Судење „Фими медиа“: Сведочеше човекот кој прв јавно проговори за една од најголемите корупциски афери во историјата на Хрватска
Понеделник, 17 декември 2012 – Во продолжението од судскиот процес за случајот „Фими медиа“, каде освен Иво Санадер на клупата за обвинети се уште неколку лица, но и партијата ХДЗ, сведочеа Дамир Михановиќ, човекот кој прв јавно проговори за оваа афера, поранешен член на Управата на „Кроациа осигурување“ и Бошко Матковиќ, поранешниот директор на аеродромот во Загреб.
На почетокот од своето сведочење Михановиќ зборуваше за состанокот кој се одржал во 2007 година, на кој тврди дека Иво Санадер им порачал на директорите на јавните претпријатија дека се работи за изборна година, па мораат да и помогнат на партијата преку соработка со маркетинг агeнцијата „Фими медиа“. Наводно Санадер на овој состанок им посочил дека ќе бидат во контакт со Младен Баришиќ, второобвинет во предметот и тогашен благајник на ХДЗ и директор на хрватската Царинска управа, кој според кажувањата требал да им ги даде понатамошните упатства.
Според зборовите на Михановиќ, тој набрзо стапил во контакт со сопственичката на Фими медиа, Невенка Јурак, на која и рекол дека до соработка со нејзината фирма може да дојде само по пат на јавен конкурс.
Матковиќ во своето сведочење раскажуваше за притисоците кои ги имал во врска со вработувањата и унапредувањата на одредени личности.
Судењето продолжува утре.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.