/ Прочитано:

1.555

Судиите уживаат слобода на изразување и можат да го коментираат функционирањето на другите две власти – Анета Арнаудовска

Судиите уживаат слобода на изразување и можат да го коментираат функционирањето на другите две власти и на политичарите, да ги критикуваат законите, влијанијата и притисоците врз судиите, буџетските рестрикции, да поведуваат прашања од јавен интерес, но при тоа мора да ги почитуваат сите стандарди и да се воздржуваат во случаите кога нивната авторитативност и непристрасност или перцепцијата за нив, може да биде доведена во прашање, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

????????????????????????????????????

Во контекст на изборот на новиот претседател на ЗСРМ, кои се Вашите коментари во врска со последните зачестени критики и напади врз судството и судиите?

Амбиентот во кој функционира судството во Македонија во последните години, а особено изминатата, не претставува новина, тој е присутен и во другите држави членки на Советот на Европа од причина што сите општествено-политички случувања и потреси имаат реперкусии и врз судската власт. Во рамките на примената на меѓународните гаранции за независно и ефикасно судство, сѐ поважно е прашањето за односот на судството со другите две власти. Иако е прокламиран на хартија концептот на поделба на власта, во праксата на многу држави се појавуваат загрижувачки тензии. Имено, во голем број држави владејачките гарнитури ја оспоруваат позицијата на избраните судии, постојат слабости во извршувањето на судските пресуди, извршната власт има значително влијание врз работата на судството, хроничен е недостигот од финансирање на судството, се констатира недостигот од соодветно законодавство или се јавува проблемот на зачестено менување на законодавство, што, пак, е спротивно на начелото за правна сигурност. Сѐ почести се вербалните напади и јавни критики од страна на политичарите врз судството и судиите дека не се доволно „отчетни” пред општеството, со што се оспорува легитимитетот и се поткопува довербата во судството. Од друга страна, потребно е судовите да обезбедат многу повисок степен на отвореност и транспарентност во работењето, а судиите треба да „внимаваат” на начинот на кој работат.

Ова беа главните причини поради кои Консултативниот совет на европските судии (КСЕС) пристапи кон изработка на Мислењето 18 во кое се разгледуваат поимите на легитимитетот и отчетноста на судството и можноста за воспоставување на најсоодветен меѓусебен однос помеѓу трите власти и нивната одговорност едни кон други.

akad 4

Како ги објаснува поимите на легитимитет и на отчетност ова Мислење, пред кого треба да дадат отчет судиите?

Судиите го црпат својот легитимитет од националниот устав, а тој т.н. уставен легитимитет, еднаш кога ќе бидат избрани, судиите го практикуваат преку своите овластувања. Овој легитимитет се реафирмира само преку почитта и довербата на јавноста во правосудството, која, пак, судот и судиите мора да ја заработат и да ја задржат преку квалитетна работа и со почитување на највисоките етички стандарди: тоа е она што КСЕС го нарекува „функционален легитимитет”.

Судството ѝ служи на јавноста и поради тоа е соочено со должноста да им покаже на другите власти и на општеството, во целина, за какви цели ги користи својата моќ, овластувањата и независноста. Ова КСЕС го нарекува „отчетност”. Првата форма на таа отчетност е системот на жалбена постапка која се нарекува „судска отчетност”. Судиите ја покажуваат својата отчетност преку транспарентноста на рочиштата, преку носење соодветни образложени пресуди и преку комуникацијата со јавноста и со другите власти, што е форма која се нарекува „објаснувачка отчетност”. На крајот, доколку е еден судија вмешан во несоодветни активности, мора да одговара за стореното, во дисциплинска или дури и во кривична постапка, што КСЕС го нарекува „казнена отчетност”.

Во случаи на загрозување на функционирањето на судовите поради физички напади или поради заплашувања упатени кон поединечни судии, од исклучително значење е постоењето на силни здруженија на судии, но кои, од друга страна, не смеат да се претворат во синдикални организации кои корпоративистички ќе ги бранат тесните интереси на судството.

Каква е состојбата со вербалните напади  што доаѓаат од разни страни во последниот период и дали судиите можат да го коментираат  функционирањето на другите две власти ?

Судиите уживаат слобода на изразување и можат да го коментираат  функционирањето на другите две власти и на политичарите, да ги критикуваат законите, влијанијата и притисоците врз судиите, буџетските рестрикции, да поведуваат прашања од јавен интерес, но при тоа мора да ги почитуваат сите стандарди и да се воздржуваат во случаите кога нивната авторитативност и непристрасност или перцепцијата за нив, може да биде доведена во прашање. При тоа, судијата не смее да биде виден како лобист на политиките на другите две власти и секогаш треба да има предвид дека е тешко да изрази чисто лично мислење кое нема да биде перципирано како гледиште на целото судство.

