СУДЕЊЕ „Калдрма“: Телевизор и прасиња за шефот, како подарок, а не мито
Вторник, 24 јули 2012 – Со брзо темпо, за два дена скоро половина од 86 обвинети се изјаснија пред судот. Некои од нив ја признаа вината, некои во детали објаснија кому, каде и колку пари давале за нивна прераспределба на фреквентните патарини.Тројца од обвинетите раскажаа дека му купиле телевизор на заменик раководителот, но никој директно не посочи дека подарокот е мито. Сите обвинети имаа забелешки на бројот на смените и бројот на луѓе кои работеле во една смена, наведени во обвинителниот акт. Негираат дека работеле по две смени.
Обвинението по овој предмет е напишано на 400 страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три и пол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северо-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека првите двајца обвинети го осмислиле планот и ги организирале останатите обвинети. Поголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор. Според обвинителниот акт тие ја оштетиле државата за 1,8 милиони евра така што на патниците им издавале лажни фискални сметки и парите оделе во приватни џебови.
>> Предметот за случајот „Калдрма“ проследете го тука.
Тек на рочиштето
15:05 – Вклучувајќи го и денешното рочиште, досега пред судот се изјаснија 37 обвинети. Ако судијата го задржи ова темпо, се очекува распитот на сите 86 обвинети да заврши до петок. Судењето продолжува утре во 10 часот.
15:00 – Судијата за час и половина ислуша уште 11 обвинети кои останаа на исказот даден во истрага. Неколку од нив дадоа мало дополнение со коментар за големиот број на смени опишани во обвинението.
13:40 – Откако заврши обвинетиот Дуковски, на ред дојде следен инкасант, обвинетиот Горан Спасовски кој сакаше да остане на исказот даден во истрага. Во судницата адвокатите дигнаа врева бидејќи судијата Ѓоко Ристов не сакаше да му го прочита исказот, опоменувајќи ги дека тие досега имале можност за увид во списите да се запознаат со исказите на сите обвинети, но не го сториле тоа, бидејќи се надевале дека процесот ќе се одложи за септември. На ова дел од адвокатите бурно изреагираа со коментари дека судијата не е надлежен да го цени нивниот труд, ниту тој смее да дава проценка колку се тие спремни.
13:30 – Обвинетиот Владимир Дуковски ја призна вината. Кога се вработил најпрвин немал никаков контакт со првообвинетиот, но подоцна тој го повикал и му побарал 3000 евра за да не го премести на друга патарина. Се договориле со Дуковски да му плати на три рати по 1000 евра. Освен овие пари, обвинетиот Дуковски плаќал по 500 евра за тековно работење. Тој ја објасни соработката со изработувачот на лажните сметки, како што вели, му плаќале по 1000 денари од инкасант во смена, а тој ги снабдувал со сметки. Инкасантите му давале хартија на изработувачот која што била складирана во просториите на ЈП „Македонија пат“.
13:25 – Обвинетиот Зоран Арсовски рече дека никогаш не работел прва и втора смена едно по друго во месец јули, 2011 година. Наведе дека, 80% од набројаните инкасанти во обвинението, не ги познава ниту пак контактирал со нив.
13:15 – Обвинетиот Зоран Илиевски рече дека не е возможно да работел толку смени како што пишува во обвинението. Според него не бил точен, ниту бројот на инкасанти кои работеле во една смена. Секогаш во кабините имало најмногу по 5 инкасанти, а не по 3-ца, како што тврдело обвинителството. Тој негираше дека му дал пари на второобвинетиот Бобан Попкрстевски. Додаде дека никогаш на смена не се задржувал повеќе отколку што му било работното време.
13:10 – Обвинетиот Горан Митровски, рече дека никогаш не работел по 24 часа, и за него наводите во обвинението се невистинити. Призна дека заедно со уште двајца обвинети му го купиле телевизорот на заменик раководителот, второобвинет Бобан Попкрстевски, но како што вели тоа го направил затоа што Бобан му помогнал кога му било најтешко.
13:05 – Обвинетиот Марјан Јованов имаше сличен исказ со исказите на претходните обвинети. Не му беа јасни наведените смени во обвинението, според него е невозможно некој да работел по две, па дури и по три смени, како што пишува во обвинителниот акт. Ја негираше кривичната одговорност тврдејќи дека ниту земал, ниту давал пари на некого.
