/Прочитано:

2.296

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд Скопје 1

Бр. на предмет: КОК.Бр 23/11

СУДЕЊЕ

Почеток: 23 мај 2011г.

Судија: Судија Павлина Христова (претседавач)

Обвинител: Гордана Гешковска, Лиле Стефанова

Обвинети:

  • Велија Рамковски
  • Амди Рамковски
  • Жаклина Георгиевска
  • Невин Рауф
  • Зоран Мицевски
  • Емел Рамковска
  • Хеди Рамковски (во бегство)
  • Дарко Перушевски
  • Ибраим Ибраими
  • Ѓултен Џемаили
  • Жарко Стојановски
  • Неше Рамиз (во бегство)
  • Славица Маринковска
  • Наташа Крстаноска
  • Слободан Пејоски
  • Рамадан Ибрахими (во бегство
  • Анета Кочишки
  • Рамадан Чичек (во бегство)
  • Бранко Пишев (недостапен на д.органи, моментален престој во САД на непозната адреса)
  • Александар Дамовски (се брани од слобода)
  • Јасмин Латифовиќ (се брани од слобода)
  • Марјан Танчевски (се брани од слобода)
  • Муамет Абди (се брани од слобода)

Пајажина (Тек на судењето)

14.02.2012 –  Основниот суд Скопје I Скопје донесе пресуда. Според пресудата казните за 23 обвинети во овој предмет се следни:

 Обвинет  Единствена затворска казна  Парична казна
1. Велија Рамковски 13 години 5000 евра
2. Амди Рамковски  6 години 4000 евра
3. Жаклина Георгиевска  6 години 3000 евра
4. Невин Рауф  6 години 5000 евра
5. Зоран Мицевски  6 години 4000 евра
6. Емел Рамковска  6 години 5000 евра
7. Хеди Рамковски  7 години 4000 евра
8. Дарко Перушевски  5 години, 6 месеци 4000 евра
9. Ибрам Ибраими  3 години  /
10. Ѓултен Џемаили  5 години  4000 евра
11. Жарко Стојановски  3 години, 6 месеци  3000 евра
12. Неше Рамиз  7 години  /
13. Славица Маринковска  6 години  4000 евра
14. Наташа Крстановска  4 години  3000 евра
15. Слободан Пејовски  4 години  3000 евра
16. Рамадан Ибраими  7 години  3000 евра
17. Анета Кочишки  2 години, 3 месеци  3000 евра
18. Рамадан Чичек  6 години  4000 евра
19. Бранко Пишев  6 години  4000 евра
20. Александар Дамовски  2 години – условна  2000 евра
21. Јасмин Латифовиќ  ослободителна  /
22. Марјан Танчевски  ослободителна  /
23. Муамет Амди  ослободителна  /

За затаен данок и оштетени доверители обвинетите треба да вратат околу 270 милиони денари (4,5 милиони евра).

Иако обвинителството бараше продолжување на притворот, судскиот совет одлучи на Жарко Стојановски, Ибраим Ибраими Слободан Пејовски затворскиот притвор да им биде заменет со куќенГолем дел од обвинетите остануваат во притворединствено Анета Кочишки која до сега се наоѓаше во куќен притвор,  правосилноста на пресудата ќе ја дочека на слобода.

Дел од бранителите по изрекување на пресудата, изјавија дека судењето било фарса,  пресудата очекувана и дека истата ќе биде  тешка за судијата да ја образложи.

29.02.2012 – Последни во овој процес, завршен збор изнесоа обвинтетите Наташа Крстаноска и Анета Кочишки и нивните бранители адв. Јане Јакуловски и адв. Светлана Савиќ.

„Нема докази дека обвинетата припаѓала на групата, немала фактичка власт, не ги видела, изготвила ниту пак потпишала фактурите,“  рече во завршните зборови за Наташа Крстаноска, адв. Јанкуловски.

Наташа Крстаноска, која работела како администратор во А1, наведе дека наводно не била член на групата и побара од судот да донесе правична одлука со која ќе се гордее.