Во поглед на критицизмот кој доаѓа од другите две власти, мора да се води сметка дека функционирањето на судството е прашање од јавен интерес, тоа има специјална улога во општеството и мора да ужива доверба против деструктивните напади кои се неосновани, особено што судиите кои се предмет на напад се врзани за должност за дискреција од одговор.

evropski-sud-za-chovekovi-prava-strazbur-evropski-sud-za-covekovi-prava-strazbur-e1391420079204.jpg

При тоа, ќе го посочам предметот Пеша против Хрватска, апл. бр. 40523/08 од 8.4.2010 во која ЕСЧП нашол повреда на пресумпцијата на невиноста на осомничениот, според чл. 6 од ЕКЧП. Имено, во овој случај, апликантот, кој бил потпретседател на Хрватскиот фонд за приватизација, бил лишен од слобода под сомнение дека примил мито, а во текот на постапката повеќе високо рангирани функционери дале јавни изјави во медиумите со кои изнеле став за вината на осомничениот. Тоа биле директорот на полицијата, јавниот обвинител на РХ, претседателот на Владата и претседателот на државата. ЕСЧП сметал дека јавноста навистина има право да добие информации за сериозните обвиненија, особено кога се работи за злоупотреби на службената положба. Но, воедно, должноста за известување на јавноста не го оправдува користењето на сите можни зборови, туку изборот на зборови кој го користи функционерот, особено јавниот обвинител, треба да биде таков што ќе го почитува правото на осомничениот да се смета за невин. Оваа одлука е особено актуелна во последниот период, кога многу јавни вербални напади се изнесени против одделни судии и судовите, како и изјави со кои се нарушува пресумпцијата на невиност на осомничените лица.

На кој начин треба да си го врати угледот пред јавноста македонското судство? Во согласност со извештајот на Евробарометарот, произлегува дека 69 % од граѓаните не веруваат во судството.

Во своите препораки во 4-от круг за превенција на корупцијата во судството, ГРЕКО, во досега спроведените евалуации, наметна препораки со цел зајакнување на гаранциите за независност на судството преку воведување уставни или законодавни измени за процесот на избор и напредување, разрешување и евалуација на судиите, а од друга страна механизми за јакнење на интегритетот и за развој на професионалните стандарди за етичко однесување и спречување на судирот на интереси.

Евидентно, од досегашните евалуации се издвојуваат две категории на држави. Едните се старите демократии со традиционални правни системи на избор и разрешување, каде што судиите сè уште ги избира законодавната, извршната власт, кралот, или претседателот на државата, кои немаат судски совети, и повторно имаат стандард на долга историска доверба на јавноста во судството, силна медиумска и социјалната контрола, практикување на чесност и етичност на судиите и голема финансиска сигурност, како и многу мал степен на разрешувања. Од друга страна се државите на новите демократии аспирантите за влез, но и новите членки на ЕУ, меѓу кои спаѓа и РМ, кои поминале или кои поминуваат низ процес на хармонизација на легислативата, целосно ги исполнуваат меѓународните стандарди, а се соочуваат со низок степен на перцепција и доверба на граѓаните во судството. Покрај подобрување на комуникациските стратегии со јавноста, медиумите, вклученост на цивилното општество и покажување на добрите практики, обуките за зајакнување на етичноста и резистентноста на судиите кон разните влијанија и притисоци врз судиите, пристапот до литература и знаења, еден од начините на зајакнување на довербата е воспоставување на системот на интегритет, почитување на етичките принципи и справување со судир на интереси од страна на судиите. Во таа смисла, ГРЕКО на Македонија, како и на голем број на држави, ѝ препорача зајакнување на превентивните мерки за корупцијата, како што се усвојување етички кодекси, следење на нивната имплементација, развој на водичи и креирање ефикасен механизам за мониторинг и санкционирање на повредите.

akad 3

Според Вашето мислење, каква треба да биде улогата на ЗСРМ ?

Во таа смисла, за поздравување е усвојувањето на новиот Етички кодекс на судиите и формирањето на Советодавното тело од страна на Здружението на судиите на РМ. За да профункционира ова тело, потребно е пошироко да се промовира, јасно да биде објаснета неговата улога дека тоа не претставува уште еден дополнителен механизам за контрола на судиите, туку дека наметнува целосна реконструкција на менталитетот на нашите судии кои би требало да почнат да им се обраќаат за помош на своите колеги и отворено да разговараат за своите проблеми, ситуација што е сѐ уште на почетокот, со оглед на затвореноста на судската професија која се одликува со голема доза на индивидуалност и самостојност.

Академијата спроведува обуки за судиите и обвинителите, а првпат во 2013 година започна со обуките за етички кодекс и судир на интереси и за судиите поротници, но судиите многу малку јавно зборуваат за своите етички дилеми и бараат помош. Етиката од сферата на приватното и индивидуалното треба да се префрли на теренот на јавното. Јавноста е сè позаинтересирана за приватниот и за семејниот живот на судиите и обвинителите, сè повеќе го коментира нивното однесување, не само во судницата туку и нивното појавување на разни јавни настани, дури го коментира и нивниот изглед. Судиите, пак, од своја страна се сѐ повеќе присутни во социјалните медиуми, ставаат слики и од приватниот живот, па се поставува прашањето за разграничување на приватното од јавното и практикување на слободата на изразување на судиите, која може да ги загрози честа и угледот и перцепцијата за достоинството и авторитативноста на судската функција. Со проектот ИПА 2010, Академијата, во соработка со експертите, изработи водичи за етичките правила, со практични примери, наставни планови и обуки за етиката, а во светло на препораките на ГРЕКО во Четвртиот круг, кои ќе бидат промовирани кај судиите и општата јавност, во соработка со ЗСРМ кое ни е долгогодишен партнер и целосно сме убедени дека таа соработка ќе биде продлабочена во иднина сѐ со цел за понатамошно унапредување на гаранциите за независно и стручно судство.

М.В