13:00 – Обвинетиот Селман Белилу, на судот му ја објасни неговата работа како инкасант. При пристигнувањето во кабината, вели дека си ја внесувал својата шифра и лозинка. Според неговото тврдење, на крајот на смената уредно ги предавал парите на сменоводителите. Кон ова, додаде дека Понекогаш останувал подолго од својата смена за да ги замени колегите. Ги отфрли обвинувањата, негирајќи дека знае за пари што биле наменети за прераспределбата на инкасантите на патарините.
12:53 – Обвинетиот Горанчо Трајковски, инкасант во ЈП „Македонија пат“ категорично ги отфрли делата коишто му се ставаат на товар. Вели дека немал средби со раководството, ниту било каква поврзаност со првообвинетиот. Спомена дека се видел со обвинетиот Рабит Дидрани, но средбите според него биле приватни, никогаш не си давале пари, ниту пак зборувале за работата.
12:37 – Обвинетиот Моме Петковски кој работел како инкасант ги негираше обвинувањата, објаснувајќи му на судот дека никогаш не врбувал луѓе за да се приклучат на некоја наводна злосторничка група. Вели дека не давал лажни фискални сметки. Слушнал муабети од колегите дека му давале пари на заменик раководителот, но додаде дека тој не дал никакви пари бидејќи му е сват на второобвинетиот, заменик раководителот Бобан Попкрстевски. Во неколку наврати тој го почестил обвинетиот Попкрстевски со неколку прасиња, но на судот не му образложи дали честењата биле за да остане на патарината на која што работел.
12:00 – Пауза до 12:30 часот.
11:50 – Обвинетиот Игор Ристовски кој бил сменоводител на инкасантите, рече дека му купил телевизор на заменик раководителот, немал обврска да го стори тоа, но сепак го направил. Не објасни од која причина го купил телевизорот. Вели дека никогаш лично не побарал прераспределување на смени и дека никој од него не побарал пари. Спротивно на наводите на обвинтелството, Ристовски тврди дека во смена работеле по пет лица, а не тројца како што пишува во обвинителниот акт. Додаде дека не сторил никакво кривично дело.
11: 45 – Обвинетата Менка Славевска, видно разочарана од изјавите на нејзините колеги дадени во истрага, побара да се соочи со нив. Славевска, негира дека учествувала во некаква злосторничка група, или пак дека истата постои. Потенцираше дека секогаш работела според Правилникот на ЈП „Македонија Пат“.
11:20 – Обвинетиот Дејан Митев негираше дека е член на некаква група. Вели дека ниту давал, ниту примал некакви пари.
11:15 – Сведокот во „Змиско око 1“, Оливер Велиновски кој денеска седи на клупата за обвинети, рече дека му дал пари на заменик раководителот, но одби детално да објасни за која намена биле парите.
10:57 – Обвинетиот Александар Аргировски рече дека не ги познавал обвинетите, негирајќи дека бил дел од злосторничка група. Ги потенцираше смените во обвинението, според него истите биле непостоечки.
10:42 – Обвинетиот Љубе Величковски, емотивно, со насолзени очи, ги отфрли делата за кои се товари. „Јас сум одличен работник и инкасант, не сум вршел врбување на луѓе, не сум земал мито, ниту сум контактирал со другите обвинети, освен со заменик раководителот со кој сум играл приватно фудбал“, наведе Величковски. Објасни дека пропуштал само возила кои спред закон се ослободени од плаќање на патарина.
10:30 – Обвинетиот Зоран Велков рече дека работел според Правилникот на ЈП „Македонија Пат“. „Не сум сторил злосторничко здружување. Ниту сум правел, ниту употребувал лажни исправи. Јас сум инкасант, не сум влијаел при изготвување на распоредот“, рече Велков.
10:25 – Рочиштето го отвори деветтообвинетиот, Елмаз Елмази. Елмази во својот исказ наведе дека оставал по 500 денари на крај на смена во книгата за дневни настани. Вели дека не се чуствува виновен, тоа било принцип на работа на куќата. Негираше дека некогаш платил за да го префрлат на друга патарина. Бил запознаен дека Драгиша Калемџиевски кој ја призна вината, ги изработува фискалните сметки и им ги носи во кабините, но како што вели тоа никогаш лично не го видел.
10:22 – Рочиштето започна, условите за одржување на главен претрес се исполнети. За разлика од вчера, на денешното рочиште се осеќа помалку нервоза кај присутните во судница. Просторот во судската сала, денеска доволен за сите заинтересирани за следење на главниот претрес.