/ Прочитано:

1.216

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Јадранка Косор тврди дека не знаела ништо за т.н. црн фонд на ХДЗ

Вторник, 3 јули 2012На клупата за сведоци денеска седна Јадранка Косор, некогашната најверна соработничка и наследничка на Иво Санадер. Косор која до неодамна беше претседател на ХДЗ,  тврди дека не знаела ништо за т.н. црн фонд на партијата.

Рочиштето почна со прашања од страна на Обвинителството. Јадранка Косор најпрвин го објасни својот статус во ХДЗ во времето на Санадеровото претседателување, односно кажа дека била заменик претседател, а со тоа и член на Претседателството на ХДЗ. Додаде дека Санадер бил тој кој што исклучиво ги свикувал седниците на Претседателството, додека точки на дневен ред предлагале членовите со тоа што одлуките ги носел претседателот, што спред неа е нормална пракса која подоцна и таа ја применувала. 

Она што Бранко Бачиќ го кажа на вчерашното сведочење, во врска со материјално-финансиските работи на партијата , Косор денеска го потврди.

>> До неодамна генералниот секретар на ХДЗ, призна дека во УСКОК предал голема сума пари (02.07.2012)

  •  Материјално-финансиските работи треба да ги води Претседателство и спрема статутот треба да носи финасиски извештај. Во периодот од 2003 – 2009 година не можам да се сетам дали Претседателството носеше такви одлуки, бидејќи кога го презедов управувањето, јас и генералниот секретар се обидовме да најдеме некој записник, но неуспешно. Во средината на 2009 година го воведовме во пракса ова, појасни Косор.

Во понатамошното сведочење таа додаде дека понекогаш носеле некои одлуки поврзани со финасиите на ХДЗ, но главно за се работело за донациите на партијата. На прашање на обвинителството дали на седница се разговарало за финансирање на медиуми, Косор децидна го негираше тоа. Во врска со пејачите кои пееле за време на кампања, рече дека мислела дека оние кои се членови на ХДЗ пееле бесплатно, а не по астрономски суми како што се наведува во обвинението и во исказот на дел од обвинетите кои ја признаа вината. Не знаеше да одговори ниту во врска со БМВ-то кое наводно било купено од овој црн фонд, ниту пак за некакво финасирање на Босанската ХДЗ.

За сумата на пари (2 милиони куни и 300.000 евра) кои генералниот секретар Бранко Бачиќ на вчерашното рочиште кажа дека ги предал во УСКОК, Косор рече дека никогаш не ги видела тие пари, но знаела дека истите ги донел поранешниот благајник Младен Баришиќ, (второбвинетиот во „Фими медиа“, кој ја призна вината). Како и Бачиќ, Косор вели дека парите решиле да ги предадат во УСКОК откако во медиумите почнало да се пишува дека има нешто сомнително околу нив.

  •  Морам да кажам дека парите никогаш не сум ги видела. Во  партијата ги донесе Баришиќ и рече дека тоа се пари од донации. Откако медиумите почнаа приказна дека постојат некои сомнежи во врска со парите, ние кажавме дека тие пари постојат и дека сакаме да ги предадеме. По предавањето на парите, за тоа не се разговараше. Со овој памет денеска, и искуство, би предложила тие пари да се уплатат на сметка на  буџетот или да се вратат на донаторите.
Во продолжение, испитувањето го презеде одбраната на Санадер. Адвокатот Чедо Продановиќ и предочи на Косор дел од исказот на Баришиќ даден во истрага. Во исказот стои дека, денот кога Санадер дал оставка ги викнал него (се мисли на Баришиќ) и Косор на состанок и им рекол дека Баришиќ има некои пари и дека изборите не се добиваат со легалнo собрани пари. Според тврдењето на Баришиќ, Санадер им рекол – две третини од парите под маса, а една третина над маса“, што е во спротивност со исказот на Косор. Косор го дематираше ова велејќи дека на тој ден дознала дека треба да ја преземе премиерската функција, но не и дека разговорот идел во правец како што тврди Баришиќ. Наводно доколку тоа било така,  знаејќи се себе си сигурно ќе го прашала Санадер, што му значи тоа над маса, под маса. На прашање на адвокатот на ХДЗ, Даворин Будин дали партијата имала потреба од ваков црн фонд, Косор рече дека партијата имала доволно средства од легални приходи, односно дека ваков фонд навистина не бил потребен.

По завршување на рочиштето Санадер и неговата одбрана за новинарите изјавија дека се задоволни од сведочењето на Косор. Следната главна расправа е закажана за 9 јули, за кога е предвидено да сведочи Бјанка Матковиќ, која меѓу другото е позната како  некогашен шеф на кабинетот на Иво Санадер.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето. >> Прочитај повеќе за предметот.