/ Прочитано:

1.088

Судење „Монструм“: ДНК на првообвинетиот пронајдена во црвеното возило „Опел омега“

Петок, 8 февруари 2013 – На денешното рочиште беа изведени писмените докази на обвинителството при што се утврди дека ДНК трагата што е пронајдена во црвеното возило „Опел омега“ се поклопува со ДНК на првообвинетиот Алил Демири кој е во бегство. 

Aлил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на  на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство, им се суди во отсуство.

Согласно наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот  момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

14:50 – Главниот претрес ќе продолжи на 13.02.2013 во 10 часот за кога е предвидено докази да бидат изведени од страна вештите лица.

13:25 – По паузата, постапката продолжи со изведување на писмените докази. Одбраната и обвинетите мирно слушаа како се изведуваат доказите, останаа без приговори и забелешки. Меѓу доказите имаше вештачење за муниција, фотографии од возилото „Опел омега“, фото документација направена на 01.05.2012 со вкупно 53 фотографии од куќата на обвинетиот Сејди Рами. Од фотографиите се гледаат 2 компјутери кои се во сопственост на обвинетиот Рами. Од фотографиите направени во куќата на обвинетиот Фејзи Азири, се гледа лаптоп, уште еден компјутер, фотографии со религиски моменти напишани со арапски букви, за кои обвинетиот појасни дека тоа се урамени молитви. Во домот на обвинетиот Хаки Хазири се гледа неговиот камион, компјутер и внатрешноста на куќата. Од куќата на првообвинетиот Агим Исмаиловиќ  направени се 74 фотографии, на нив се гледа компјутер, визит карта на адвокатот Насер Рауфи оставена на маса, мобилни апарати, сим- картички, зелено знаме со сабја. Судијата го праша обвинетиот што претставува знамето.

„Тоа значи дека Господ за нас Алах е еден, а исто така и пророкот Мухамед е еден, нема друг“ одговори обвинетиот Исмаиловиќ во врска со зеленото знаме, во однос на сабјата дополни дека таа е испечатена фабрички и не знае што претставува.


13:00 – Пауза од 20 минути. По паузата, главниот претрес ќе се продолжи со изведување на докази.


11:35 – Се изведуваат писмени докази предложени од обвинителството, меѓу кои: записник од лице место каде се пронајдени телата, чаури и проектили, записник за траги на предмети од лице место, отпушоци од цигари, возило Фиат Уно, телефонски апарат Сони Ериксон, скица од увид на лице место, фото-документација од која 156 фотографии каде се гледа положбата на телата, парчиња ткиво, траги од крв.   Во продолжение се утврди дека ДНК на обвинетиот Алил Демири кој е во бегство се поклупува со ДНК најдена во возилото „Опел омега“ кое полицијата го најде во непосредна близина на местото на убиството. 

Кога на ред дојде изведувањето на листата на појдовни и дојдовни повици на телефонските апарати што се запленети од обвинетите, одбраната настапи со приговори, а обвинителството реплицираше околу 1 час.

Адвокатот Митко Солаков побара да се најде кон кого биле насочени повиците и обратно што се наоѓаат во апаратите на обвинетите, а не само да се кажуваат телефонските броеви.

Адвокатот Насер Рауфи се приклучи на приговорот барајќи да се селектираат само повиците кои се поврзани со кривичното дело. На ова, обвинителот Гордана Гешкоска се спротистави наведувајќи дека телефонските контакти не се селектирани бидејќи како што рече ако го сторела тоа ќе настанело селекција на докази, а според ЗКП до судот доказите се доставуваат во оригинална верзија. Судскиот совет донесе решение со кое се отфрли приговорот на одбраната, бидејќи ќе ја ценел доказната вредност на доказите.

Во продолжение меѓудругото се изведуваа и книги напишани на албански јазик со верска содржина кои се во сопственост на обвинетиот Аѓим Исмаиловиќ. На ова Исмаиловиќ се спротистави велејќи дека е навреден зошто му ја одзеле литературата бидејќи тоа што го поседувал не претставувало кривично дело.

11:30 – Обвинетите пристигнаа од притвор. По час и половина доцнење, старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.

10:37Иако рочиштето требаше да стартува во 10 часот, поради лошите временски услови оттежнато е спроведувањето на обвинетите од притворот во Битола и Прилеп. Се очекува главниот претрес да стартува подоцна, односно најрано за еден час.