Според aдв. Светлана Савиќ од изведените докази не се утврдува дека обвинетата Анета Кочишки ги сторила делата за кои се товари. Од посебните истражни мерки се потврдува дека е задолжена за програмската политика, а не за сметководство и за финансиите“ , рече Савиќ во завршните зборови. Поплаките за наводните нерегуларности во постапката, не изостанаa. Според Савиќ нарушени биле основните права на обвинетите, имало екстензивно толкување на ЗКП и селективност на доказите и сведоците.

Емотивно беше излагањетo на поранешниот директор на А1, Анета Кочишки.  Кочишки рече дека била дел само од една успешна бизнис приказна и дека никогаш не би се нафатила да работи финанасии и сметководство.

Може да се каже дека одбраната во голема мера се држеше до тоа дека имало многу неправилности во текот на постапката. Замерки имаа на: неприфаќањето од страна на судот да се изведат одредени докази и да се сослушаат предложени сведоци, на тоа дека биле изведувани фотокопии – а не оригинали, во однос на вештачењето и посебните истражни мерки, притворот, динамиката на судскиот процес и сл.

Одбраната целосно финишираше со завршните зборови. По 70-тина одржани рочишта на 14.03.2012, судот треба да донесе пресуда.

27.02.2012 – Рочиштето стартуваше со завршен зборо на адв. Донче Наков за обвинетата Славица Маринковска. Според Наков во однос Маринковска, не може да се утврди криминално дело ако постои отсуство на оригинална документација. Поранешната сметководителка на А1, рече дека не била виновна за делата што обвинителството и ги товари.

Следуваше  адвокатот Никола Поленак, бранителот на екс-директорот на А1 телевизија, Дарко Перушевски. Поленак праша како на неутврден датум, место и начин, Перушевски создал злосторничка група во 2006 година, а не 2003 година кога почнал да работи во А1. Тој истакна дека не постоеле докази кои укажувале дека Перушевски е член на некаква група и дека тој ниту давал ниту примал пари во готовo. На Поленак се надоврза адв. Татјана Поповски. Поповски во завршниот збор за Перушевски, спореше зошто не било допуштено сведочењето на дваесетина сведоци кои според неа можеле да ја потврдат невиноста на нејзиниот клиент. Во продолжение таа потенцираше дека ниту потписите на сметката на А1, ниту пак оние на даночните пријави не му припаѓале нему. Одбраната повторно се жалеше на нерегуларности во текот на постапката, според адв. Татјана Поповски имало контрадикторно вештачење и радикално менување на наодот од страна на вештаците.

Осмообвинетиот, Дарко Перушевски, во своја одбрана рече дека ниту примал, ниту давал наредби, туку дека учествувал во успешна бизнис приказна, мислејќи на создавањето на А1 телевизија. Се жалеше дека му било повредено правото на одбрана и притвор. Рече дека судот имал ограничен увид во клучните докази. Според Перушевски сите сведоци кои биле во функција на разоткривање на вистината, судот одбил да ги сослуша.

Во однос на 20-то обвинетиот, новинарот и уредник Алексaндар Дамовски, адв. Никола Поленак рече дека финансиите и сметководството ги вршеле други, а не Дамовски. Имало исплата на плати во готово, но немало доказ дека истите доаѓаат од „Време Еч“, наведе Поленак. Поранешниот уредник на „Време Еч“, во своите завршни зборови кажа дека бил дел од уредувачка политика на весникот, но дека наводно не се мешал во финансиите. Дамовски потенцираше дека ни по 70 рочишта, се уште не утврдил зошто е обвинет за она против кое најмногу се бунтувал.

Во продолжение завршни зборови даваше адв. Анѓел Солев, бранител на 11-то обвинетиот Жарко Стојановскиуправител на друштвото „Хедис“. Според Солев со ниту еден од доказите прибавени со посебните истражни мерки, не се докажува дека обвинетиот Стојановски учествувал во некаква група. Жарко Стојановски во завршните зборови рече дека ЈО немало докази за тоа дека тој наводно не пријавувал готовински промет, како и за тоа дека уплаќал пари на трансакциска сметка на семејството Рамковски.

Последен за денеска завршни завршни зборови даваше Драган Михајловски, адвокат доделен по службена должност на обвинетиот Рамадан Чичек, кој се наоѓа во бегство. Во своето кратко излагање Михајловски рече дека виртуелните и материјални докази според него  не докажувале кривично дело.

23.02.2012 – Рочиштето стартуваше со завршните зборови на адв. Стеван Павлевски. Павлевски, покрај Наков, е исто така бранител на Георгиевска и Мицвски бараше ослободителна пресуда за Жаклина Георгиевска и Зоран Мицевски. Павлевски како и неговите претходници смета дека имало многу нерегуларности во текот на постапката, праша зошто судот не прифатил да се отворат одредени докази и побара повторен главен претрес за нивно изведување. Третообвинетата Георгиевска за себе кажа дека никогаш не била дел од некаква злосторничка група и ја прифати одбраната на своите бранители. Петтообвинетиот Зоран Мицевски во завршните зборови спореше зошто биле изведувани фотокопии од доказите, кога можеле оригинали. Мицевски тврдеше дека не бил во земјата кога истите биле потпишани, рече дека не го препознава потписот што стои на фотокопиите, како доказ за неговото отсуство од РМ ја понуди неговата патна исправа. Се изјасни дека бил невин.

Завршни зборови даваше и адв. Горан Каркински кој ги застапува обвинетите Ибраим Ибраими, Ѓултен Џемаили и Јасмин Латифовиќ. Адв. Каркински, завршните зборови ги започна со критика до судскиот совет, кој според него не си ја завршил чесно работата. Во врска со Ибраими, според Каркински не е логично формалниот сопственик на „Акстра Трејд“, за кого беше повлечено делото злосторничко здружување, од друга страна да ги вршел другите наведени криминални дејствија. Во однос на обвинетата Ѓултен ЏемаилиКаркински рече дека за делата даночно затајување и перење пари не можело заедно да се одговара. Според него обвинителството се правда со различни временски периоди, додека одбраната има доказ за фиктивноста на договорите и легалноста на трансакциите. Во завршните зборови за Јасмин Латифовиќ,  Каркински наведе дека со самото тоа што на 25, 26. 12. 2010 г. не постои кривична пријава, не може да се каже дека некој отежнува и крие кривично дело. Побара ослободителна пресуда за тројцата.

Деветтообвинетиот, Ибраими, основачот на „Акстра Трејд“, кој инаку боледува од неизлечлива болест, во своја одбрана кажа дека немало зошто да прави некое криминално дејствие кога знаел дека му остануваат уште 5-10години живот. Ѓултен Џемаили инаку управител на Плус продукција, без да додаде ништо друго,  ја прифати во целост одбраната на адвокатот. Поранешниот систем администратор Јасмин Латифовиќ, за разлика од другите обвинети имаше малку подолго излагање. Тој во своја одбрана ја презентираше неговата биографија, што говорела само за успеси, а не криминални дејствија.

Судењето финишираше со завршните зборови на Љупчо Ивановски, адвокат доделен по службена должност на обвинетите кои се во бегство. Ивановски рече дека доказите прибавени со посебните истражни мерки можеле да се употребат како семеен албум, а не како докази.  Ивановски потенцираше дека доказите не биле селектирани и не ја докажувале кривичната одговорност. Побара ослободителна пресуда.

22.02.2012 – Ослободителни пресуди за Невин Рауф, Емел Рамковска, Хеди Рамковски, Ибраим Ибраими, Марјан Танчевски, Муамет Абди и Жаклина Георгиевска, побара адв. Донче Наков во завршниот збор збор. Четвртообвинетата Невин Рауф, во своја одбрана рече дека 26 години работела законски и дека не е припадник на никаква злосторничка група.

За ќерката на Велија, Емел Рамковска која инаку била директор на Хедис Маркети, Наков наведе дека не е можно таа да учествувала во некаква злосторничка група, кога 2006 година била само 2 дена во Македонија. Тој додаде дека во 2006-та година не ни имало спроведување на посебни истражни мерки, а следствено на ова обвинителството немало докази за да докаже го постоењето на некаква злосторничка група. Шестообвинетата Рамковска ја прифати во целост одбраната на адв. Донче Наков. Во врска со Хеди Рамковски кој инаку се наоѓа во бегство, Наков рече дека и Хеди  не бил во државава (наводно тој период се наоѓал во Хрватска) кога била создадена наводната злосторничка група на обвинителството.

