СУДЕЊЕ „РОВЕР“ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ: Имаме докази дека казните се договараат по телефон и во кафеани, тврди Бошкоски
Четврток, 13 ноември 2014 – Обвинетите и бранителите во предметот за случајот „Ровер“ ги дадоа завршните зборови. Исходот од повтореното судење ќе биде познат на 19 ноември (среда), кога судијата Илија Трпков ќе ја изрече пресудата. Љубе Бошкоски, кој со пресудата што Апелација ја укина беше осуден на 12 години затвор, денеска обвини дека казните се договараат по телефон и во скопски кафеани. Поранешниот министер за внатрешни работи рече дека завршниот збор ќе го даде во едно друго време, а меѓу другото истакна и дека судијата кој го води процесот треба да подготвува одбрана за обвинението кое ќе биде покренато против него. Не помалку жесток беше и обвинетиот Зоран Трајковски, кој се наоѓа во притвор повеќе од 2 години.
„Мојот завршен збор ќе го дадам во едно друго време, во време кое доаѓа“, рече поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски кој е обвинет за помагање при убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, кое се случи во 2001 година.
Судскиот процес, како и многупати досега го нарече апсурден и монтиран. Говореше и за хашкото обвинение подготвено од Карла дел Понте, а на присутните во судница им одржа и лекција по историја на право, посебно осврнувајќи се на значењето на терминот „правна држава“ .
„Суштината на мојот пркос во овој процес, не беше да навредувам никого, напротив, да го дадам мојот придонес во развојот на феноменот „правна држава“. Трите столба на правната држава се: законодавната, извршната и најважната – судската власт“, истакна Бошкоски, додавајќи дека со овој процес комплетно е дерогирана судската власт.
Поранешниот министер за внатрешни рабти тврди дека има докази за телефонски разговори во кои се договараат затворски казни.
„Имаме докази за телефонски разговори во кои се кажуваат годините и висините на казните. Во скопски кафеани се договара висината на казната, не само за мене, туку и за другите кои се во Идризово. Судот е нем послушник на извршната власт. Јас и кога барав психијатриско вештачење за судијата не мислев никого да навредам, туку да им помогнам на судиите да си ја отворат душата за притисокот којшто им се врши и дека условите за работа се ненормални. Да можат да се исповедаат“, рече Бошкоски.
Тој, меѓу другото, Изрази сочувсто кон семејствата на Тушевски и Јанев.
„Никој нема право да одзема туѓ живот, или како што тоа се нарекува во модерните филмови: ’никој нема право на лиценца за убивање’“, рече поранешниот министер за внатрешни работи.
Не го читаше романот „Браќа Карамазови“ на Достоевски како што најави, но го препорача ова дело на присутните во судница со цел да направат паралела со судскиот процес што се води против него.
„Судијата да се подготви за обвинението кое ќе биде покренато против него“
Бошкоски, меѓу другото, се повика на завршните зборови на неговиот бранител Д0нчо Наков, кој на минатото рочиште наведе дека судот две години знаел дека двајца од обвинетите, кои се товарат како директни извршители на убиството, се од БиХ, а не од Србија, но и покрај тоа ги барал во Србија.
„Не може никој во оваа држава, па ни под било какво име, да ги крши Уставот, законите и меѓународните договори коишто се ратификувани во македонското Собрание“, рече Бошкоски мислејќи на договорите коишто ги има потпишано Македонија со Србија, БиХ и Хрватска за испорачување на нивни граѓани.
Според него, судијата кој го води предметот, Илија Трпков, сам си го пишува обвинението против себе.
„Двајца од извршителите на убиството не се српски државјани, туки државјани на БиХ. Некој како судијата Илија Трпков си зема за право да помине преку тоа, без да размислува за последиците и на тој начин почнува сам да си го пишува обвинителниот акт за злоупотреба на службената положба“, нагласи Бошкоски.
Тој исто така обвини дека судијата дека се изживува со немоќни лица и дека крие докази.
„На овој начин, Трпков ја пишува и втората и третата реченица од обвинението. Не само што МВР по убиството дошло на лице место за половина час, туку на местото дошле и јавен обвинител со име и презиме и истражен судија. Најважно е дека е отворена истрага, а од страна на МВР е изготвена пријава против НН лице “, рече Бошкоски негирајќи ги наводите на Обвинителството дека како тогашен министер за внатрешни работи наредил да не се води истрага за двојното убиства. Тој воедно се надоврза и на адвокатот Наков во однос на тоа дека за случајот бил отворен и предмет, кој иако бил побаран како доказ, не и’ бил доставен на одбраната.
