој процес.

Судењето со завршен збор денеска го стартуваше адвокатката Снежана Ристовска-Петроњев, бранител на обвинетиот Звонимир Будимировиќ, обвинет за злосторничко здружување и прикривање.

Наспроти наводите на Обвинителството, одбраната тврди дека нема ниту еден доказ дека предметите најдени кај обвинетиот се прибавени од кривично дело, или, пак, дека тој бил вклучен во трговија со артфакти.

Во однос на ќупот, пронајден во неговиот дом во Демир Капија, Ристовска-Петроњев посочи дека се работи за предмет кој никогаш не бил прикриван односно истиот стоел 15 години  во неговиот двор и секој можел да го види, а тоа го потврдил и сведок во текот на постапката. За дел од другите предмети, одбраната истакна дека воопшто не се ни ставени под заштита како културно наследство, а за дел дека биле изложени во Музејот на вино, каде обвинетиот повеќе години е волонтер.

„Неспорно е дека  обвинетиот го прекршил законот со тоа што предметите навремено не ги пријавил, меѓутоа тоа се санкционира како прекршок, а не кривично дело“, истакна Ристовска-Петроњев

Според одбраната Будимировиќ е човек кој бил посветен на заштитата на културното наследство, кој донирал етно материјали, книги… и за сите овие доприноси повеќе пати добивал благодарници. Оттука за одбраната е нејасно зошто наспроти овие заложби некој би прикривал четири железни предмети и еден ќуп.

Ристовска-Петроњев, која е исто така бранител на обвинетиот Златко Тодоровски кој е обвинет за злосторничко здружување и прикривање, односно дека со употреба на метал детектори или други погодни алати, пребарувал по археолошки локалитети, одземал и прикривал археолошки предмет, рече дека тој всушност посредувал, но дека никогаш не видел ниту еден артефакт и дека мислел дека се работи за приватна колекција на обвинетиот Александар Сапунџиев. 

Татјана Соколовска, бранител на Александар Караманов рече дека наводите во обвинението дека тој по барање на првообвинетиот Илчо Бојчевски со употреба на метал детектори пребарувал по археолошки локалитети се базираат на претпоставки.

Одбраната тврди дека на Караманов му се препишуваат дејствија кои не ги сторил.

„Поседување на детектор не преставува кривично дело. Според обвинетиот станува збор за детектор од 70-тите кој не е во функција  и му недостасуваат делови“, истакна Соколовска. Таа побара ослободителна пресуда за својот штитеник, нагласувајќи дека тоа е единствената правилна одлука.

Бранителот Драган Георгиев за својот клиент Александар Сапунџиев, кој е обвинет за прикривање, рече „дека е човечки да се греши“, односно дека не знаел дека предметите пронајдени во неговиот дом се всушност се културно наследство на РМ и побара Судот да донесе поблага казна.

Бранителот Димче Наков за обвинетиот Андреја Пановски, исто така обвинет за прикривање, побара Судот да донесе ослободителна пресуда.

„За постоење на ова кривично дело, осносно за постоење на одговорност потребна е умисла, што треба да содржи свест односно знаење дека предметите се прибавени со кривично дело“, рече бранителот.

Одбраната тврди дека иконите одземени од Пановски се негова сопственост повеќе од 30 години, а не предмет на кривично дело.

„Истите не потекнуваат од ниту една црква, манастир или некој друг свет објект. Иконите не се регистрирани во ниту еден регистар на икони на ниту една црква или манастир во Македонија“, истакна Наков и додаде дека ова се потврдува и од вештиот наод, како  и од сведоците.

Новакоски: Се сомневам во мотивите на органите на прогонот Паско Кузман по секоја цена биде дел од овој процес

Според Александар Новакоски, бранител на поранешниот директор на  Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, кој се товари за злоупотреба на службената положба, односно дека незаконски издал согласност да се вршат ископувања кај Драмче и кај Катланово имал законско право да ги издаде овие документи.

Според одбраната, една година од водење на овој судски процес, Обвинителството освен доказите кои ги доставило и предложило со Обвинителниот акт, друг доказ не доставило.

„Тоа ми дава за право сериозно да се посомневам во намерите на Обвинителството дека од самиот почеток, па до самиот крај обвинението го заснова на база на претпоставки,веројатности, можни злоупотреби, можни користи и што уште не. Ова ми дава за право да се посомневам во мотивите на органите на прогон обвинетиот Паско Кузман по секоја цена биде дел од овој процес т.н. ,,Фаланга 2” со некоја за нас непозната цел“, рече Новакоски.

Бранителот истакна дека Кузман успеал да одолее на предизвиците  јавно да одговори на сите неосновани дискредитации на неговата личност , се со една цел  Судот да ги слушне аргументите и пред истиот да ја докаже невиноста.

„И покрај својата долгогодишна плодна работа не му беше овозможено ниту да се раздолжи со своите обврски во Управата, каде беше директор се до приведувањето, а ова ми дава право да се сомневам дека некој имал потреба да го изолира и отстрани Паско за подолг период од јавниот живот, од работата и друго“, нагласи бранителот.

Одбраната тврди дека Кузман не бил поттикнат од Бојчевски, туку  постапувал врз основа на барања уредно поднесени до Управата.

Одбраната, како противаргумент на Обвинителството, кое смета дека обвинетиот требал да постапи согласно чл. 55 од Законот за заштита на културното наследство и чл. 56 од истиот закон, вели дека тоа се однесува за издавање дозвола за археолошки истражувања на археолошки локалитети. Новаковки додаде дека физичките лица согласно Законот за општа управна постапка и врз основа на чл. 143, ст.4 од Законот за сопственост и други стварни права поднеле барање до Управата за заштита на културно наследство и , како што рече,  по процедура тие барања преку архивата поминале низ стручните служби и истите на крај биле доставени до обвинетиот како директор. 

„Управата за заштита на културното наследство и директорот како овластено лице согласно погоренаведеното постапиле согласно законските овластувања и од овие законски одредби и овластувања, богатството и движното културно наследство не може ни правно, ни стварно да подлежи на управна постапка за добивање дозвола за археолошко ископување, па оттука примената на чл.55 и 56 е недозволива и неприменлива како што тврди обвинителството“, заклучи тој.

Во однос на наводите на застапникот на обвинението Лиле Стефанова дека Паско Кузман и Илчо Бојчевски веројатно се имаат чувствувано премногу моќни кога се договориле  полицијата да врши обезбедување  на овие ископувања за некој да не им смета во работата, Новакоски рече дека нема логика во ова тврдење и запраша од кого во конкретниот случај да се бара обезбедување, ако не од МВР.

„Согласно Правилникот на начинот на вршење на полициски работи, должност е на полицијата да прибира податоци и информации, а во конкретниот случај државен орган и се обратил и укажал за барањата и во прилог и биле пратени и согласностите. Од доказите во предметот е јасно дека МВР и во текот на 2011 година постапувала по овој предмет и не е јасно зошто тогаш не нашле елементи на кривично дело, а сега истата наводно нашла и вршела предистражни дејствија и тоа од Одделот за организиран криминал. МВР согласно Правилникот е должна пред да одговори на барањето да изврши проценки“, нагласи тој и подвлече дека за штета на Буџетот не може да стане ни збор. 

Бранителот Емил Недков за последнообвинетиот, археологот Стефан Данев, кој се товари дека со крунскиот сведок на Обвинителството Иле Николов ископале метална плоча во формат А4 од локалитето Била Зора  – Свети Николе и потоа ја продале, рече дека на Николов, кој го тврди ова, не треба да му се верува.

„Наводната плоча никој ја нема видено. Стручната јавност и експертите на балканско ниво немаат пронајдено ваква плоча од трети век бидејќи тогашната цивилизација пишувала на камен! Обвинитеслтвото нема доказ дека постоел таков артефакт. Нема доказ за продавач, купувач, проценител, цена, место на купопродажба!“, рече Недков.

