СУДЕЊЕ „ШПИОН“ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОДБРАНАТА: Обвинителството не презентираше докази
Среда, 20 август 2014 – Oбвинителството не презентирало ниту еден доказ дека обвинетите се договарале и формирале злосторничко здружување, a Ване Цветанов не бил припадник на никаква злосторничка група, ниту, пак, се договарал со обвинетите. Ова во завршните зборoви го истакнаа бранителите на дел од обвинетите во „Шпион“.
Насер Рауфи, адвокат на Ване Цветанов рече дека обвинителството не презентирало ниту еден доказ дека обвинетите се договарале и формирале злосторничко здружување.
„Ване Цветанов не бил припадник на никаква злосторничка група, ниту, пак, се договарал со обвинетите. Нема трага во форма на материјален доказ или во електронска форма дека Ване контактирал со тајните служби. Новинарот Зоран Божиновски е тој што му праќал уценувачки пораки на Ване дека ќе биде наместен“, рече адвокатот Рауфи во завршниот збор.
Одбраната побара од обвинителството да даде одговор кои се тие тајни податоци што биле испраќани до служби надвор од земјава и за кои одговараат обвинетите.
На минатите рочишта, Обвинителството во завршниот збор го повлече кривичното дело шпионажа за Ване Цветанов. Пред само месец и половина застапникот на обвинението, во завршен збор, повлече едно од делата за кои го товареа Цветанов.
Имено, Јавната обвинителка Лиле Стефанова изврши определени прецизирања на обвинителниот акт и притоа ги повлече обвинувањата за Цветанов за кривично дело шпионажа, барајќи од Судот обвинетите да бидат осудени и казнети за сторените кривични дела.
Судењето закажано за идната среда свој завршен збор ќе даде и првообвинетиот Марјан Еферемов, кој во досегашниот тек од постапката, како во истрага така и на главен претрес, го користеше правото да се брани со молчење. Ефремов побара одложување на судењето за да може да се подготви за своето излагање, што ќе значи негово прво проговарање пред Судот.
Според обвинението, злосторничката група скенирала оригинални документи за лица од УБК и од Агенцијата за контраразузнавање и му ги предавала на првообвинетиот Марјан Ефремов, кој цедеата, шифрирани со имиња и бројки ги испраќал до службите надвор од земјава, одавајќи државна тајна.
Судењето продолжува в петок, со завршни зборови на обвинетите.
Судскиот процес за првата македонска шпионска афера започна на 27-ми јануари. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба.
Меѓу обвинетите се и новинарот Зоран Божиновски и Борис Перков, но тие не беа дел од судскиот процес бидејќи за нив беше прекината постапката додека не станат достапни на органите на прогонот. Божиновски, веќе неколку месеци е во екстрадициски притвор во Нови Сад. Доказниот материјал за него е испратен, но српските власти сѐ уште не одлучиле дали ќе го испорачаат или не. Перков, пак, беше екстрадиран од Чешка пред неколку месеци, но само за делото злосторничко здружување. Моментно се чека дали Чешка дополнително ќе одобри да му се суди шпионажа.