Контрадикторно е што за обвинетиот Ибраим Ибраими беше повлечено делото злосторничко здружување, а во обвинителниот акт стои дека преземал дејствија за групата, продолжи Наков во завршните зборови за деветтообвинетиот. Ибраими ја прифати во целост одбраната на неговиот адвокат.

>> Прочитајте го во целост завршниот збор на адв. Донче Наков за деветтобвинетиот Ибраим Ибраими.

Следеа завршните зборови за последните двајца обвинети според обвинителниот акт, Марјан Танчевски и Муамет Абди (се бранат од слобода) . Во однос на 22 и 23 – то обвинетиот, адв.Наков рече дека ПИМ мерките не докажале ништо и побара ослободителна пресуда. Танчевски и Абди ја прифатија одбраната на нивниот бранител.

На крајот од денешното рочиште, Наков завршни зборови даде за третообвинетата Жаклина Георгиевска и петтообвинетиот Зоран Мицевски. За Георгиевска, управител на А2 Телевизија и Мицевски управител на Акстра Трејд, Наков рече дека обвинителството не понудило докази дека има злоупотреба на службената положба и овластување и дека ако им е тргнато тоа кривично дело, нема ни обвинение за нив.

20.02.2012 – Старт на завршните зборови на одбраната. Прв завршен збор даваше адв. Дончо Наков за обвинетите Велија и Амди Рамковски. Побара ослободителна пресуда за Рамковски. Според него, за делата за кои се товари Рамовски нема докази и тој треба да биде пуштен од притвор и ослободен.  Според Наков имало многу неправилности во текот на судскиот процес.  За оправданоста и законитоста зошто затворскиот не бил заменет со куќен притвор, рече дека правдата ќе ја барале во Стразбур.

>> Прочитајте го во целост завршниот збор на адв. Донче Наков за првообвинетиот Велија Рамковски.

Обвинетите се личности со долги години искуство, угледни граѓани, добри родители, неосудувани. Обвинети се и затворени затоа што се членови на моето семејство и долгогодишни соработници. Осуден сум уште пред да ми пресудат“, рече во завршниот збор, првообвинетиот Велија Рамковски. Иако на неколку пати беше опоменуван од судот да не ја меша политиката, тој остана на тврдењето дека процесот против него бил политички монтиран. Како и неговиот адвокат Наков, Рамковски потенцираше дека обвинителството презентирало само фотокопии, а притоа поседувале оригинална документација.

Второобвинетиот Амди Рамковски, рече дека ја прифаќа одбраната на адв. Дончо Наков и на неговиот брат Велија.

14.02.2012 – ЈО, продолжи со изнесување на завршните зборови. Според обвинителството, обвинетите ги пренесувале паричните средства од едно на друго место со цел прикривање на нивната трага и одбегнување на плаќање на данок на државата. „Жаклина Георгиевска (тогашен управител на А2 телевизија) не пријавила готовински промет, парични средства што биле употребени за исплата на плати на вработените, со цел да се одбегне плаќање на данок. Ова се утврдува  и од исказот на сведокот Кристина Мачкиќ, која остана на својот исказ даден во истражната постапка дека земала плата на рака и опиша како изгледал списокот на кој се потпишувале при исплата на платата“, рече обвинителот.

Во продолжение, обвинителот во своите завршни зборови наведе дека обв. Александар Дамовски (кој се брани од слобода) во својата одбрана која била јасна и категорична ги откривал причините зошто е извршен пренос на возилата од „Време“ на „Акс – стра ДООЕЛ“. Според ЈО, тоа било направено со цел одбегнување на плаќање на давачка за извршени услуги, а одбраната била во склад со писмените докази изведени на главниот претрес. Меѓудругото, во завршниот збор ЈО побара одземање на возилата на А1 со кои наводно биле извршени кривичните дела.

13.02.2012 – Одбраната достави писмен поднесок со докази за дел од обвинетите. По ова следуваше пауза за да може обвинителството да ги разгледа доказите и да се произнесе по истите.

ЈО наведе дека се противи на предложените докази: систематизација и договорот за работен однос доставен од страна на адвокатот на обвинетиот Дарко Перушевски. Според ЈО, овие докази нема да ја сменат фактичката состојба, со оглед дека од позитивните прописи може да се утврдат  правата, обврските и одговорностите на обвинетиот. Судот ги прифати контрааргументите на ЈО, и ги отфрли доказите на одбраната на Перушевски.

Обвинителство се противеше и на доказите предложени од страна на адвокатот Дончо Наков, а се однесуваат на обвинетите Амди Рамковски, Невин Рауф и Жаклина Георгиевска.  Предлогот за сослушување на сведоци од страна на одбраната исто така заврши со противење на ЈО. Судот дозволи дел од предложените докази да бидат изведени, но го одби барањето за сослушување на нови сведоци.

По кратката пауза, претресот продолжи со давање на завршни зборови од страна на ЈО, кој изврши и прецизирање на диспозитивот на обвинението. За дел од обвинетите наведе дека се откажува од кривично гонење за некои од кривичните дела за кои се товарат.

08.02.2012 – Државното правобранителство наведе дека го повлекува имотно правното побарување за 3 правни лица, меѓу кои Хедис и Тргокоп, во вкупен износ од 49.826.780,00 денари.

Во продолжение на рочиштето, одбраната достави писмени поднесоци со предложени докази. Истите беа доставени и до ЈО. Според бранителите, јавниот обвинител му сугерирал на државниот правобранител како да одговори на одредени прашања од одбраната. Адв. Татјана Поповски (бранител на обвинетиот Дарко Перушевски) приговори на веродостојноста на прегледот што како доказ го приложи државниот правобранител.

Во втората половина од претресот, одбраната предлагаше нови докази, дел од доказите беа уважени, но дел отфрлени. Побараа од судот рок за да можат да поднесат писмен поднесок со нови докази, судот не се произнесе по ова барање.

07.02.2012 – На денешното рочиште државниот правобранител се изјасни за оштетеното побaрување кое го има државата спрема обвинетите, истото е во вкупен износ од 735.219.952,00 денари.

Разумниот рок кој го побара одбраната за споредба на износите од вештиот наод и обвинителниот акт, беше отфрлен и протолкуван од страна на судот како намерно одолговлекување.  Отфрлен  исто така  беше предлогот на одбраната да се одложи претресот, поради состанок на сите бранители во Врховниот суд, а во врска со предметот.

06.02.2012 – Продолжи испитувањето на вештите лица. Судот им дозволи меѓусебна консултација околу одговорите. Адв. Снежана Стефановска (на обвинетиот Слободан Пејовски) ги праша вештите лица за валидноста на интерни документи, прашањето беше отфрлено од страна на судот, бидејки оваа анализа ја вршел судот.

Одбраната имаше забелешки на вештиот наод и мислење, истите ќе ги достават писмено до судот.

03.02.2012 – На денешното рочиште судот пристапи кон сослушување на вештите лица, истите беа испрашувани од ЈО и одбраната.

30.01.2012 – По пауза од една недела, судeњето продолжи.  Освен во еден дел кога беа изведувани докази со примена на ПИМ, судењето беше отворено за јавност. На првата половина од рочиштето се изведуваа докази, односно фактури предложени од јавниот обвинител. Адв. Наков предложи фактурите да бидат доставени до вештите лица заради правилно и целосно утврдување на фактичката состојба. Тој приговори на тоа што биле изведувани на копии од банкарски сметки и историјати, бидејќи истите се достапни во оригинална форма. Нагласи дека ова преставува кршење на правото на фер судење и правото на одбрана на обвинетите.

Во понатамошниот дел од претресот, судот констатираше дека вештите лица извршиле дополнение на вештиот наод и мислење. Не беше прифатен предлогот на одбраната да се сослуша како сведок лицето Зоран Силјановски. Се работи за маркетинг директорот на некогашната А1 телевизија, кој одбраната го предложи за сведок на  рочиштето одржано на 30.11.2011.

12.01. – 20.01.2012 – Поради изведување на докази прибавени со примена на посебни истражни мерки, рочиштата беа затворени за јавноста. Во овој период, Велија и Емел Раковски приватно повторно го ангажираат адв. Донче Наков, по што Насер Рауфи, адвокатот кој им беше доделен по службена должност се повлече.

09.01.2012 – Судот го прифати предлогот на јавниот обвинител за дополнување на вештиот наод и мислење. Ги задолжи обвинителот и одбраната за 3 дена да ги достават прашањата на писмено до судот за истите да бидат доставени до вештите лица.

Поради приговори на одбраната кои се однесуваат на докази прибавени со примена на посебни истражни мерки, на првата половина од денешното рочиште, јавноста  беше исклучена.

04.01.2012 – Велија и неговата ќерка Емел Рамковска побараа од судскиот совет да ги разреши адвокатите доделени по службена должност. Се изјасниа дека сакале повторно бранети од адвокатите од кои веќе еднаш го отповикаа полномошното.

Потсетуваме

На рочиштето одржано 2.11.2011, Велија и Емел им го откажаа полномошното на адвокатите Мирослав Вујиќ, Дончо Наков, Лујза Стаиќ, а како единствен нивни бранител во тој момент остана Виолета Дума. Причина за ваквата одлука беше да можеле бранителите да се посветат на другите обвинети кои ги бранат. На 11.11.2011  Велија и Емел Рамковски останаа без бранители. Полномошното тогаш им го откажа адв. Виолета Дума, поради вршење на јавна функција. На 16.11.2011, поради неанагажирање на бранител од страна на Велија и Емел Рамковска во дадениот рок, судот им назначи адвокати по службена должност. 

 Бранител – Член 68, ЗКП

(1) Наместо поставениот бранител (членови 66 и 67) обвинетиот може самиот да земе друг бранител. Во тој случај ќе се разреши назначениот бранител.

Судот донесе одлука адвокатот Мирослав Вујиќ да биде исклучен од процесот. Вујиќ во текот на денешното рочиште неколку пати беше предупредуван од страна на судиката Павлинка Хритовска, за непочитување на судот и за предизвикување неред во судницата. Потсетуваме дека Вујиќ претходно беше исфрлан од судница, поради недолично однесување. Сега за сега Рауфи останува адвокат на Рамковски.

28.12.2011 – По речиси еден месец, денешното рочиште е отворено за јавноста. Продолжи доказната постапка. Изведувани беа даночни пријави за кои одбраната силно приговараше, бидејќи биле неподобни како докази.

Прифатен беше предлогот на одбраната, на некое од следните рочишта да биде сослушано вешто лице.

7. 12. 2011 до 28.12.2011 – Во тек се рочишта на кои се изведуваат докази прибавени со примена на посебни истражни мерки (ПИМ). Јавноста во текот на овие рочишта беше исклучена.

30.11.2011 – Продолжи доказната постапка. Наместо да се изведува снимена програма (се мисли на снимена програма на телевизијата А1, рекламирање од август до октомври) од МВР, по наредба на истражен судија, во интерес на времето се читаше само извештајот. Одбраната побара да добие текст дел од доказот во електронска форма и бараше за сведок да биде повикан раководителот на маркетинг секторот во А1, Зоран Силјановки. Судот го прифати првото барање на одбраната, а за сведокот дополнително ќе се произнесе. По ова следуваше изведување на докази, прибавени со примена на посебни истражни мерки (ПИМ), поради што јавноста беше исклучена.

29.11.2011 – Продолжи доказната постапка со изведување на доказите од класер 15 и 16. Дел од доказите се се наредби за претрес, записници, потврди за приведување и одземени предмети. Бранителот на Рамковски, Насер Рауфи побара од судот да има предвид дека најголемиот дел од предметите се одземени од лица од кои согласно ЗКП не смее тоа да се случи, односно дека  се работeло за  лица кои се ослободени од обврска за сведочење.