Според одбраната единствено е точно дека Данев, како тогашен раководител на заеднички македонско-американски проект на локалитетот Била Зора, го известил Бојчевски дека Американците при копањето користат тешка механизација и го оштетуваат локалитетот, па  истите, како што рече бранителот, доколку располагаат со некаква опрема да дојдат да обележат можни критички точки за градби за да не се оштетува културното наследство.

Бранителот истакна дека Данев цел живот го посветил на заштита, а не разнебитување на културното богатство.

„Од месец јули 2014 година Стефан Данев е пензионер. Наместо да се радува на скромната пензија, со своите 64 години и две внучиња, Стефан Данев како заслуга од државата за чесното работење добива обвинение, нарушено здравје и углед кој го градел цел живот во Свети Николе“, заклучи Недков.

Бојчевски: И во моментов се вршат нелегални ископувања во Македонија, а јас знам кој стои зад нив!

Цели два часа, првообвинетиот Илчо Бојчевски го изнесуваше својот завршен збор, повремено и директно конфротирајќи се со Обвинителството. Според него доказите се монтирани од МВР и Обвинителството, а клучниот сведок Иле Николов психијатриски случај.

Ексраководителот на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство, кој се товари за: „злосторничко здржување“, „злоупотреба на службената положба“,  „тешка кражба“ и „прикривање“ во голем дел  го повтори она што веќе го кажа на почетокот на судскиот процес кога ја изнесуваше својата одбрана. Бојчевски тврди дека е мета на „ликвидација“ на финасисиски моќници инфилтрирани во секоја пора на општеството кои му се одмаздуваат поради успешното сузбивање на нелегална трговија со артефакти.

„Зошто со години сте дозволувале да се изнесува културното наследство од РМ, односно не сте го спречиле ова, ако сте имале докази. Кој е поважен културното наследство или мојата ликвидација!?“, запраша тој.

Според него откако сведокот Николов, кој всушност со години бил див копач – факт кој го потврди и кога сведочеше, бил уловен во нелегални активности Одделенито за организиран кримнал при МВР ја измислила оваа, како што рече, приказна и ја преточила во кривична пријава.

„Иле Николов бил притиснат од можноста за притворање. Се пазарат и го инструираат да биуде крунски и единствен доказ во оваа постапка“, рече Бојчевски и додаде дека се работи за многу дрско постапување од МВР и Обвинителството. Првообвинетиот исто така тврди дека обвинетите, кои се бранат од слобода, како и сведоци,  биле заплашувани од овие институции.

Бојчевски, меѓу другото наведе дека целата акција „Фаланга“, односно сузбивањето на трговијата со артефакти, започнала со него и дека тој е најзаслужен во државава за сузбивање на истата. Ги спомена и актуелниот и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски и Митко Чавков, со чиј „амин“ и соработка, како што рече, се одвивале операциите против нелегалната трговија  на терен.

За Бојчевски е нејасно како може доколку ги нема предметите да се креира обвинение, а во контекст на ова ја посочи и кражбата во Музејот на Македонија.

„’Кражбата на векот’ ја расчистија со несовесно работење и некој повеќе не ги споменува исчезнатите предмети!“, рече тој.

Во однос обвинението дека со Паско Кузман противправно обезбедиле 24-часовно обезбедување од МВР на ископувањата кај Драмче и Катланово, рече дека за обезбедувањето директно добивале насоки од поранешниот директор на БЈБ, Тодоровски, кого Судот не го прифати како сведок.

„Од кога Единицата за брзо распоредување обезбедува вршење на кривични дела?“ запраша Бојчевски и додаде дека е апсурдно да се тврди дека го поттикнал Кузман да изврши кривично дело со цел он да се збогати.

Обвини дека по нечија наредба му била украдена тетратката каде му била запишана одбраната со цел Обвинителството навремено да се запознае со истата, и како што додаде, да немало изненадувања.

„Во нашата држава се употребуваат сталинистички и севернокорејски методи!“, рече тој.

