/ Прочитано:

2.131

СУДЕЊЕ „ФАЛАНГА 2“ – ЗАВРШЕН ЗБОР НА ОДБРАНАТА: Обвинението е бајка, а клучниот сведок — шерифот од Шервудската шума

Четврток, 10 јули 2014 – Обвинението  е бајка. Токму кога се понадевав дека конечно ќе видам блескав штит, сјајно копје, остар меч, развиорени знамиња, ќупови со злато се појави шерифот од Шервудската шума, стациониран во Неготино, ѕвечкајќи во џебот со 20.000 евра… – вака денеска Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на шестмина обвинети во „Фаланга 2“, во својот завршен збор го опиша обвинителниот акт, како и клучниот сведок на Обвинителството. Според одбраната не се докажало дека овие обвинети се злосторничка група која илегално ископувала артефакти и ги продавала. Вистинско изненадување за сите во судница беше тешката скулптура од гипс која одбраната ја презентираше во обид да долови дека Обвинителството во предмет за нелегална продажба на артефакти не приложило ниту еден артефакт, а наместо тоа им запленило на обвинетите лични предмети, меѓу кои и оваа скулптура, кои воопшто не претставуваат културно наследство во сопственост на РМ. 

„Додека го слушав обвинението, „прецизирањето“ на истото и делумните завршни зборови на обвинителството се вратив во своето детство и повторно пред моите очи заиграа развиорени знамиња, блескави оклопи, сјајни шлемови, исукани мечови, подигнати копја и повторно самовилите пееја, витезите ѕвецкаа со своето оружје, а аждерите блуеја пламен и ги малтретираа принцезите. Токму кога се понадевав дека конечно ќе видам блескав штит, сјајно копје, остар меч, развиорени знамиња, ќупови со злато се појави шерифот од Шервудската шума, стациониран во Неготино, ѕвечкајќи во џебот со 20.000 евра“, рече во завршниот збор Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на обвинетите Илчо Бојчевски, Драган Милососки Жижи, Али Касум, Коста Великов, Томче Илиевски и Тони Цветковски.

Во обвинението кое се однесува на 15 лица, обвинетите кои ги застапува Давидовиќ се наведени како злосторничка група која вршела илегални ископувања на археолошки локалитети, купувала, прикривала и продавала археолошки предмети во Македонија и надвор од земјава.

Според одбраната, ова не се докажало во текот на постапката која Давидовиќ ја нарече „пародија“.

„За жал, не видовме ниту правичност, ниту контрадикторност во оваа постапка, а најмалку докази, барем не вистински, а на крај свесно или несвесно, намерно или ненамерно, последиците од овие неправилности и оние подолу наведени ќе се тестираат врз невини човечки животи, како да се лабораториски глувци, не почитувајќи ниедна одредба од круцијалните правни акти како Уставот, меѓународните договори и законите во кои се гарантираат правата на правично судење, човеково достоинство, права на обвинетиот и во исто време забрана за злоупотреба на правата на органите на прогон, а истите на крај ќе се срушат врз нас, правниците“, потенцираше бранителот додавајќи дека неправилности се сторени и во предистражната постапка.

Давидовиќ смета дека ниту еден збор во обвинението не е проследен и поткрепен со материјален доказ и дека Обвинителството вршело „уметничко“ и селективно толкување на телефонските разговори,

„Срамно е во предмет за нелегална продажба на артефакти да не се приложи и покаже ниту еден единствен артефакт, а наместо тоа да се понуди еден единствен квази-сведок кој повторно во име на обвинителството ќе ни ја раскаже приказната без никаков доказ“, истакна тој.

Според одбраната, несериозноста на  постапката е евидентна уште од самиот почеток кога обвинителството ја раздвои постапката за српските државјани  Давид Шекуларац и Коча Бочковиќ, а подоцна бараше екстрадиција на Шекуларац кој беше приведен во Германија, но барањето беше одбиено.

„Обвинителството ја раздвои постапката и побара екстрадиција, но Германскиот суд одговори негативно и никогаш не го екстрадираше во Македонија туку напротив со сите извинувања го прати во неговиот дом во Србија. Овој суд, а и обвинителството немаат доблест дури ни по барање на одбраната да ги преведат и достават списите за водената постапка при Германскиот суд за екстрадиција. Наместо тоа, го одбија предлогот на одбраната за доставување на овие списи и увид во истите под образложение дека “се работи за државни активности ратификувани со меѓународни договори помеѓу две суверени држави”, рече Давидовиќ.

