/ Прочитано:

744

Судот за вербалните напади на Бошкоски врз судијата: „Демократско право е на секој граѓанин јавно да се изразува на свој начин“

Четврток, 6 ноември 2014 – Основниот суд Скопје 1 се огласи со соопштение во врска со вербалните напади кои поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, обвинет во случајот „Ровер“, на вчерашното рочиште му ги упати на судијата Илија Трпков. Имено, Бошкоски побара психијатриско вештачење на Трпков, со цел, како што рече, „тој да се ослободи од стравот“. Според него, судијата го води преметот необјективно и пристрасно. 

Од Судот посочуваат дека демократско право е на секој граѓанин јавно да се изразува на свој начин.

„Го разбираме револтот кај некои од обвинетите, без да навлегуваме во причините зошто тоа го прават, а целта е очигледна одолговлекување на постапката, на која самите приговараат.

Без преудицирање на било каква одлука во постапката, Судот има законска обврска да постапува по кривични предмети меѓу кои и овој и со сето ова уште еднаш се докажува дека странките во постапката односно и обвинетите ги уживаат сите можни права, па дури и правото јавно да го изразат своето непочитување спрема Судот како институција која ужива углед“, се вели во соопштението на Судот.
Предметот за случајот „Ровер“ се води против десет лица, меѓу кои поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. Обвинетите се  товарат за двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во скопски Капиштец во јули 2001 година.  Во април годинава, скопска Апелација ја укина првостепената пресуда со која обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат во распон од 6 години до доживотен затвор. Бошкоски со оваа пресуда беше осуден на 12 години затвор за помагање убиство.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.