/ Прочитано:

1.387

СУДЕЊЕ „МОНСТРУМ“: Зборуваа сведоци на Обвинителството, роднините на обвинетите прашуваат дали се дел од политички пазар

Вторник, 30 април 2014 –  Поранешниот и актуелниот сопственик на возилото од марката „Мерцедес“ чии што регистерски таблички беа најдени на опелот, со кој според обвинението се превезувале обвинетите по убиството, денеска пред судот зборуваа во улога на сведоци на Обвинителството. Сведокот во чие сопствеништво е мерцедесот, тврдеше дека не знае кога му биле украдени табличките. Предметот е во завршна фаза. Според роднините на обвинетите, во текот на постапката не се докажало дека тие се виновниците. Тие прашуваат дали се дел од некаков политички пазар. 

Судскиот процес продолжи со распит на сведоци на Обвинителството. Станува збор за поранешниот  и актуелниот сопственик на возилото од марката „Мерцедес“ чии што регистерски таблички беа најдени на oпел омегата со која според обвинението се превезувале обвинетите по убиството и која беше најдена на местото Вражји Вир.

 Првиот сведок во чија сопственост било возилото од 1989 година до 2005, по што му го продал на денешниот втор сведок, рече дека се обвинетите не се познава. Појасни дека возилото и по продажбата се водело на негово име и дека досега нема извршено пренос на актуелниот сопственик. Според неговите зборови, возилото било во исправна состојба кога го продал и ги имало двете регистерски таблички.

Судот му предочи фотодокументација од возило за која тој потврди дека се работи за истото возило.

Вториот сведок, во чие сопствеништво моментално е мерцедесот, потврди дека возилото го купил од претходниот сведок. Тој исто така рече дека не ги познава обвинетите.

Сведокот раскажа дека кога го купил автомобилот бил регистриран и дека на него биле двете регистерски таблички. По една година, како што рече, автомобилот бидејќи не било во возна состојба не го регистрирал и 5 – 6 години го чувал во близина на неговиот сервис за автомобили лоциран околу пластичарската улица, се додека од Општината не добил наредба да го премести. Според неговиот исказ, по ова мерцедесот бил преместен го преместил на паркинг кој се наоѓал кај хангарите на ЗИК „Скопско Поле“ на патот кон с. Арачиново.

Сведокот тврдеше дека не знае  кога му биле украдени регистерските таблички –  пред или по преместувањето . 

На денешното рочиште, по барање на одбраната, како доказ беше изведен и допис од Царинската Управа во врска со опелот. Според известувањето од Царина не е регистриран влез на ова возило во Република Македонија.

Судскиот процес, кој се наоѓа е во завршна фаза, ќе продоложи на 9 мај во 10.30 часот.  Според роднините на обвинетите во текот на постапката не се докажала дека тие се виновниците, како и тоа дека се радикални исламисти.

„Приведени се како радикални исламисти, но не ги докажаа тие аргументи. Денеска е во мода некого да наречеш терорист, радикалист, исламист и со тоа моаже се да се покрие. Јас не знам дали сме дел од некаков политички пазар, но знам дека луѓето се невини“, изјави Бедри Ајдири брат на обвинетиот Фејзи Азири. 

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се обвинети за тероризам. Според Обвинителството, тие на 12.04.2012, Велики Четврток, со цел да влеат страв и несигурност кај македонското население, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. На обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири им се суди во отсуство. Тие се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје и се чека на нивната екстрадиција. При крајот на месец август, полицијата го уапси Сами Љута (28) под сомнение дека е дел од осомничената група осомничена за извршувањето на петкратното убиство.

>> Повеќе за предметот можете да прочитате тука. 

(Е.П / pavlovskae@akademik.com.mk)