За одбраната е нејасно како може да му се даде верба на клучниот сведок на Обвинителството, кој призна дека продавал артефакти, но прстот го посочи и кон дел од обвинитите, меѓу кои најповикан беше екс-раководителот на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство,  првообвинетиот Илчо Бојчевски.

„Како тоа само Иле Николов ја зборува вистината и никој освен Иле Николов, а истиот тој има и крим евиденција и 20.000 евра од артефакти?!“, запраша Давидовиќ.

Презентирајќи пред присутните во судница бела скулптура од човек со брада и граден кош нагоре, оштетена во делот на главата, која текот на истрагата била одземена од обвинетиот Коста Великов, адвокатот наведе:

„Сериозна несериозност е ако стари книги, уметничка слика од Коџоман, листови хартија и оваа скултура од човек која јас ја донесов и се наоѓа на бирото пред мене, а која ни е вратена од истражниот судија, претставува доказ за продажба на артефакти. Срамно е некој да се служи со сиви лаги“.

Давидовиќ го спореше и вештачењето нарекувајќи го нестручно, а вештаците „чудотворци“ кои „со само еден допир и еден поглед можат да определат старост на предмети“, кои според одбраната им припаѓаат на обвинетите и не претставуваат културно наследство во сопственост на РМ.

Бранителот исто така посочи дека многу од предлозите на одбраната се одбиени меѓу кои и изведувањето на пресудата за „Фаланга 1“, како и сослушувањето на обвинителката која го водела тој предмет, но и на поранешниот Директор на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски. 

„Чесно ќе беше на оваа околност да се сослушаше и сведокот  Љупчо Тодоровски-Радникот како Директор на Бирото за јавна безбедност бидејќи одбраната тврдеше дека токму тој е запознаен со целата операција Фаланга 1, но судот и овој предлог на одбраната го одби. Зошто сведоците на одбраната не се подобни и покрај тоа што се директори на пола Министерство за внатрешни работи, одликувани и наградувани, а сведоците на обвинителството иако минуваат низ крим евиденцијата и од продажба на артефакти заработуваат по 20.000 евра се подобни?“, нагласи Давидовиќ.

За целосниот завршен збор на Обвинителството изнесен на 99 страници, бранителот рече дека го „слушнал“ само судскиот компјутер и акмисот, но не и обвинетите.

На крајот од својот завршен збор, Давидовиќ уште еднаш порача дека обвинението не се докажало и побара ослободителна пресуда за обвинетите.

Адвокатот Дејан Дончевски, во завршниот збор за обвинетиот Шефкет Сејфулов се осврна на најбитните аспекти од обвинението против неговиот клиент.  Дончевски истакна дека од доказите изведени во текот на постапката не се докажало дека четвртообвинетиот ги сторил кривичните дела злосторничко здружување и прикривање.

Според бранителот од доказите прибавени со посебни истражни мерки се утврдува дека Сејфулов не се познава со другите наводни припадници на злосторничката група, односно дека првпат овие лица ги видел на судењето.

Во однос на делото прикривање, Дончевски посочи дека во обвинението се наведува Сејфулов на сведокот Николов му продал три бронзени фигури кој ги нема во овој предмет и кој никаде не се заведени. За бранителот е спорно и вештачењето.

„Да вршиш вештачење врз основа на слики е исто како да вршиш обдукција врз основа на слики“, рече Дончевски.

Бранителот му порача на судот да не се држи до обвинението бидејќи истото, како што рече, не е поткрепено со докази.

„Судот не смее на доказите да гледа како обвинител, бидејќи во спротивно Господ треба да му е бранител на обвинетиот“, заврши со оваа реченица адвокатот Дончевски. 

Одбраната ќе продолжи со изнесување на завршните зборови на 18 јули во 10 часот.

На минатото рочиште, обвинителството во својот завршен збор побара обвинетите да бидат прогласени за виновни.  

Најголемиот дел од обвинетите во „Фаланга 2“ се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале. Претпоследен на списокот на 15-мината обвинети е ексдиректорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, но тој се товари за злоупотреба на службената положба. Според Обвинителството, Кузман незаконски издал Согласност да се вршат ископувања кај местото Драмски Рид во околината на Делчево и кај Велес.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(E.П. / pavlovskae@akademik.com.mk)