/Прочитано:

869

СУДЕЊЕ „Метастаза“: Процесот се развлече, еден обвинет не се појави во судницата

Среда, 5 септември 2012 – Иако на видик беше пресудата за докторите  и службениците од ПИОМ, процесот при самиот крај се развлече. Со прифаќањето на новите докази, предметот се врати во доказна постапка. Настана забуна во судницата откако судијата забележа дека во судницата не се присутни обвинетиот Љупчо Бутевски и неговиот адвокат Миле Петровски. Остана нејасно каде е Бутевски и дали адвокатот го известил судот за неговото отсуство. 

Според обвинението по предметот за случајот Метастаза, доктори и службеници од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и нивни посредници, за пари им посредувале на барателите на пензии да се стекнат со правото на користење на инвалидска пензија. Членовите на лекарските комисии и посредниците наводно барале од 1500 до 4000 евра. За секој барател сумата била различна во зависност од тоа каква документација треба да се извади. Групата дејствувала 2 години, а докторите и посредниците наводно заработиле 165.000 евра и го оштетиле Фондот на ПИОМ за 53.000 евра.

Повеќе за предметот може да прочитате тука.


Тек на рочиштето

10:50 – Судијата повторно влезе во судијата, на кратко соопшти дека следното рочиште го закажува за 24.09.2012 година во 10 часот. Присутните ја напуштија судницата прашувајќи се што се случува со обвинетиот Бутевски и неговиот адвокат. На денешното рочиште никој немаше одговор дали го видел или знае каде се наоѓа Љупчо Бутевски.


10:40 – Пауза од 10 минути.


10:30 – Судијата влезе во судницата, откако даде пауза од 10 минути повторно излезе, но не дозволи никој да ја напушти салата. Настана паника и сомнеж дека нешто се случува. Дел од адвокатите забележаа дека во судницата не е присутен четврто обвинетиот Љупчо Бутевски и неговиот адвокат Миле Петровски. Повеќето прашуваа каде е обвинетиот, но никој гласно не даде одговор.


10:20 – Пауза од 10 минути.


10:15 – Судот донесе решение, предложените докази од одбраната да бидат изведени, а со тоа главниот претрес се врати во доказна постапка. Откако судијата решението го стави на записник, заедно со обвинителот ја напуштија судницата. За време на нивното отсуство од 10-тина минути, обвинетите и адвокатите имаа време за раскажување на импресиите од летотото. Пауза од 10 минути.

10:10 – Откако судијата ги прочита обвинетите и адвокатите, утврди дека се исполнети сите услови за започнување на главниот претрес, судењето почна.