/ Прочитано:

1.197

СУДИИ, АДВОКАТИ И ОБВИНИТЕЛИ ЗА АНТИКОРУПЦИЈАТА: „Најдобри практики во борбата против јавната корупција“

Овие два дена во Охрид се одржуваше конференција на тема „Aнтикорупција: Најдобри практики во борбата против јавната корупција“, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (INL).

Конференцијата е во насока на зајакнување на билатералните односи меѓу правосудствата на Република Македонија, САД и Република Хрватска и јакнење на капацитетите на казненото законодавство.  На конференцијата присуствуваа судии и јавни обвинители од сите инстанции и од сите апелациони подрачја, претставници на хрватското правосудство, претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, адвокати, претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата и релевантни домашни институции. Воведни обраќања на конференцијата, во кои беше истакнато значењето на настанот и позитивните ефекти и перспективите на ваквата соработка, имаа јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевски, претседателот на АКРМ, Никола Додевски,  Марк. Л. Ласер, виш правен советник во Амбасадата на САД во РМ, и Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”.

„Во изминатите години, САД преку програмата ОПДАТ и сега ИНЛ, активно беше вклучена во сите фази на подготовка и примена на новите законски решенија во казненото и материјалното казнено законодавство и целосно ја поддржа Академијата, заедно со ОБСЕ, во спроведувањето на сите обуки за новиот ЗКП и со партнерско вклучување на Адвокатската комора, МВР, Царината и Управата за финансиска полиција, истакна на почетокот Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев” и шеф на делегацијата на Република Македонија во Комитетот на ГРЕКО.

Арнаудовска искажа и особена благодарност до хрватските колеги со кои Академијата има извонредна соработка, што се потврди и на денешната конференција со присуството и со излагањата на д-р Марин Мрчела, судија на Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на ГРЕКО и на Тамара Лаптош, обвинител и директор на УСКОК – Канцеларија за борба против корупција и организиран криминал.

Обвинителката Тамара Лаптош во своето излагање го елаборираше прашањето за корупциските аспекти и за истражните аспекти на случајот ФИМИ МЕДИА како предмет на сложена корупција на највисоко ниво. Лаптош практично го образложи целиот процес околу оформувањето на предметот и текот на истрагата и судскиот процес против поранешниот хрватски премиер Иво Санадер. Детектирањето на злоупотребите на јавните набавки, сметките во странските банки, следењето на трагата на парите од коруптивните активности, несразмерното богатење како индикатор за корупција и улогата на меѓународната правна помош во конкретниот случај беа клучните прашања кои ги образложи директорката на „УСКОК“.

„Во борбата против корупцијата, од големо значење е меѓународната помош и соработка“, акцентираше Лаптош, посочувајќи дека меѓународната соработката е иманентна бидејќи парите од коруптивните активности, како што е случајот со Санадер, најчесто завршуваат на банкарските сметки во странство и затоа државите мора да соработуваат на овој план.

Претседателот на ГРЕКО и судија во хрватскиот врховен суд, д-р Марин Мрчела, во своето излагање се фокусираше кон правосудните аспекти на борбата против корупцијата, корупцијата во судството, јакнењето на свеста, што е, како што истакна тој, прашање од огромна важност.

„Од голема важност е телото на прогонот да работи исто спрема секого, на ист начин. Мора да се создаде тој впечаток. Ние сме само еден вид на борбата против корупцијата.  Образованието е најважно. Борбата против корупцијата потекнува од градинките“, истакна Мрчела, елаборирајќи ги дополнително и прашањата за судиското постапување, одлучување и етика, но и начелото на пресумпцијата на невиност, кое, како што потцрта, мора да се почитува.

Во таа насока беше и излагањето на Никола Додевски, претседател на АКРМ,  кој во своето излагање говореше за аспектите на одбраната во кривичните дела од областа на корупцијата. Додевски особено се фокусираше на прашањето за почитувањето на пресумпцијата на невиност.

„Карактерот за овие кривични дела предизвикува особено внимание во јавноста, но со самото тоа предизвикува изнесување детали од едната страна на постапката, а тоа е страната на кривичниот прогон или уште полошо од страни што не се овластени да поведуваат кривичен прогон.  Тоа кај одбраната неминовно предизвикува однапред да се смета дека се работи за вистински сторители на кривични дела. Тука јавноста не се информира, туку се инструира. И тоа е осуда без судење и дизбалансот е направен. Потребен е баланс и јавен ангажман за почитувањето на пресумпцијата на невиност. Никој не може да биде суден без судење и со написи во медиумите и без почитување на неговите основни права“, потенцираше Додевски, истакнувајќи дека од императивно значење е да се почитува законитоста на доказите.

За борба против корупцијата од аспектите на превенција и репресија говореше јавниот обвинител Тодор Витларов, кој подвлече дека основен постулат на превенцијата  е функционирањето на правната држава.

„Основен постулат на превенцијата е функционирањето на правната држава, а во тој контекст создавање на институционални и реални услови за функционирање на независно судство и самостојно јавно обвинителство. Од друга страна, пак, репресијата на корупцијата најуспешно можат да ја остварат некорумпирани, стручни судии и јавни обвинители“, истакна тој, дополнувајќи го своето излагање со анализа на препораките на ГРЕКО и презентација на примери од практиката.

На вториот ден од конференцијата Питер Ајнсворт, виш советник за борба против корупција во Министерството за правда на САД, говореше за американските искуства при  проследувањето на најдобрите практики во обвиненијата против корупција во јавниот сектор. Ајнсворт говореше за изворите и за правната основа да се започне истрага, за независноста наспроти дискрецијата на јавниот обвинител, за договори за соработка со сведоци, за снимање со дадена согласност  и за укажувачите на корупцијата. Излагањето на Ајнсворт предизвика дискусија за употребата на посебните истражни мерки во Република Македонија и беше заклучено дека тие мора да се употребуваат откако ќе бидат исцрпени сите други законски начини за обезбедување на доказите, како клучни во поткрепувањето на тврдењата за постоењето на корупцијата во даден случај.

Конференцијата беше заокружена со интерактивни анализи на случаи, со совети и со сугестии како да се пристапи кон случаите на корупција и како низ законската процедура ефикасно да се остварат целите на правната држава, владеењето на правото низ борбата против корупцијата како глобален феномен.

„Борбата против корупцијата не може да се води без силна етика, без свест и политичка волја, и што е најважно, таа борба може да се води ефективно само со судии и обвинители кои не се корумприрани“, беше резимирано на крајот на Конференцијата.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

9.06 2015