/ Прочитано:

1.076

СУДСКИТЕ РЕФОРМИ ВО ФАЗА НА СЛОБОДЕН ПАД: Судии, професори и граѓански активисти за состојбите во правосудството

Мрежа 23 е проект на граѓански организации кои активно беа вклучени во следењето и евалуацијата на политиките кои произлегуваат од Поглавјето 23 – правосудство и темелни права за членство на земјата во Европската Унија. На завршната Конференција од проектот, финансиран од Европската Унија во рамки на ИПА програмата за поддршка на граѓанските организации, од страна на универзитетски професори, судии и граѓански активисти беше коментирана и состојбата во македонското судство.

На Конференцијата Д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика нагласи дека мисијата на Мрежа 23 е да се биде релевантен учесник во креирањето и следењето на политики, засновани на докази и аргументи, во областите правосудство и темелни права, преку поттикнување на активно граѓанство. Таа потенцираше дека граѓанското општество може да даде свој придонес кон поставувањето на одредниците и начинот на кој ќе се следи реализацијата на Итните реформски приоритети преку анализите на Мрежа 23 кои имаат за цел да ја претстават ситуацијата во Република Македонија и да понудат конкретни опции за унапредување на состојбите.

Уранија Пировска, во име на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, нагласи дека нема компромис кога станува збор за човековите права, за владеењето на правото и за сето она што треба да биде изнесено пред лицето на правдата и да биде санкционирано.

Д-р Наташа Габер Дамјановска, судија на Уставниот Суд на Република Македонија, како  воведничар во панелот посветен на правосудството, оваа проблематика ја дефинираше како „принципи кои треба да бидат почитувани и применувани во правосудството, а се во склад со Поглавјето 23.

„Сето тоа, Република Македонија се разбира дека треба да го исполни, во генералните рамки во пристапниот процес кон Европската Унија“, нагласи уставната судијка.

Габер констатираше дека ваквата идентификација на проблемите претставува особено вредна алатка, која во крајна линија може да ја зголеми ефикасноста и респонзивноста на секоја власт која претендира да биде демократска и која мора да остане отворена кон ваквите размислувања. Таа појасни дека активните граѓански организации се израз на народната волја за партиципативност на граѓаните во процесот на донесување на одлуки.

Вера Коцо, претставник на Институтот за човекови права, истакна дека при изготвување на Анализата, наишле на потешкотии во обезбедувањето информации од јавен карактер, односно одлуки на Врховниот Суд, како и неодговарањето прашалници од страна на членовите на Судскиот совет. Институтот се придржува кон тоа да се стопира постапката за избор на членови на Советот за утврдување на факти, а воедно да се предвиди ефективна одговорност за членовите на двата совети, суштинска транспарентност во нивното работење и депрофесионализација на членовите на Судскиот совет.

„Препорачуваме да се обезбеди ефикасен правен лек во постапката кои се водат пред Судскиот совет, преку право на поведување управен спор“, рече Коцо, апелирајќи да се направат достапни релевантните информации и одлуките, преку редовно ажурирање на веб страните.

Д-р Мирјана Ивановска Бојаџиевска од Коалицијата „Сите за правично судење“, најнапред укажа една од најголемите забелешки се однесува на користењето на правото на бесплатна правна помош и улогата на бранителот. Таа се сомнева дека на ваков начин е запазено правото на одбрана.

„Тој сам бранител не знае за што е дојден, најчесто на самото судење му се доставува примерок од обвинението и тој создава одбрана“, истакна Бојаџиевска.

Според неа, покрај одбраната, особено проблематична е и улогата на јавниот обвинител. Согласно наодите, во 15 случаи странките не биле запознати со правото на бесплатна правна помош, а во 4 случаи одбраната се пожалила дека нема пристап до доказите коишто одат на нивна штета.

„Овие бројки навидум се многу мали, но ако се земат процентуално, 4 случаи од 45 предмети се речиси 10%, а тоа е алармантно“, додаде таа.

Ѓорги Тасев од Здружението „НОВУС“, од спроведената анализа, препорачува судот доследно да ги применува и европските определби за независно судство, како и гаранциите за човековите права дадени во меѓународните договори. Акцент треба да се стави на независната положба на судијата, а судиите сами треба да се изборат за местото кое им припаѓа согласно улогата во уставот и позитивните законски прописи.

„Здружението на судии треба да има поактивна улога, посебно за заштита на самата функција на судиите, покрај правата“, истакна Тасев.

За недостатоците во финансиското функционирање во работата на судот, Тасев рече дека покрај зголемување на средствата, опција е и наплата од паричните казни и паушалот кои ги покриваат  недостатоците во финансиското функционирање во работата на судот. Тасев препорача Академијата за судии и јавни обвинители да формира одделенија на подрачјата на апелационите судови во внатрешноста на државата.

Зоран Јанкуловски, претставник на Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија, препорача дека за задоволување на моментните потребни на судската власт, во овој момент, идеален судски буџет би бил тој што ќе изнесува не помалку од 0,5% од буџетот на Република Македонија.

