/ Прочитано:

1.369

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: „Дечки, јас си идам“ — Љубе Бошкоски демонстративно ја напушти судницата

Среда, 17 септември 2014 –  „Дечки јас си идам, судете ми и мене во отсуство, не планирам да седам на овој циркус“, со овие зборови Љубе Бошкоски, денеска сред судење за случајот „Ровер“ стана и демонстративно ја напушти судницата, обвинувајќи ги  органите на прогонот  дека не си ја вршат работата. 

Според Бошкоски, Судот и Обвинителството не ги исполниле ветувањата и не ја запазиле правната постапка за проверка на сознанијата што тој ги споделил на минатото рочиште: дека првообвинетиот Предраг Чубрило е починат, а дека останатите двајца српски државјани на кои им се суди во отсуство, пак, воопшто не биле во државата кога се случило двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Според неговите информации, за време на убиството – едниот бил в затвор, а другиот надвор од Европа. Образложението на судијата беше дека не добиле информација од Интерпол, дека Чубрило не поминува низ евиденцијата на починати.

„Не треба да барате од Интерпол да ги најде, туку треба да се повикате на меѓународните договори кои Македонија ги има склучено и со Србија и со БиХ. Ова го барам бидејќи сме обвинети за помагање, па да се утврди на кого тоа сме помагале. “, рече Бошкоски.

Тој го потсети Судот дека е поранешен министер за внатрешни работи и дека оттука му е познато „како фунционираат работите во пракса“.

„Ако не се сака да се заврши одредена работа тогаш се работи паушално, колку да се работи. Не може новинар на „Вечер“ да го најде Предраг Чубрило, а да не го најдат надлежните служби“, истакна Бошкоски додавајќи дека Судот и Обвинителството  ги кршат Уставот, законите и меѓународните договори.

Со наводите на Бошкоски се сложија и бранителите.

„Оваа потерница на Интерпол е само алиби. Во услови кога ги имаме сите податоци за тие да се приведат, очигледно е дека органите на прогонот немаат интерес да го сторат тоа.  Македонија има склучено меѓународен договор со Србија со кој е постигната согласност да се испорачуваат сопствени граѓани. Во предметниот случај не е постапено согласно договорот бидејќи адресата на овие лица е позната. Во предметот не постои доказ дека од Министерството за правда е направен обид за нивно испорачување, ниту има допис од Србија дека овие лица се недостапни за органите на прогонот “, рече адвокатот Димитар Савовски.

По ова, поранешниот министер за внатрешни работи, револтирано движејќи се кон излезот од судницата повторно му се обрати на Судот:

„Не заборавајте власта е минлива и променлива категорија. Ова што го правите е срамно и ќе одговарате. Ќе дојдеме на власт ќе ве наредиме како шишиња и ќе ве судиме. Ова нема да се заборави“.

„Додека ние не видиме ‘црно на бело’, да се изразам како една колешка – „согласно Уставот и законите“,  јас и моите адвокати ќе ја напуштиме  судницата, а од Идризово со синџири  ќе треба да ме донесете.“

„Дечки јас си идам,  судете ми и мене во отсуство, не планирам да седам на овој циркус“ – рече Бошкоски и побара од затворската полиција да биде вратен во Идризово за што доби аплауз од неговите роднини и поддржувачи, кои исто така го следеа претресот.  

На судијата Илија Трпков  му порача „слободно да го казни со илјада евра или да му досуди уште една затворска казна“.

По напуштањето на судницата од страна на Бошкоски, следеше десетминутно советување по што рочиштето се одложи за 22 септември.

Апелација во април годинава ја укина првостепената пресуда со која Љубе Бошкоски беше осуден на 12 години затвор за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, како нејасна и неразбирлива. За двојното убиство, што се случи пред 13 години, со првостепената пресуда на доживотна казна во отсуство беа осудени првообвинетите, кои од Обвинителството се посочени како директни извршители, српските државјани: Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. За помагање исто така беа осудени: Зоран Трајковски, кој доби 10 години затвор; Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ кои добија по 8 години затвор, Гоце Митревски и Никола Негриевски кои добија по 6 години затвор.

Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk