/ Прочитано:

1.649

СУДЕЊЕ „Керозин“: Проговорија првите сведоци на Обвинителството

Среда, 11 септември 2013 – Откако на изминатите три рочишта сите обвинети ја дадоа својата одбрана, денеска во судница проговорија првите шест сведоци на Обвинителството. Одбраната на обвинетите реагираше на исказот на секретарот на Општина Куманово која тврди дека „Алма комерц“ доставувала помали количества нафта од предвиденото. Според адвокатот Панче Нефтенов, се работи за инструиран сведок.

Предметот за акцијата „Керозин“ опфаќа вкупно 16 лица кои се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп. Освен Ангел Пецов, неговата сопруга и син, обвинението ги опфаќа и сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачателите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените иституции – котлари, домари и сл., кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките. Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.

Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.

Се калкулира со бројка од 160 оштетени јавни институции, меѓу кои Владата, Царинската управа, УЈП, министерства, општини, здравствени установи, градиники. Според наводите на МВР, Буџетот бил оштететен за   речиси два и пол милиони евра.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Teк на рочиштето

14:15 – Судскиот процес, и во петок, 13 септември во 12.00 часот, ќе продолжи со распит сведоци.

13:40 – Адвокатот на четворицата возачи на цистерните, Мирослав Вујиќ побара од судскиот совет да ја преиспита мерката притвор за неговите клиенти и да ја замени со поблага мерка со оглед на тоа дека предметот се наоѓа во фаза кога обвинетите не можат да влијаат врз сведоци. Инаку сите обвинети, освен еден, веќе го минуваат десетиот месец во притвор.

13:15 – Пред судскиот совет, последен за денеска во улога на сведок зборуваше хаузмајстор во основно училиште во Општина Чаир. Сведокот објасни дека од директорот на училиштето бил назначен да биде дел од комисијата која ќе ги прима порачаните количества нафта. За обвинетиот Муарем Хоти рече дека го познава како претставник од Општината. Сведокот посочи дека во еден наврат кога за многу кусо време им снемало нафта, се посомневале дека имаат проблем со резервоарот во училиштето. 

13:05 – Сведокот, вработена како секретар на Општина Куманово тврди дека имало неправилности при испораката на нафтата од „Алма комерц“, односно количините не се поклопувале со оние кои се предвидени со договорите за јавни набавки. Како што објасни сведокот, се работело за количини од 60 до 80 тони нафта кои биле распоредени по различни цистерни, а биле испорачувани до основните и средните училишта во Општина Куманово, па оттука не може да знае во која цистерна колкав недостаток имало за на крајот да се утврди дека  недостасувале цели 10 тона.  

На исказот на сведокот реагираше адвокатот Панче Нефтенов

„Сметам дека станува збор за инструиран сведок“, рече Нефтенов додавајќи дека сведокот никогаш не присуствувал на мерење на нафтата.

12:42 – Четврт денеска во улога на сведок, зборуваше лице кое е  референт во Општина Кисела Вода. Како што рече сведокот, во 2012 година само еднаш бил дел од комисијата која ги примала нарачаните испорачките нафта од „Алма комерц“, откако за тоа бил назначен од тогашниот градоначалник Марјан Ѓорчев. Во овој еден наврат, комисијата забележала дека цистерната која им ја донела нафтата, а со која потоа се упатиле на мерење за целото време немала регистерска табличка на задниот дел. Наведе дека не се сеќава дали имало разлики во испорачаната и предвидената количина. Сведокот појасни дека истата година, 2012, имал средба со тогашниот градоначалник Ѓорчев, кој му соопштил дека претходната година било потрошено многу големо количество нафта, а не се знаела причината за ова, па затоа најмил експерти кои ќе ја проверат следната испорака. По ова, како што рече сведокот, експертската фирма која била најмена, утврдила дека има неправилности со нафтата, па по нивна препорака Општината не ги примила испорачаните количества од „Алма комерц“. 

12:35 – Третиот сведок, хаузмајстор во охридско основно училиште, објасни дека бил дел од комисијата која ја примала нафтата. Според неговите кажувања се’ било во ред со испорачките нафта кои ги мереле со шипка. Не можеше да ги препознае возачите на цистерните меѓу обвинетите.

12:25 – Пред судскиот совет во улога на сведок пристапи директор на основно училиште во Тетово. Како и претходниот сведок и тој остана во целост на исказот даден во истрага. Појасни дека имал комуникација со возачите кој ја испорачувале нафтата, а како што рече се познавал и со обвинетиот Љупчо Пецов. Како што наведе сведокот, количествата на нафтата кои биле испорачувани биле секогаш „отприлика“ спред  предвиденото.

12:20 – Oткако судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети, прв сведочеше раководителот на Секторот за финансии во Општина Чаир. Сведокот остана во целост на исказот даден во истрага. На прашање на судскиот совет, потврди дека го познава обвинетиот Мухарем Хоти како колега од Општината, но не знаеше да каже кој му бил директно претпоставен.

12:15 – Главниот претрес стартуваше со доцнење од цели два часа бидејќи се чекаше на спроводот на од КПУ „Идризово“ на еден од обвинетите кој служи затворска казна за друго дело.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)