Заврши, велејќи дека нема намера да бара ослободителна пресуда од судски совет кој не го признава.
„Овој процес е циркус, но болен процес во којшто имало жртви, жртви кои се измачуваат во притворите во затворите. Денеска не давам завршен збор, ниту на крај памет не ми е да барам ослободителна пресуда, од судски совет кој не го признавам, не можам од лицето И.Т. да барам да ме ослободи, туку да размислува, да се подготвува за одбрана за обвинението кое ќе биде покренато против него. Фала ви на вниманието, се гледаме во поубави времиња“.
„Скандалозно обвинение: се потпира на исказот на „професионалниот сведок“ Александар Василевски – Нинџа“
По Бошкоски, завршни зборови даде Љупчо Веселиновски, бранител на осмообвинетиот Зоран Трајковски. Веселиновски, побара ослободителна пресуда, посочувајќи дека нема докази кои ги докажуваат наводите во обвинението, односно дека неговиот клиент не го сторил кривичното дело помагање при убиство.
„Кога полагав испити имав трема, а и денеска имам трема бидејќи знам дека ќе се случи нешто поинаку од претходното судење – дека сите ќе го положиме испитот“, рече Веселиновски.
Спред одбраната, контрадикторно е Трајковски, како самостоен инспектор и шеф на тогашното обезбедување на Бошкоски, да се обвинува дека ги распоредил инспекторите од Секторот за набљудување и документирање (СНД) на место каде што се случило убиството, а потоа дека ги повлекол во база и им наредила не зборуваат за настанот и да не пишуваат службени белешки.
„Контрадикторноста која ја утврди и Апелација се состои во тоа што Трајковски како самостоен иснпектор и шеф на обезбедувањето на Бошкоски немал овластувања да презема вакви дејствија“, истакна бранителот и додаде дека во повторената постапка не се понудило ништо ново, како и тоа дека се приклучува кон завршниот збор на другите бранители.
Обвинетиот Трајковски, кој со претходната пресуда беше осуден на 10 години затвор, во својот завршен збор рече дека обвинителниот акт е контрадикторен, конфузен и скандалозен.
„Обвинението е скандалозно бидејќи се потпира на исказ на заштитен сведок и на уште еден сведок – познат по судските ходници како „професионален сведок“. Овој сведок се вика Александар Василевски со прекар „Нинџа“ и е чест гостин во затворите и притворите. Овој сведок кога ќе изврши кривично дело, како последното – обид за убиство – за кое пропишано казна затвор од минимум 10 години, се пријавува да сведочи во Обвинителство и надлежните потоа ретерираат и обидот за убиство станува тепачка“, рече Трајковски.
Тој исто така запраша – „како јавниот обвинител дозволил неуки луѓе од Крвни деликти кои не можат да спојат две исти чорапи во еден пар, да му подметнат нешто во кое, според негово длабоко уверување, и обвинителот веќе не верува“.
Според обвинетиот, кој детално ги анализираше исказите на сведоците дадени на претходното судење, не се докажало со ниту еден вербален и материјален доказ дека тој е сторител на било какво кривично дело.
Трајковски во своето излагање посочи и на грубо кршење на законот од страна на судскиот совет.
„Предметот се брзаше, болните се правеа здрави, а притвор од 26 месеци се пресметуваше како притвор од 14 месеци“, подлече Зоран Трајковски, кој во притвор се наоѓа повеќе од 2 години.
Емотивен беше завршниот збор на обвинетиот Гоце Митровски, кој со пресудата што ја укина апелација беше осуден на 6 години затвор за помагање при убиство.
„28 месеци сум во притвор и не знам зошто воопшто сум вклучен во овој процес во кој ме осудија поради изјава на заштитен сведок. Болно е кога одам со лисици како криминалец, а 15 години работев во Крвни деликти. Најмногу од се ме мачи тоа што ме гонат за нешто против кое сум се борел цел живот“, рече тој.
Според Митровски, обвинението е измислена приказна.
Последнообвинетиот Никола Негриевски, останувајќи на она што го кажал претходно, единствено истакна дека се чувствува невин.
Предметот за случајот „Ровер“ се води против десет лица. Обвинетите се товарат за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во скопски Капиштец, во јули 2001 година. Во април годинава, скопска Апелација ја укина првостепената пресуда со која обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат во распон од 6 години до доживотен затвор со образложение дека првостепениот Суд не успеал да ја докаже умислата на оние кои се товарат за помагање при убиството. Новото судење стартуваше во јули со истиот обвинителен акт. Во рамки на судењето се одржаа осум рочишта, но не беа изведени нови докази.
>> Повеќе за предметот информирајте се тука.
Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk