/ Прочитано:

1.043

СУДЕЊЕ „Филтер“: Граничниот полицаец изрази жалење за извршеното кривично дело

Понеделник, 18 ноемви 2013 – Стартуваше судскиот процес за случајот „Филтер“, кој се води против 18 лица обвинети за организираното криумчарење на цигари. Пред судот сите се претставија како разновидни трговици кои немаат никаква поврзаност со криумчарењето на цигари, освен обвинетиот граничен полицаец. Како и во претходната постапка и денеска во судот ја призна вината. Тој рече дека постапил непромислено, а во истрага напоменал и дека му било познато како дел од обвинетите илегално пренесувале цигари од Косово во Македонија, за потоа да ги прошверцуваат во Бугарија. Во истрага делумно признал дека тој бил задолжен за предупредувањето на обвинетите од евентуални полициски патоли. Според обвинителниот акт, обвинетите во текот на три години, во петнаесетина наврати, пренеле 3 милиони парчиња цигари во вредност од околу 8 милиони денари. 

Спо­ред обвинението, 18-темината осомничени ор­га­ни­зи­ра­ни во група, се занимавале со шверцување и транспорт на цигари без ак­циз­ни маркички. Наводно, стоката се чувала во магацини во скопско Арачиново и населбата Синѓелиќ, во сопственост на првообвинетиот, а потоа се носела во помошни простории во близина на македонско-бугарската граница. Об­ви­ни­телс­тво­то тврди дека групата имала организирана мрежа транспортери што ги носеле цигарите до источниот дел на Македонија, на подрачјата на Крива Па­лан­ка, Делчево, Кочани, Берово, Струмица каде што им ги предавале на ос­та­на­ти­те членови на групата.

Обвинетите за три години во повеќе  наврати искриумчариле околу 3 милиони парчиња цигари од светски познати брендови. Штетата е проценета на близу 8 милиони денари.

 Тек на рочиштето

10:25 – Условите за одржување на главниот претрес се исполнети. Претресот стартуваше со задоцнување поради доцнењето на полицискиот спровод на обвинетите од истражниот затвор во Шуто Оризари.

10:30 – Според обвинителниот акт, 18 лица криумчареле цигари преку македонско-бугарската граница, 7 од нив биле организатори, а останатите биле членови на групата. Низ обвинението провејуваат и уште деветмина лица, осудени во друга постапка, кои според обвинението за „Филтер“, тие исто така се пренесувачи на цигари.

Според наводите, групата e создадена од првообвинетиот Исни Алими, почнала да функционира уште во септември 2010 година. Обвинителот се сомнева дека цигарите од Косово нелегално се пренесени во Македoнија, однoсно во магацинските простори на првообвинетиот, скопско во Арачиново и наслебата Синѓелиќ. Оттука, според обвинението, цигарите се сместени во магацини близу македонско-бугарската граница. Како што стои во обвинението, обвинетиот граничен полицаец, Коце Ангеловски, имал задача да ги предупредува обвинетите за евентуални полициски патроли. Во преку 15 наврати, според обвинението, групата успеала да пренесе 2.980.220,00 парчиња цигари со и без аксизни контролни маркици од светски познати брендови. Вредноста на цигарите е проценета на 7.795.500,00 денари.

11:30 – Првообвинетиот Исни Алими потенцираше дека воопшто не е виновен, обвинетите рече дека ги познавал од пазарите во Источна Македонија и негираше создавање на група. Слична одбрана даде и второобвинетиот Ејдип Адиљи кој на судот му се претстави како трговец со цигари. Рече дека обвинетите не ги познава освен Алими кој му бил гостин во неговиот ресторан во Косово што го поседувал пред петнаесетина години. Третообвинетиот, Ељхам Муареми се претстави како трговец со возила, негираше секаква поврзаност со трговија на цигари. Рече дека го познава обвинетиот полицаец кој одамна работел во ПС Бит пазар, а обвинетите од Источна Македонија пропратно ги среќавал во животот.

Исмаиљ Шабанов, Суед Билали и Јакупи Берат се бранеа со молчење. Следниот обвинет, Љутви Екрем, рече дека запленетите цигари од неговиот дом потекнуваат од друго криумчарење од 1997 година за кое одлежал затворска казна. За вреќата со марихуана што полицијата ја пронајде на неговиот таван во семејната куќа, рече дека му припаѓа на негов пријател.


 13:00 – Пауза до 13:15 часот. 


 По паузата, обвинетиот граничен полицаец, Коце Ангелов, рече дека му е жал за се што сторил, појасни дека непромислено постапувал во криумчарењето на цигарите. Денеска пред судскиот совет ја раскажа својата полициска кариера, а во истрага рекол дека знае за криумчарењето на косовските цигари во Македонија што понатаму се шверцуваат во соседна Бугарија. 

Последните 6 обвинети се претставија исто така како разновидни трговци кои се занимаат: од дистрибуција на кинеска роба, па се до транспортери на огревни дрва. Потенцираа дека немаат никаква поврзаност со цигари. Негираа дека се познаваат еден со друг, освен оние кои се во роднински врски или соседи во околните села близу Струмица.

14:00 – На следниот главен претрес закажан за 20.11.2013 во 10:00 часот ќе почне доказната постапка.