Според Бојчевски и во моментот се вршат нелегални дејствија, а тој знае кој и како ги спроведува истите.

„Не се чувствувам виновен, се чувствувам како осамено куче кое залудно лае, а караванот си врви!“, истакна првообвинетиот.

„Под целосна кривична одговорност тврдам дека во текот на моето 28-годишно работење немам украдено ниту еден артефакт и немам стекнато илегална имотна корист. Напротив, сум спречил кражби на повеќе предмети отколку сите во оваа држава“, подвлече поранешниот раководителот на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство.

Другите обвинети кои се товарат за злосторничко здружување, кои почнаа со изнесување на своите завршни зборови по 16.00 часот беа пократки. Изјаснувајќи се за невини, сите вината ја префрлија на сведокот Николов, кој го нарекоа „лажго“. За обвинението истакнаа дека се заснова на нелогичности и претпоставки.

Обвинетиот Драган Милосовски, по занимање златар, инсистираше дека златните предмети што му се запленети не претставуваа културно наследство, туку дека самиот тој ги изработил, а иконите дека се семејно наследство, односно дека потекнува од попска фамилија.

Четвртообвинетиот Али Касум рече дека доколку се занимавал со нелегални ископувања како што тврди Николов, можеби немало да биде во толку тешка финансиска ситуација.

„Пред Судот и пред бога не сум виновен. Виновен сум пред семејството што не сум копал и сум ги оставил без струја две години“, истакна Касум. 

Изразувајќи се , како што рече, во стилот на застапникот на обвинението, обвинетиот Александар Караманов  побара од Судот да не му поклони верба на Обвинителството и да донесе ослободителна пресуда. Тој нагласи дека досега нема платено ни прекршочна казна и дека за време на 15-месечниот притвор поради стрес изгубил дури 45  килограми. 

Томо Илиевски, кој работи во Музејот на Македонија речиси 30 години, истакна дека првпат во животот е на обвинителна клупа и дека единствено сакал да помогне на познаник кој му пратил меил со фотографија од одреден предмет и побарал од него да праша за што всушност се работи и дали истиот има некаква вредност.

„Доколку сум згрешил во проценката, се извинувам“, рече тој.

Некои од обвинетите, пак, кои се товарат за прикривање и посредување истакнаа  дека нииту имале намера, ниту биле свесни дека сторуваат кривични дела.

Паско Кузман: Не се чувствувам виновен!

Не се чувствувам виновен, рече Паско Кузман, кој е тринаесетообвинет и се товари за злоупотреба на службената должност. Ексдиректорот на Управата заштита на културно наследство во целост ги прифати завршните зборови на својот бранител, односно остана на наводите дека Управата е надлежна за издавање на  Согласноста, која е предмет на обвинението и дека не се точни спротивните тврдења на Обвинителството.

Изјаснувајќи се за невини, во целост на завршните зборови на своите бранители останаа и последнообвинетите Стефан Данев и Марија Пујаз.

Минатиот пат, завршниот збор го даде Ѕвонко Давидовиќ, бранител на  Илчо Бојчевски, Драган Милососки Жижи, Али Касум, Коста Великов, Томче Илиевски и Тони Цветковски, кој порача дека обвинението е бајка, а клучниот сведок — „шерифот од Шервудската шума“.

Обвинителката Лиле Стефанова, пак, во својот завршен збор изнесен пред две недели, побара Судот да не им поклони верба на обвинетите и да ги прогласи за виновни.

Објавата на пресудата е закажана за 24 јули во 14.00 часот. 

Судскиот процес, кој опфаќа 15 лица, стартуваше на 9 август на минатата година. Првично го водеше судијката Вангелина Маркудова, која после неколку месеци беше избрана за судија на Уставниот суд, па предметот беше преземен од судијата Огнен Ставрев. На 27 јули истекува една година од правосилноста на обвинителниот акт. Најголемиот дел од обвинетети се наоѓаат во притвор веќе 15 месеци.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(E.П. / pavlovskae@akademik.com.mk)