/ Прочитано:

2.042

СУДЕЊЕ „ШПИОН“: Обвинетите ги дадоа завршните зборови, пресуда на 6 октомври

Петок, 19 септември 2014 – Со денешното изнесување на завршните зборови на обвинетите, заврши судскиот процес за првата македонска шпионска афера, кој траеше речиси 8 месеци. Скопскиот Кривичен суд, пресудата ќе ја објави на на 6 октомври. Обвинетите во своите завршни зборови побараа ослободителна пресуда. Најголемиот дел од нив тврдат дека се жртви на првообвинетиот, ексразузнавачот Марјан Ефремов, кој поради степенот на доверливост изнесените информации, завршниот збор го даваше зад затворени врати за јавноста. 

Обвинетите кои се товарат за шпионажа денеска во своите завршни зборови уверуваа дека не биле дел од злосторничка група која собирала и доставувала до странски разузнавачки служби информации за радикален исламизам, за изборите и политичките случувања во земјава и за поставеноста на безбедносните служби. Тврдеа дека никогаш не би работеле против интересите на Република Македонија.

„Јас не сум бил припадник на злосторничко здружување, а уште помалку организатор“, рече второобвинетиот Иџет Абди. Наведе дека во критичниот период работел во Агенцијата за разузнавање, но како што рече „на капија“, па оттука немал пристап до класифицирани документи.

„Обвинетите немале интерес од мене и не можеле да добијат информации од мене“, истакна второобвинетиот.

Обвинетиот Благоја Цветановски, пак, наведе дека работел исклучиво за интересите на воената служба, но дека Ефремов го злоупотребил неговото име за што добил и јавно извинување во судница.

„Го прифаќам јавното извинување на првообвинетиот за злоупотреба на моето име и презиме во извештаите најдени во неговиот компјутер. Не сум бил дел од никакво злосторничко здружување, ниту сум собирал и предавал информации на странски разузнавачки служби, туку само на моите претпоставени“, рече тој.

Насковски: Сведочењето на Минчо Јорданов е срамно!

Обвинетиот Миќо Насковски, ексдиректор на АД „Бетон“, повремено цитирајќи делови од Библијата, во целост го отфрли обвинителниот акт, истакнувајќи дека не се докажало дека бил дел од злосторничко здружување. 

Насковски тврдеше дека никого не ставал во заблуда во однос вредноста на, како што рече, фамозната“ плочка која како директор на АД „Бетон“ ја добил по заслуга. Имено, оштетен во случајот – воедно кум на обвинетиот Марјан Маџовски, тврдеше дека на обвинетиот Ефремов му дал 380.000 денари за отворање сметка во швајцарска банка по продажбата на плочката за која, како што сведочеше, бил уверуван од обвинетите, меѓу кои Насковски, дека странски разузнавачки служби биле спремни да платат дури 60 милиони евра.

„Јас сум жртва на аферата „Шпион“. Никогаш не сум знаел дека Марјан Ефремов ме снимал. Исказот на сведокот и наводно оштетен е невистинит“, рече Насковски.

Тој ги отфрли и наводите дека го уценувал бизнисменот Минчо Јорданов, оценувајќи го неговото сведочење  како срамно.

„Сведочењето на најмоќниот човек во државата можам да го оценам како срамно, непотполно и невистиното“, рече Насковски.

Стојков тврди дека е жртва на лица од МВР, Цветанов на Зоран Божиновски

Поранешниот генeрал Горан Стојков, кој се товари за изнуда, злосторничко здружување и нелегално поседување на оружје, во својот завршен збор наведе дека е наместен од припадници на МВР.

„Пиштолот кој е најден кај мене е предмет на прекршочна постапка, а запленетата муниција е службено задолжена. Сметам дека намерно сум дел од овој обвинителен акт за да ми се наштети на угледот. Сето ова ми е наместено од припадници на МВР од лични и политички причини“, изјави тој.

Шефот на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ, Марјан Маџовски, наведе дека бил жртва на Марјан Ефремов,  кој, како што рече, го уценувал и му се  заканувал лажно претставувајќи му се како вработен во Агенцијата за разузнавање.

Наведувајќи дека се точни наводите против него во обвинението, обвинетиот Слободан Милошевски, поранешен возач на генералот Стојков, само кратко рече: „Не сум повеќе, ниту физички ниту психички истиот кој бев во 2001 година“.

Обвинетиот Влатко Стаматовски и во завршниот негираше дека за паричен надомест, од Архивот на Македонија вадел документи, односно досиеја на лица кои подоцна биле уценувани.

Ексдиректорот на Агенцијата за спречување перење пари, обвинетиот Ване Цветанов, рече дека неговото вмешување во овој случај се должи на злоупотребата на новинарската професија од страна на Сашо Денесовски и Зоран Божиновски.

„Благодарение на Господ и на моето семесјство, беше донесен сведок кој го поби сведочењето на Денесовски“, рече Цветанов.

Божиновски, кој исто така е обвинет во овој предмет, но се наоѓа во естрадициски притвор во Нови Сад, го нарече измамнник.

„Откако одбив да му ги авторизирам сознанијата кои  подоцна ги објави на неговиот портал ’Буре весник’ и одбив да му дадам и интервју за неговите тези за загинувањето на Тоше Проески, тој ми се закани со одмазда“, наведе Цветанов,  додавајќи дека два меила биле сосема доволни за негова дискредитација.

Дел од обвинетите, тврдејќи дека се невини, во целост останаа на завршните зборови на своите бранители.

Својот завршен збор единствено не го даде обвинетиот Зоран Костадиновски, за кого денеска поради сериозно влошена здравствена состојба, постапката беше раздвоена. 

Обвинителката Лиле Стефанова во својот завршен збор даден во месец јули, побара сите деветнаесетмина обвинети да бидат прогласени за виновни.

За шпионажа – затворски казни до 10 години

Шпионажата спаѓа во кривичните дела против државата и се предвидени казни кои варираат и до 10 години затвор.

„Тој што државната тајна ќе ја соопшти, предаде или ќе ја стори достапна на странска држава, организација или на лице што им служи, ќе се казни со затвор најмалку четири години“, стои во ставот 1 за ова кривично дело. Понатаму во ставот 3 стои: „Тој што ќе стапи во странска разузнавачка служба, ќе прибира за неа податоци или на друг начин ќе ја помага нејзината работа, ќе се казни со затвор од една до десет години.“ Инаку како државна тајна се сметаат податоците или документите што со закон или со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се е прогласени за државна тајна и чие откривање имало или можело да има штетни последици за политичките, економските или за воените интереси на Македонија.

Судскиот процес за првата македонска шпионска афера започна на 27-ми јануари. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба.

Меѓу обвинетите се и новинарот Зоран Божиновски и Борис Перков, но тие не  беа дел од судскиот процес бидејќи за нив беше прекината постапката додека не станат достапни на органите на прогонот. Божиновски, веќе неколку месеци е во екстрадициски притвор во Нови Сад. Доказниот материјал за него е испратен, но српските власти сѐ уште не одлучиле дали ќе го испорачаат или не. Перков, пак, беше екстрадиран од Чешка пред неколку месеци, но само за делото злосторничко здружување. Моментно се чека дали Чешка дополнително ќе одобри да му се суди шпионажа.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk