/ Прочитано:

1.190

СУДЕЊЕ „Ноќ“: Првообвинетиот Севдиљ Кадри – Јас сум див таксист, а не макро

Четврток, 10 мај – Почна сослушувањето на првообвинетиот кој според обвинителството е организатор на малолетна проституција.Тој ги негираше обвиненијата дека подведувал девојки и ги принудувал на сексуални услуги.

Во судница првообвинетиот изнесе податоци коишто упатуваат на тоа дека сепак работел како макро. Судот му ги потенцираше телефонските разговори во кои тој се заканува на девојка со убиство, и уште еден разговор во кој девојката му бара дозвола и ајфон телефон наместо пари. Тој упорно тврдеше дека е само див таксист и ништо повеќе.

Од 2003-та работев како див таксист. Девојчињата за кои велите дека се проститутки ги запознав на бензинската Макпетрол и ги возел до нивниот стан во Аеродрoм. Им купував кондоми кога ќе ми нарачаа. Знаев што работат, но не им бев макро. Понекогаш ме прашуваа дали може да имаат секс со некој ако им изгледа насилен“, се бранеше денеска пред судот, првообвинетиот Севдиљ Кадри.

Жалам за овие девојчиња кои завршиле вака и изразувам осуда за родителите кои дозволиле децата да им завршат по улици“, ја заврши својата одбрана.

На самиот почеток на  судењето, судијата Зоран Димитриевски ги изненади присутните кога на телефон му се јави на еден од обвинетите којшто не беше присутен. „Имате дупка во меморијата требаше да сте на судење“, му рече тој на обвинетиот. Обвинетиот на телефон му одговори дека има проблем со ногата. „Тогаш ќе одиш во притвор и таму ќе те лечи затворскиот лекар“, му возврати судијата. На рочиштето не беше присутен ниту адвокатот кој го застапува обвинетиот. Судот го казни парично. По ова постапката за овој обвинет беше одвоена.

Со акцијата Ноќ, во октомври 2011 беа уапсени 21 лице. Меѓу обвинетите има организатори, посредници и муштерии обвинети дека подведувале и посредувале сексуални услуги. Обвинителството ги гони за трговија со малолетно лице, организирање на група и поттикнување на извршување на трговија со луѓе,  криумчарење на мигранти и  посредување во вршење проституција.