/ Прочитано:

1.275

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Како човек и правник ја признавам судската власт, но не и ваков судски совет — Љубе Бошкоски

Среда, 24 септември 2014 – Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, и денешното продолжение на судењето за случајот „Ровер“, поради нарушување на редот и мирот го помина пред судница. Бошкоски, кој е обвинет за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи пред 13 години, им порача на членовите судскиот совет дека ќе завршат во „Идризово“. 

„Како човек и правник ја признавам судската власт, но не и ваков судски совет кој со секое свое постапување сѐ повеќе тоне во жив песок. Јас сум незауздан бунтовник, но сум бунтовник со причина и со ништо нема да му контрирам на судот. Но кога велам дека и вие ќе завршите во ’Идризово’, јас само се повикувам на „Евангелието по Матеј“ каде вели: Ќе ви биде судено, како што вие ним им судите! И вам ќе ви се суди со иста мера: праведно и под опсервација на јавноста, но ќе ви се суди на голем простор, бидејќи овие судници ќе бидат премали“,  изјави Бошкоски.

Тој уште еднаш побара од Судот да ги почитува праввните постапки и меѓународните договори. Според Бошкоски, Судот и Обвинителството не ги исполниле ветувањата и не ја запазиле правната постапка за проверка на сознанијата што тој ги сподели на едно од минатите рочишта: дека првообвинетиот Предраг Чубрило е починат, а дека останатите двајца српски државјани на кои им се суди во отсуство, пак, воопшто не биле во државата кога се случило двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Според неговите информации, за време на убиството – едниот бил в затвор, а другиот надвор од Европа. Образложението на Судот е  дека добиле информација од Интерпол, дека Чубрило не поминува низ евиденцијата на починати.

„Морам на целиов случај да му дадам и малку уметничка димензија, но овој ’Монти Пајтон’ од судење не сакам да го гледам. Ми носите некакви сведоци, а не оние кои треба да ги донесете“, рече Бошкоски противејќи  се и на денеска повиканите четворица сведоци против кои претходно беа повлечени обвиненијата поради недостаток на докази. По вербалната расправија со судијата, Бошкоски беше отстранет од судница, но доказната постапка продолжи.

За првпат, по две години судење, изведен пиштолот со кој наводно било извршено двојното убиство

За првпат, на денешното рочиште, како доказ беше изведен пиштолот со кој наводно било извршено убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Сепак, обвинетиот Ивица Ристиќ, истакна дека тоа не е пиштолот што бил оставен кај него, а подоцна и доставен во полиција. Имено, Ристиќ, досега пред судот има изјавено дека во 2001 година, веднаш по извршувањето на убиството, во неговата кафеана дошла една група на луѓе кои оставиле пиштол „црвена застава“ и му рекле да го фрли. Но, тој подоцна го дал пиштолот на неговиот зет, кој, пак, го однел во полиција. Денеска Ристиќ категорично тврдеше дека тоа не е истиот пиштол..

Одбраната реагираше зошто пиштолот, како еден од главните докази во процесот, дури сега во повтореното судење за прв пат се изведува како физички доказ.

На денешното рочиште беа сослушани и тројца сведоци, кои на првичното судење беа обвинети, но поради немање докази во фаза на завршни зборови  обвинението против нив беше повлечено. Сите тројца, како вработени во Одделението за сузбивање на организиран криминал при МВР, појаснија дека критичната вечер биле на лице место на убиството, бидејќи имале наредба да го следат Тушевски. Едниот од нив, бил дури и директен сведок на убиството.

„Преку улицата забележав повеќе лица кои се движат и тогаш видов дека Тушевски е упукан, по што му се јавив на мојот надреден да го известам што се случува. Тој ми рече да проверам на самото место да ли се работи за лицето Марјан Тушевски и јас се упатив. Кога стигнав, имаше толпа луѓе собрани околу лицето  и се обидов да дознаам што се случило. Се обидов да дознаам што се случува, гледав да не видам лице со фантомка, качулка…, но не видов. Единствено дознав дека се работи за Марјан Тушевски. Некои од лицата кои беа во толпата беа негова придружба, додека другите беа случајни минувачи“, раскажа тој.

Сите сведоци истакнаа дека никој не им вршел притисок да сокријат детали за тоа што го виделе на терен. Наведоа дека сѐ што виделе, раскажале на работното место кога се вратиле во базата. Обвинителството бараше да одговорат дали за конкретната ноќ направиле извештај, но тие не можеа да се сетат.

Скопска Апелација во април годинава ја укина првостепената пресуда со која Љубе Бошкоски беше осуден на 12 години затвор за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, како нејасна и неразбирлива. За двојното убиство, што се случи пред 13 години, со првостепената пресуда на доживотна казна во отсуство беа осудени првообвинетите, кои од Обвинителството се посочени како директни извршители, српските државјани: Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. За помагање исто така беа осудени: Зоран Трајковски, кој доби 10 години затвор; Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ кои добија по 8 години затвор, Гоце Митревски и Никола Негриевски кои добија по 6 години затвор. Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk