СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Љубе Бошкоски го бојкотираше и денешното рочиште
Понеделник, 22 септември 2014 – Облечен во тренерки, симболично демонстрирајќи го незадоволството поради, како што вели, непочитувањето на Уставот, законите и меѓународните договори од страна на органите на прогонот, Љубе Бошкоски и денеска го бојкотираше судскиот процес за случајот „Ровер“.
„Морав да дојдам бидејќи не сакав да се противам на управата на затворот и на обезбедувањето. Еве и самите гледате дека не сум подготвен, дојдов облечен во тренерки, бидејќи, баш кога дојдоа да ме земат, правев склекови. Иако сум тука, нема да дозволам циркусот да продолжи, па затоа додека вие зборувате јас ќе го реметам судењето. Ќе зборувам, ќе пеам…“, рече Бошкоски, кој минатиот пат демонстративно ја напушти судницата, обвинувајќи ги органите на прогонот дека не си ја вршат работата.
Според Бошкоски, кој се товари за помагање убиство, Судот и Обвинителството не ги исполниле ветувањата и не ја запазиле правната постапка за проверка на сознанијата што тој ги споделил на едно од минатите рочишта: дека првообвинетиот Предраг Чубрило е починат, а дека останатите двајца српски државјани на кои им се суди во отсуство, пак, воопшто не биле во државата кога се случило двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Според неговите информации, за време на убиството – едниот бил в затвор, а другиот надвор од Европа. Образложението на Судот е дека не добиле информација од Интерпол, дека Чубрило не поминува низ евиденцијата на починати.
Откако не го послуша судијата да не создава галама, Бошкоски беше отстранет од судницата поради нарушување на редот и мирот. На излегување, тој му порача на судијата Илија Трпков дека кога ќе му покажел кои се извршителите на двојното убиство, кога ќе ги види макар и на слика, тогаш ќе присуствува на судењето. Остатокот од рочиштето поранешниот министер за внатрешни работи го помина со полициска придружба во судскиот ходник.
Судот ги прифати барањата на одбраната на следниот претрес петмината обвинети против кои претходно беа повлечени обвиненијата поради недостаток на докази, да бидат сослушани во улога на сведоци. Барањето за повторно сослушување на утврдените сведоци, кои одбраната го побара поради промената на Судскиот совет, пак, беше одбиено.
Судењето продолжува в среда, 24 септември, со доказна постапка.
Скопска Апелација во април годинава ја укина првостепената пресуда со која Љубе Бошкоски беше осуден на 12 години затвор за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, како нејасна и неразбирлива. За двојното убиство, што се случи пред 13 години, со првостепената пресуда на доживотна казна во отсуство беа осудени првообвинетите, кои од Обвинителството се посочени како директни извршители, српските државјани: Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. За помагање исто така беа осудени: Зоран Трајковски, кој доби 10 години затвор; Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ кои добија по 8 години затвор, Гоце Митревски и Никола Негриевски кои добија по 6 години затвор.
Повеќе за предметот информирајте се тука.
Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk