/ Прочитано:

6.546

Судска заштита и судска практика кои произлегуваат од примената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти

„Видови и содржина на тужби за заштита на правата кои произлегуваат од постапката за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти со примери од судската практика“ е темата на советувањето кое денеска го организира Академијата за судии и јавни обвинители.

akad 7

 Целта на советувањето, на кое учествуваат судиите и судските соработници од граѓанските оддели од судовите од сите апелациони подрачја, е размена на искуства од судската пракса и нејзино воедначување по повод различните видови тужби кои се однесуваат на заштита на правата поврзани со бесправно изградените објекти. Свое излагање поврзано со темата на советувањето имаат проф. д-р Родна Живковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје  и Љубица Колиќ, судија на Основниот суд Скопје 2 Скопје.

Одредби за „легализација“ на бесправни објекти се среќаваат во повеќе прописи

Во правниот систем на Р Македонија пред 2011 година, вели проф. д-р Родна Живковска, одредби за „легализација“ на бесправни објекти се среќаваат во повеќе прописи: во генералниот Закон за сопственост и други стварни права и во специјални закони (Законот за градење од 2005 година, Законот за катастар на недвижности од 2008 година и Законот за катастар на недвижности од 2013 година).

Во својот труд „Легализација на бесправните објекти во правниот систем на РМ“ проф. д-р Родна Живковска и доц. д-р Тина Пржеска констатираат дека одредбите во овие прописи не доведоа до систематско решавање на проблемот со бесправните објекти.

Прв обид за систематско решавање на проблемот со бесправните објекти е Законот за постапување со бесправно изградени објекти од 2011 година кој го уредува начинот и постапката за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Бесправните објекти, посочува проф. Живковска, во овој закон се квалификувани како објекти од значење за Р Македонија, како објекти од локално значење и како објекти на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијарна здравствена заштита.

Како се иницира постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект?

Постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект е управна и се иницира по барање на имателот на бесправен објект. Утврдувањето на правен статус на бесправен објект се врши со решение кое се донесува откако надлежниот орган ќе изврши увид на самото место, ќе донесе урбанистичка согласност (ако се исполнети условите предвидени со закон) и ќе изготви заклучок за плаќање на надомест. Решението е правен основ за запишување на правото на сопственост на објектот во катастарот на недвижности. Постапувањето со бесправните објекти изградени на земјоделско земјиште, т.е. „легализацијата“, како што покажува трудот „Легализација на бесправните објекти во правниот систем на РМ“, е уредена со Законот за земјоделско земјиште од 2007 година, односно со Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште од 2011 и 2012 година). Предмет на потврдување можат да бидат помошни објекти, објекти за примарна обработка на земјоделски производи и оранжерии. Бесправниот објект или оранжерија можат да бидaт потврдени со одобрение за потврдување доколку се исполнети законските услови и ако е платен надоместокот за потврдување.

Земјите од соседството имаат донесено специјални закони

Анализата на компаративното право, истакнува проф. д-р Родна Живковска, покажува дека од земјите од соседството, Р Србија и Р Хрватска, имаат донесено специјални закони со кои се уредува постапувањето со бесправните објекти. Во Р Црна Гора во процедура е донесувањето на Закон за легализација на неформалните објекти. Во Р Босна и Херцеговина постапување со бесправно изградени објекти е во надлежност на кантоните. Прописи со кои се уредува постапувањето со бесправни објекти се донесени и во Грција, Бугарија и Албанија. Легализации на бесправните објекти се извршени и во западноевропските земји како што се: Италија, Шпанија, Португалија и други.

Видови тужби во граѓанската постапка кои произлегуваат од примената на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти

Во однос на видовите на тужби во граѓанската постапка кои произлегуваат од примената на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со примери од судската практика, судијката Љубица Колиќ истакнува  дека, во согласност со Законот за парничната постапка, може да се поднесе тужба за утврдување како вид на судска заштита.

Според членот 177, став 1 од ЗПП, вели судијката, тужителот може во тужбата да бара судот само да го утврди постоењето, односно непостоењето на некое право или правен однос или вистинитост, односно невистинитост на некоја исправа.

„Ваква тужба може да се поднесе кога тоа со посебни прописи е предвидено, кога тужителот има правен интерес судот да го утврди постоењето, односно непостоењето на некое право или правен однос, или вистинитост, односно невистинитост на некоја исправа пред пристигнатоста на барањето за чинење од истиот однос, или кога тужителот има некој друг правен интерес за поднесување на ваква тужба“, истакнува судијка.

Во согласност со Законот за сопственост и други стварни права, може да се поднесе деклараторна и излачна тужба. Според членот 163 од овој закон, истакнува судијката, правото на сопственост се заштитува со тужба за утврдување на правото (деклараторна) и со излачна тужба, кои се уредуваат со посебни закони.

Судијката Колиќ го образложува и прашањето за градење без одобрение за градба кое е регулирано во членот 121 од  Законот за сопственост и други стварни права.

„На градежен објект изграден без одобрение за градење градителот со самата градба не стекнува сопственост, а до легализација или рушење на тој објект врз основа на одлука на надлежен орган ужива соодветна судска заштита која му припаѓа на сопственик, ако со закон поинаку не е определено.

Градителот на објектот од став 1 на овој член кој гради на свое или туѓо земјиште под услови утврдени во овој закон, може да стекне сопственост на таков објект, односно градбата да се легализира, доколку објектот се вклопува во урбанистичкиот план, а градбата се потврди со одобрение за градење од надлежен орган и се запише во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.

Ако за земјиштето каде што е изграден градежен објект без одобрение за градење не постои урбанистички план, а надлежниот орган утврди дека поминале десет години од изградбата на објектот и ја потврди градбата со одобрение за градење, градителот стекнува сопственост со упис во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, ако со посебен закон поинаку не е предвидено“, се пропишува во членот 121.

Исто така, посочува судијката Колиќ, според Законот за облигациони односи, во случај кога е извршен договорот на кој му недостига форма, договорот за чие склучување се бара писмена форма се смета за полноважен, иако не е склучен во таа форма, ако договорните страни ги извршиле, во целост или во поголем дел, обврските што настануваат од него, освен ако од целта поради која е пропишана формата очигледно не произлегува нешто друго.

 Какви граѓански спорови се сретнуваат во практиката?

Во судската практика, нагласува судијката Колиќ, можат да се издвојат повеќе видови на граѓански спорови кои произлегуваат од спроведување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, и тоа облигациони спорови за утврдување на постоење на договори или за исполнување на договори за купопродажба, потоа сопственички спорови за утврдување на сопственост до легализација или уривање на објекти изградени без дозвола за градење и спорови за утврдување на корисничко право на градежно земјиште врз основа на договори за пренос на корисничко право на кои им недостасува законска форма или кои се склучени во период кога бил забранет прометот на национализирано земјиште, а кои се однесуваат и на купопродажба на објекти изградени без одобрение за градење.

Покрај овие спорови, резимира судијката, постојат и спорови за утврдување на посилно право на спроведување на постапка за утврдување на правен статус на бесправен објект.

M.В