ЗАВРШЕН ЗБОР Судење „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“: Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за10 милиони евра, наведе обвинителството и побара максимална казна за екс-премиерот
Среда, 14 ноември 2012 – Максимална казна од 15 години затвор побара обвинителството во своите завршни зборови за поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, а во врска обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“. Според обвинителството, Санадер е крив по сите точки наведени во обвинението. Екс-премиерот и поранешниот претседател на ХДЗ е обвинет за воено профитерство и злоупотреба на службена должност. „Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за 10 милиони евра“, рече обвинителката Вања Марушиќ, застапник на обвинението за случајот ИНА-МОЛ.
Завршен збор: „Хипо банка“
– „Несомнено се докажа дека Санадер ги извршил кривичните дела наведени во двата случаи, го почна завршниот збор обвинителката на УСКОК“, Тамара Лаптош.
Осврнувајќи се на првата точка од обвинителниот акт, односно случајот „Хипо банка“ со кој Санадер е обвинет дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993), Лаптош истакна дека се потврдило дека Санадер ја искористил својата положба и профитирал од војната. Инаку екс-премиерот е првата личност во Хрватска што е обвинета за воено профитерство. Обвинителството ова го оправдува со фактот дека за време на хрватската војна за независност, финасискиот пазар не ни постоел, каматите биле високи и било многу тешко да се дојде до кредит на меѓународниот пазар.
Спротивно на одбраната на Санадер, според обвинителството од исказите на сведоците може да се види дека Санадер ги водел преговорите за кредитот, иако на иницијатива на тогашниот министер за надворешни работи на Австрија, Алојз Мок истите ги започнал Мате Граниќ, министер за надворешни работи на Хрватска во тој период.
– „Речиси сите сведоци се согласуваат дека Мате Граниќ, како министер за надворешни работи, бил на една или две средби, и дека главен преговарач бил Иво Санадер“, рече Лаптош.
За разлика од Санадер кој во изнесувањето на својата одбрана рече дека УСКОК намерно не ја прибавиле понудата на „Хипо банка“ од 31 август 1994 година, зошто би била во негова корист, Лаптош потенцираше дека тоа не е точно. Според обвинителството од Министерството за надворешни работи им рекле дека им ја доставиле целата документација од архива, а тој документ не бил помеѓу истата што според Лаптош укажува на небитноста на документот за случајот.
Според обвинителството, провизијата Санадер ја примил на име на Еуген Лакс, високо позициониран масон со хрватско потекло, кој живеел во Бразил, припадник на ложите кои се гордееле со хрватската државотворност, кој го запознал во 90-тите. Според Лаптош, Санадер го искористил името на Лакс, кој во меѓувреме починал, и ја примил провизијата на негово име. (Во текот на досегашното судење, одредени медиуми го поставуваа прашањето: Дали Еуген Лакс бил само „подметната личност“ од страна на Санадер или пак неговата партија ХДЗ?)
Таа додаде дека сведоштвото на еден од управителите на „Хипо банка“ покажува дека Санадер побарал значително повисока провизија од осум отсто од износот на кредитот. Сепак, раководството на банката не се согласила, па така цената била намалена на пет проценти, што бил највисокиот лимит кој може да му се исплати на посредник во тоа време.
– „Да ја примил провизијата Лакс, Управниот одбор на банката сигурно ќе знаеше, но од исплатниците се гледа дека тоа не е неговиот потпис и дека провизијата не ја примил правиот Лакс“, додаде обвинителката Лаптош.
Лаптош се осврна и на бранителите на Санадер, кои во неколку наврати ги нарекоа наводите на обвинителството бајка.
– „Тие во неколку наврати рекоа дека наводите на обвинителството се бајка, епа очигледно некои бајки се реални“.
Имаше забелешка и на тоа што одбраната ги обвинила сведоците на обвинителството за лажење, а притоа сакале да викнат за сведок осудена „мадам“. (Се мисли на Марика Томљановиќ Кипријановски која има македонско потекло, а во Хрватска е позната како „Мадам“ од аферата за елитната проституција во Загреб. Томљановиќ Кипријановски тврди дека нејзиниот невенчан сопруг Драго Видаковиќ, лажно го теретел Санадер за делата кои му се ставаат на товар).
Завршен збор: „ИНА – МОЛ“
По Лаптош, со завршен збор продолжи обвинителката Вања Марушиќ, застапник на обвинението за случајот „ИНА – МОЛ“. Со обвинението за овој случај, Санадер се товари дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска. Крунски сведок на обвинителството беше Роберт Јежиќ, еден од најмоќните хрвастки бизнисмени и некогашен многу добар пријател на Санадер, кој во својот исказ наведе дека петте милиони евра исплатени на сметка на неговата швајцарска фирма, се дел од митото наменето за Санадер.
>> Санадер целосно ја даде својата одбрана, го отфли обвинението дека земал 10 милиони евра мито
– „Роберт Јежиќ експлицитно тврдеше дека 5 милиони евра биле мито за Санадер, а сведоците на одбраната – Фазекаш и Гуцериев кои требаше да го побијат овој исказ беа крајно неубедливи, па дури и исказите не им беа усогласени“, истакна Марушиќ.
Потсетуваме дека главен сведок на одбраната беше рускиот тајкун Михаил Гуцериев кој во својот исказ рече дека 5 милиони евра кои биле уплатени на сметката на швајцарската фирма се хонорар за Јежиќ наменет за лобирање околу проектот „Дружба Адриа“. Според тврдењето на Гуцериев, хонорарот за Јежиќ го уплатиле неговите кипарски фирми „Церома“ и „Хангарн Оил“.
Според Марушиќ, обвинителството докажало дека Санадер со Золт Хернади, управителот на МОЛ се договорил дека за 10 милиони евра, МОЛ ќе го преземе управувањето во ИНА, на сметка на Хрватска.
Второ, според обвинителството се покажало дека Санадер постапил во согласност со договорот, односно дека го искористил својот авторитет како премиер на Хрватска и ги прифатил условите по кои е потпишан договорот. Со ова според Марушиќ тој ја злоупотребил својата службена положба и потпишал договор штетен за Хрватска.
„Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за 10 милиони евра“, рече Марушиќ.
„Ако позади овие договори не стои мито, би можеле да зборуваме за неспособност и тоа би била политичка одговорност. Но ја знаеме позадината. Докажавме дека Санадер својата позиција ја искористил исклучиво за свои интереси и како заменик министер и како премиер. Затоа предлагам, Санадер да се прогласи за виновен и да му се изрече максимална затворска казна“, заклучи Марушиќ.
Максимална казна во вакви случаи согласно хрватскиот Кривичен законик е 15 години.
Судењето продолжува утре (15.11.2012), за кога е предвидено завршни зборови да даде одбраната.
Предметот за случаите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“ е првиот од низата корупциски предмети кои се водат против поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, кој наскоро ќе добие разрешница. Судскиот процес траеше околу една година.
>> Обединетиот предмет за случаите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“ проследете го тука.