/Прочитано:

712

Соопштение за јавност на Основен кривичен суд Скопје во врска со предмет со К.бр. 2048/20 против обвинетиот Ј. В.

Заради одредени објави и медиумски анализи поврзани со јавно објавената првостепената пресуда за предметот со К.бр. 2048/20 против обвинетиот Ј. В., со кои пресудата и досудената казна се споредува со други предмети кои се за сосема различно кривично дело, па така погрешно се информира јавноста, како суд сакаме да известиме дека:

-Против обвинетото лице, поведена е постапка по поднесен обвинителен предлог од надлежното Јавно обвинитеслтво Скопје за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.2 вв со ст.1 од КЗ.

-Согласно наведените дејствија во обвинителниот предлог, но и утврденото во првостепената пресуда, предметот нема никаква врска со евентуални злоупотреби на АКМИС – системот или прераспоредување на судии согласно годишните извештаи, туку се однесува на злоупотреба на службената положба на обвинетиот, како претседател на Врховниот суд на РСМ, при пресметка на додаток на плата со што, обвинетиот, го повредил правата на оштетната за исплата на додаток и постапил спротивно од чл. 7 – б од Законот за платите на судиите и чл. 7 од Правилникот за додатоци на плати.

-При определување на видот и висината на казната судот ги имал во предвид сите отежителни и олеснителни околности, па во тој правец е донесена и првостепена – неправосилна пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен и му се утврдува Условна осуда односно затвоска казна од 1 година и 6 месеци која нема да се реализира доколку во следните 4 години не стори ново кривично дело. Воедно со пресудата, обвинетиот се задолжува на оштетната да и ја надомести материјалната штета во наведениот износ.

Ја информираме јавноста дека, за злоупотреби со АКМИС – системот или прераспоредување на судии согласно годишните извештаи , против овој обвинет,  воопшто не е ни поднесен обвинителен акт. Заради сето тоа, како суд бараме доследно и точно информирање на јавноста од страна на одредени портали и аналитичари, дотолку повеќе што станува збор за јавен предмет кој беше набљудуван од Мисијата на ОБСЕ, Невладините организации и медиумите.