/ Прочитано:

1.288

СУДЕЊЕ Станбена афера: Оштетените на рати и со позајмици ги плаќале фиктивните станови

Среда, 11 септември 2013Осуммина купци на лажните станови, еден по еден влегуваа во судница не воздржуваќи ги острите погледи кон обвинетата Благица Дончевска и го раскажаа нивното искуство со фиктивниот владин проект. Дел од нив воопшто немале пари, се позајмувале, подигнувале кредити и плаќале на рати само за да станат сопственици на стан во скопско Ново Лисиче. Други, пак, уплаќале капар од неколку илјади евра не прашувајќи колку всушност чини станот, мислејќи дека Владата на РМ ќе ги „подмири сметките“. Оштетените тврдат дека обвинетата звучела доста уверливо, дури ги повикала на состанок и ги натерала да потпишат изјави за наводни паркинг места на бланко листови на кои стоеле испишани букви: „ Барање до Општина Аеродром“. По ова, таа ги убедувала дека сега работата е средена и за брзо време свечено со владини претставници ќе се доделуваат становите, раскажуваа оштетените во судница. Ниту еден од нив немаше сознание дали воопшто некој друг освен обвинетата нудел станови за продажба, ниту знаеја дали некој има земено провизија.  

Скопјанката Благица Дончевска беше уапсена во март годинава под сомнение за сторено кривично дело измама, односно дека претставувајќи се како претствник на владин проект за станови наменети за млади брачни парови, социјални случаи и лица со посебни потреби, довела во заблуда 42 лица. Според обвинението, таа на оштетените им велела дека за становите треба да уплатат дел од сумата, а остатокот ќе биде покриен со донациите на амбасадите на Белгија и на Холандија. Овие лица останале и без пари и без станови. Паричните средства биле уплаќани на сметката на нејзиниот татко, Ацо Велјановски, кој се товари за помагање измама. Трансакциската сметка на која биле уплатени 55 милиони денара, подоцна се утврди дека е празна, односно дека е во минус за 56 илјади денари.

На барање на обвинителството, судот, во април годинава, им го замрзна имотот на обвинетите: двата стана во Скопје, 4 луксузни возила, накит и покуќнина… бидејќи, според сомнежите, запленетиот имот бил купен од пари на измамените граѓани.

Тек на рочиштето

13:45 – Следниот главен претрес продолжува на 30.09.2013 во 09:30 часот со сослушување на група од десетина оштетени лица.

11:50 – По паузата, во судницата зборуваа уште 5 оштетени лица од различни општествени слоеви и старосна граница. Првиот е таксист кој немал пари за станот, па му побарал на син му од Австралија. Откако ги обезбедил средствата уплатил на сметката на обвинетиот Ацо Велјановски околу 15 илјади евра за стан од 62 м2. За наводниот проект рече дека слушнал од друго оштетено лице, а со обвинетата Дончевска се видел дури откако ја извршил уплатата.

Еден од оштетените, сопственик на фирма бидејќи немал доволно пари, на рати уплатил 17. 000 евра за ветен стан од 64 м2. Појасни дека се чувствува луто и изиграно бидејќи за да ги уплати парите се позајмувал и подигнал кредит. Тој исто така за проектот дознал од друго оштетено лице, а со обвинетата Дончевска се договарал само телефонски.

Следниот оштетен е лице вработено во Комерцијална банка. Кога слушнал за проектот од неговиот пријател, го посоветувал да не врши уплата за стан бидејќи целиот проект му бил сомнителен, рекол оштетениот во истрага. Според неговите зборови, по неколку денови, истиот пријател го информирал дека има пакет станови за продажба што чинат 25 илјади евра. Оштетениот рече дека не размислувал многу, од работа ја проверил сметката на обвинетиот Ацо Велјановски, видел дека две години има прилив на пари, па веднаш уплатил 25.000 евра за два стана.

Другo оштетено лице е самохрана мајка, наставничка во скопско основно училиште. Од нејзното кажување, за проектот слушнала од нејзиниот вујко и по една средба со обвинетата Дончевска уплатила 7200 евра за стан од 45 м2. Оштетената појасни дека прво имала сознанија дека всушност плаќа капар, но подоцна од останатите оштетени се информирала дека Владата на РМ ќе го доплати станот. Таа рече дека на почетокот воопшто не ја прашала обвинетата Дончевска која е цената на станот и колку треба да се доплати. Објасни дека со обвинетата Дончевска се сретнала неколкупати, ја прашувала до каде е работата со становите, но обвинетата секогаш имала образложение.

Последниот оштетен рече дека кога слушнал за проектот бил многу возбуден и без размислување уплатил 13.000 евра за стан од 60 м2. Појасни дека воопшто не ни прашал к0е е лицето Ацо Велјановски, ниту пак нешто му било сомнително. Тој раскажа една ситуација во која обвинетата ги предупредила оштетените дека можеби ќе бидат повикани во МВР.

„Не повика на состанок во хотелот Арка. Ни рече дека ако бидеме повикани во некоја полициска станица или МВР да ја кажеме вистината, односно дека сме уплаќале за да купиме станови. Рече дека можеби полицијата ги следи трансакциите повисоки од 15.000 евра, но бидејќи имав уплатено помалку пари, мртов ладен го слушнав муабетот и веднаш излегов на цигара“, раскажуваше оштетениот.


11:20 – Пауза до 11:4o часот.


09:35 – За неполни два часа, судскиот сослуша тројца оштетени лица. Сите во судница тврдеа дека обвинетата Благица Дончевска им барала документи за да провери дали досега биле осудувани и дали се подобни кандидати за да бидат купци на становите. Секој од нив поеднечно раскажа како уплаќале по околу 15.000 евра за станови од по 60 м2 со седиште во скопско Ново Лисиче. За наводниот проект, како што кажаа се информирале едни од други, па дури потоа стапувале во контакт со обвинетата Дончевска.

09:30 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети.