Судење „Фими медиа“: Донирале големи парични средства во ХДЗ, а за возврат добивале пофалници
Вторник, 8 јануари 2013 – По тринеделна пауза, со распит на неколку сведоци денеска продолжи судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“. Поранешниот премиер Иво Санадер на главниот претрес беше спроведен од затворот Реметинец, каде се наоѓа по донесувањето на првостепената пресуда за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“ со која неправосилно беше осуден на казна затвор од 10 години.
Прв на клупата за сведоци седна Жељко Шевендија кој како што вели по директива на Младен Баришиќ (поранешниот благајник на ХДЗ и екс директор на тамошната Царинска управа, второобвинет во предметот кој ја призна вината што му се става на товар) морал да го спонзорира одбојкарскиот клуб „Младост“ и да и донира средства на партијата ХДЗ. Според неговите зборови тој во 2006 година во ХДЗ донира 100.000 куни за што добил пофалница од партијата.
По Шевендија сведочеше поранешната секретарка на Санадер, Хелга Драженовиќ која во својот исказ кажа само дека нејзиниот брат Славен Тинтор се распрашувал за евентуални донации во партијата. Според сведочењето на поранешниот секретар на ХДЗ пак, Тинтор на два пати донирал по 500.000 куни во очи парламентарните избори кои се одржале во 2007 година. Се очекува Тинтор да сведочи на некое од следните рочишта.
Сведочеше и поранешниот извршен директор на хрватското холдинг претпријатие „Ѓуро Ѓаковиќ“, Велимир Кучинар според кој од него и соработниците во 2009 година било побарано да донираат вкупно 520 милиони куни во партијата, а за возврат да се решат проблемите кои компанијата ги имала со Хрватско електростопанство. Оваа донација сепак не се случила поради ненадејната оставка на Иво Санадер од премиерското место и новите околности.
Пред судот зборуваше поранешниот член на Секретаријатот на ХДЗ, Петар Џукан кој за време претседателските избори во 2005 година собирал донации за кампањата на Јадранка Косор. Како што вели, Лука Миличиќ претседателот на управата на Далновод од анонимен донатор му донел дури 4 милиони куни. Интересени беше неговиот опис за она што се случило – Не ги броев парите ниту кога ги земав, ниту кога ги предадов. Ги носев во ќесенце како да носам книги или нешто друго и му ги предадов Ратко Мачек (поранешен портпарол на тогашната Влада на Хрватска и третообвинет во предметот), се изјасни тој.
Судењето продолжува утре со распит на сведоци.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.