Адв. Мирослав Вујиќ, повторно приговараше на доказите. Според него наредбите за претрес биле врз основа на ЗКП , а немало решение за спроведување истрага, па така и дејствијата извршени по тие наредби не можат да имаат доказна вредност.

Поднесоци и записници – Член 79, ЗКП

(1) Кога во овој закон е определено дека врз исказот на обвинетиот, на сведокот или на вештакот не може да се заснова судската одлука, истражниот судија по службена должност или на предлог од странките ќе донесе решение за издвојување на записниците за овие искази од списите веднаш, а најдоцна до завршувањето на истрагата, односно давањето согласност од истражниот судија дека обвинителен акт може да се подигне без спроведување истрага (член 153 став 1). Против ова решение е дозволена посебна жалба.

(2) По правосилноста на решението, издвоените записници се затвораат во посебна обвивка и се чуваат кај истражниот судија одвоено од другите списи и не можат да се разгледуваат ниту можат да се користат во постапката.

(3) По завршената истрага, како и по давањето согласност дека може да се подигне обвинителен акт без спроведување истрага (член 153 став 1), истражниот судија ќе постапи според одредбите на ставовите 1 и 2 од овој член и во поглед на сите известувања што во смисла на член 142 од овој закон им ги дале на Министерството за внатрешни работи обвинетиот и лицата наведени во членовите 218 и 219 и член 236 став 1 од овој закон. Кога јавниот обвинител ќе подигне обвинителен акт без спроведување истрага (член 153 став 6) ќе ги достави списите во кои се наоѓаат ваквите известувања до истражниот судија, кој ќе постапи според одредбите на овој член.

28.11.2011 – Продолжи доказната постапка со изведување на доказите од класер 6, а потоа и од класер 15.

Првообвинетиот Велија Рамковски и неговиот адвокат доделен по службена должност, Насер Рауфи, контрадикторни. Адв. Рауфи, побара да се укине притворот на неговиот клиент поради нарушено здравје. На ова Рамковски додаде дека разговарале за укинување на притворот, но дека не се повикал на неговата здравствена состојба, бидејќи се осеќал добро.

Поранешниот адвокат на Велија, Мирослав Вујиќ, поради непочитување на судот и поради предизвикување неред во судницата на два пати беше опоменат од судот, а потоа и  отстранет од судницата.

21.11.2011 – Рочиштето не се одржа. Адвокатите на Велија (адв. Насер Рауфи) и Емел Рамковска (адв. Билјана Крстевска) назначени по службена должност, побарале од судот време за да се запознаат со предметот.

16.11.2011 – Поради неанагажирање на бранител од страна на Велија и Емел Рамковска во дадениот рок, судот ќе им назначи адвокат по службена должност. 

Судот ја уважи забелешката на адв. Вујиќ записникот од 9 ноември да се дополни. Одбраната силно приговараше и на изведените докази од кл.15, но судот ги отфрли приговорите како аргументирани, но не доволни.

11.11.2011 – Велија и Емел Рамковски останаа без бранители. Полномошното им го откажа адв. Виолета Дума, уредно го известила судот дека не е веќе бранител, бидејќи ќе врши јавна функција. 

Потсетуваме

На рочиштето одржано 2.11.2011, Велија и Емел им го откажаа полномошното на адвокатите Мирослав Вујиќ, Дончо Наков, Лујза Стаиќ, а како единствен барнител во тој момент остана Виолета Дума. Причина за ваквата одлука беше да можеле бранителите да се посветат на другите обвинети кои ги бранат.

Иако обвинетите  не ангажирале замена, судот согласно ЗКП го одржи рочиштето.

Бранител – член 71, став 6, ЗКП 

(6) Кога бранителот го откажал полномошното на обвинетиот, обвинетиот е должен веднаш, а најдоцна во рок од три дена да го извести судот за отповикувањето на полномошното и ако обвинетиот не определил нов бранител, судот во рок од три дена ќе му постави бранител по службена должност.

Продолжи доказната постапка, одбраната вршеше увид во доказите д.бр 133 до 140 (фактури, обрасци). Адв. Дончо Наков приговори на тоа дека се изведуваат фоткопии, а не оригинали, но судот сепак реши истите да се изведуваат. Поради влошена здравствена состојба на Рамковски, рочиштето се одложи за 16.11.2011 во 10ч .

9.11.2011 – Повторно одложен претресот. Овој пат поради не спроведуведување од притвор на четвртообвинетата, Емел Рамковска (пропуст на стражарската служба од истражниот затвор Шутка) и лошата здравствена состојба на третообвинетата, Жаклина Ѓорѓиевска.

8.9.2011 – Судењето беше е одложено, поради влошената здравствена состојба на третообвинетата, Жаклина Ѓорѓиевска (управител на А2). Судот даде дозвола истата да посети матичен доктор.

7.9.2011 – Продолжи доказната постапка. Одбраната вршеше увид во доказите од кл.1/ 81-89 (ф-ри, налози, обрасци) и од класер 2/121-127 (докази за увоз на стока). Бранителите повторно приговараа, копиите од доказите  да не се изведуваат, бидејќи се нечитливи, а притоа и истите можат да се прибават од надлежните органи.  Во план беше да се изведат и доказите од класер 6 и 9, но одбраната инсисистираше тоа да остане за утре. По паузата, бранителите и обвинетите бараа прекин на претресот, бидејќи дел од обвинетите не се чуствувале добро, ова барање судот го протолкува како намерно одговлекување на постапката, но сепак го одложи рочиштето за 8-9.11.11г. во 10ч.

Потсетуваме дека ако судењето не заврши до 22.03.2012, кога изминува една година откако беше покренато обвинение за Пајажина, обвинетите кои се наоѓаат во притвор ќе треба да бидат пуштени да се бранат од слобода.

Притвор – член 191, став 2, ЗКП

(2) По подигнување на обвинението притворот може да трае најмногу: 1) до една година за кривичните дела за кои може да се изрече казна затвор до 15 години и 2) до две години за кривичните дела за кои може да се изрече казна затвор доживотен затвор.

2.11.2011 – Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковска (шестообвинета) го отповикаа полномошното на сите бранители (Мирослав Вујиќ, Дончо Наков, Лујза Стаиќ) освен на Виолета Дума. Причина за ваквата одлука било – адвокатите да  можеле да се посветат на другите обвинети. Потсетуваме дека адвокатскиот тим што ги бранеше Рамковски, се појавува во одбрана на поголемиот дел од обвинетите.

 Бранител – член 64, ЗКП

(1) Повеќе обвинети можат да имаат заеднички бранител само ако тоа не е во спротивност со интересите на нивната одбрана.

(2) Еден обвинет може да има повеќе бранители, а одбраната се смета за обезбедена кога во постапката учествува еден од бранителите.

На претресот што започна во 10:30ч, по приговор  на адв. Мирослав Вуиќ, судот прифати исправка и дополнение на записникот од 20.10.2011, досие 273. Соред приговорот, судот не констатирал дел од доказите, завршна сметка и биланс на успех.

Во продолжение на доказната постапка, изведени беа фактури од одредени фирми од класер 13,бр.291 и аналитичка картичка од класер 13 бр.290.  Одбраната приговараше дека фактурите се фотокопии, што ги прави неподобен доказ бидејќи не можат да се утврдат битните информации. Бараа од судот да се појасни начинот како се прибавени овие докази. Ги побараа оригиналите од УЈП и целосната документација за да можат вештите лица да се произнесат.

Во текот на доказната постапка, извршен беше  увид во вештачењата на траги од биолошко потекло (папиларни линии и ДНК анализа) од крим- техника на МВР. Бранителите Вујиќ и Наков го оспоруваа вештачењето, Виолета Дума приговори дека истото треба да го врши самостојна институција, а не тело во состав на МВР.

17.10.2011 – Продолжи доказната постапка. На одбраната и беа дадени на увид доказите од класер 10 и 11.

12.10.2011 – Во тек беше доказната постапка, но поради влошување на здравствената состојба на Рамковски, истата беше прекината.