/Прочитано:

752

Се одложи рочиштето за случајот „Поткуп“

Судското рочиште за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој се товари дека како градоначалник на Струмица побарал од струмичкиот бизнисмен Иван Николов поткуп од околу 160 000 евра за приватизација на градежно земјиште за изградба на црква, се одложи и денеска. Тоа е презакажано за 23 јануари 2017 година.

Зоран Заев пред Кривичен суд за „Пуч“

Инаку, на денешното рочиште адвокатите на Заев побараа изземање на јавниот обвинител Владимир Милошевски бидејќи, како што информираат, против него е поднесена кривична пријава до Специјалното јавно обвинителство за повеќе кривични дела. Освен тоа, денеска е побарано да се запре и постапката за случајот „Поткуп“ сè додека СЈО не донесе одлука во однос на обвинувањата против обвинителот Милошевски и други лица на кои се однесува кривичната пријава.

Во оваа насока, СЈО појаснува дека до Специјалното јавно обвинителство е доставена кривична пријава од политичката партија СДСМ против јавниот обвинител  Владимир Милошевски и други непознати лица, за која е оформен предмет во ова јавно обвинителство, но информира дека против обвинителот Владимир Милошевски не се води предистражна постапка во ова јавно обвинителство.

„Предистражната постапка по овој предмет не се води против конкретно лице, туку се води како настан во рамки на кој се испитуваат евентуални кривичноправни аспекти поврзани со наводите во кривичната пријава“, се вели во соопштението објавено од страна на СЈО.

Истовремено, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го одби барањето на одбраната на Заев за изземање на обвинителот Милошевски од случајот „Поткуп“.

А. Б.