„Меѓутоа, за трајно непречено финансирање на тековните активности, достасаните обврски и на инвестициските потреби на судовите, потребно е реализирање на републички судски буџет во законски утврдената големина од најмалку 0,8% од БДП на земјата“, потенцираше Јанкуловски.

Притоа, додаде тој, препорачливо е да се зголеми делот од средствата кој ќе се користи за финансирање на инвестициски активности во судовите. Потребно е да се врши усогласување на буџетските барања на судовите – буџетски единки на ниво на апелациско подрачје и да се унапреди постојниот модел за пресметка на цена на чинење на судски предмет.

„Треба да се засили системот на внатрешна контрола во судовите, односно потребен е транспарентен и отчетен систем на контрола што конечно би довел до рационално, економично и ефикасно користење на расположливите средства“, констатираше Јанкуловски.

Д-р Слаѓана Тасева од Transparency International, ја потврди улогата на граѓанскиот сектор, како куче-чувар, односно коректор на однесувањето на институтциите. Но за тоа да се оствари, многу е битна транспарентноста на институциите.

„Во нашиот случај „ние официјално и не знаеме кој е контакт точка за мерките за борба против корупција иако постои одлука на Европската комисија дека државите треба да определат такви контакт точки и дека тие треба да работат транспарентно“, рече Тасева.

Taa во продолжение истакна дека треба сите да ги обединат за пораката да биде посилна, дека граѓанскиот сектор може квалитетно да се вклучи во овие процеси на евроинтеграции и  да даде придонес во градењето на државните политики, помогајќи во дизајнирање на вистински усгласени мерки за имплементација.

Д-р Милка Ристова, пензиониран судија на Врховниот Суд на Република Македонија, истакна дека негативните согледувања за правосудството ги допираат носителите на судската и јавно-обвинителската функција, бидејќи еден голем дел од кадрите, коишто целокупната нивна кариера ја имаат поминато во овие институции, чесно и совесно ја вршат својата функција.

„Ваквите оценки негативни за судството најчесто се темелат на мал број на случаи коишто се експонирани во јавноста, а оној голем број на судски случаи кадешто се споделува правда во приватната сфера на граѓаните каде што судиите постапуваат и совесно и законито обично тој дел не се споменува“, истакна Ристова, изразувајќи загриженост и за перцепцијата на граѓаните. Таа препорача да се посвети сериозно вимание на  укажувањата на граѓаните во чие судиите ги носат одлуките.

„Тие сериозно мора да бидат сфатени“, резимираше Ристова, додавајќи дека на ваквите форуми може да се направи многу во таа насока.

Д-р Гордан Калајџиев, професор и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, смета дека граѓанскиот сектор има огромна улога, но не може да надомести нешто што е пропуштено во државните органи и во некои правни кругови врзани со Поглавјето 23. Тој се сомнева дали овие алатки кои моментално се користат се соодветни, бидејќи тие служат за унапредување на некоја ситуација и некои состојби коишто веќе се совладани.

„Во Македонија имаме два базични проблеми. Прво тие претпоставени совладани работи не ни се совладани, и ние сега ставаме тули во кула којашто ни е во жив песок и нема здрави основи, па дури и области во коишто се влегува многу, на пример, реформите во судството и сите овие напори за независно судство не вродуваат со резултати“, нагласи Калајџиев, констатирајќи дека постои „узурпација на државата, на државните институции и демократските процеси во државата од една политичка елита којашто е криминална“.

Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација, сугерираше дека кога се зборува за реформите во правосудството, нормално е да се помислува и да се работи на реформите кои се однесуваат на судиите и судството во целина, но малку место се остава за реформите кои се однесуваат вработените во судската администрација.

„За реформите да бидат успешни, мора да се води сметка и за другите вработени во судството, и за тоа како треба врз нив да влијаат овие реформи коишто се стремиме да ги спроведеме во судството“, рече тој  осврнувајќи се и на законската регулатива во однос на судската администрација.

Според него, со Законот за судска служба донесен во 2008 година, а измените во 2014 година, се покажале како чекор назад во споредба со 2010 година, кога се направени без поширока консултација со засегнатите страни.

На ваквите констатации се надоврза и г-а Антоанета Димовска, активен судија и потпретседател на Здружението на судии, која започна со зборовите не знам како се најдовме во оваа ситуација, од одење по една нагорна линија, наеднаш да се најдеме во фаза на слободен пад, најверојатно лека полека и наеднаш почнавме да пропаѓаме“.

Таа се согласува со констатациите на Ристова и Калајџиев дека всушност повеќето судии се чесни, при што отсуствува анализа за граѓаните кои имале пристап до судовите и си заминале задоволни.

„Оттаму, многу добри работи се анулираат со една лоша работа, а свесни сме дека има и многу лоши работи. Почетокот е граѓанинот. За имаме добро правораздавање, треба да имаме стручни судии, ама првенствено судии со интегритет“, подвлече Димовска.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

21.7.2015