/ Прочитано:

1.564

Судството треба беспоштедно да ги чисти корумпираните судии и обвинители — Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители

Преку триста судии и обвинители изминативе шест години го подмладија македонското правосудство: кадри со кои мора да се работи напорно, не само во правец на развивање на нивните правни способности, туку и на личните квалитети. Тие мора да поседуваат особини на модерни судии и обвинители, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска. Во однос на строгите критериуми за влез во Академијата, кои често се критикувани од студентите, но и од професорите на правните факултети, Арнаудовска децидна: „Судско-обвинителската професија треба да биде високоугледна и престижна; на судиите и јавните обвинители им се доверени честа и обврската да решаваат за човековите права и слободи; тие треба да бидат гарант на начелото на владеење на правото и, затоа, не гледам зошто околу тоа се крева прашина“. Случаите на корупција, во кои се вовлечени судии и обвинители, имаат убиствено влијание врз угледот на судството, смета нашата соговорничка која и самата доаѓа од редот на судиите.

Строгите критериуми за пријавување во Академијата за судии и јавни обвинители што Македонија мораше да ги воведе во согласност со европското законодавство се секогаш актуелна тема меѓу студентите, но и меѓу професорите на правните факултети. Коментарите се дека просечниот успех од 8,00 не треба да биде гаранција за квалитетот на правникот, особено кога сме соочени со примери каде вештачки се „билда“ просекот. Каков е Вашиот став?

Во голем број држави на ЕУ, фокусот е ставен на процесот на селекција, со строга проверка на професионалните, моралните и, воопшто, на човековите квалитети, со цел да се одберат најдобрите. Се наоѓаме во процесот на четвртиот круг на оценка на ГРЕКО, кој се однесува на превенција на корупцијата кај судиите и обвинителите и еден од превентивните механизми е и постоење објективни, мерливи показатели и индикатори за мерење на знаењето и вештините на кандидатите, не само за влез во професијата, туку и за напредување на повисока позиција. Сите држави, кои ја поминуваат оваа оценка, имаат исти дилеми: како да се постигне баланс помеѓу подобрувањето на квалитетот и ефикасноста на судството и унапредувањето на ефикасноста на механизмите за превенирање на корупцијата, почитувајќи ги сите меѓународни гаранции за независноста на судиите.

Со постојниот Закон за Академијата, условите за прием на почетна обука се поставени на повисоко ниво во однос на претходниот Закон, токму во правец на исполнување на препораките на ЕК и приговорите на другите меѓународни организации, кои во бројните извештаи укажаа на потребата во македонското правосудство да се воведат построги критеруми за селекција и регрутација на кандидатите, со цел за постигнување на повисок, квалитативен скок во нивото  на стручност и  ефикасност на идните судии и  јавни обвинители. Знаеме дека главните приговори на условите се однесуваат на  просекот 8,00 од правните студии. Иако можеби оценката не е пресуден критериум дека утре некој кандидат ќе биде добар судија или обвинител, сепак, таа е доволно објективен критериум за вреднување на нивото на претходно стекнатото знаење на кандидатот, кој сепак вложил малку повеќе труд за своето образование и усовршување. Ако просекот од најмалку 8,00, се бара за упис на постдипломските студии за асистенти на факултетите, не гледам зошто сега се крева прашина околу просекот како услов за влез во судско-обвинителската професија, која треба да биде високоугледна и престижна професија — и кога на судиите и на јавните обвинители им е доверена честа и обврската да решаваат за човековите права и слободи и да бидат гарант на начелото на вледеење на правото. Сè повеќе судии и обвинители магистрираат, докторираат, со што ја збогатуваат научната правна мисла со своето драгоцено практично искуство, а тоа, од друга страна, ги подигнува квалитетот и стручноста на  судството, во целина.

Не се сложувам со констатацијата дека просеците во последно време се „билдаат“, тоа значи дека имаме проблем со квалитетот на образовниот систем. Но, просекот не е единствен услов за влез во почетната обука. Кандидатот минувa низ повеќе филтри, низ сет на тестови, и тоа: квалификациски, психолошки тестови, тест за интегритет и приемен испит, кој се состои од практичен дел со цел да се проверат практичните способности на кандидатот за примена на правото, како и интервју со прашања од општа култура и етичките кодекси на професијата.

Всушност, построгите услови и се поставени од основна причина што сметано од 01.01.2013, сите судии и јавни обвинители (за нив режимот почна од 01.01.2012), во судовите и обвинителствата од прва инстанца ќе бидат избрани од редот на завршените кандидати од Академијата, па разбирливо е акцентот  да биде поставен во една претходна фаза. Холандија, неодамна воведе уште построг систем на селекција на кандидатите.

Дали соодносот на ваквите критериуми се покажа како успешен во потрагата по квалитетни кадри? Иако временскиот период е прекраток за оценка, имате ли, сепак, некаква претстава?

Неспорно е дека главната преокупација на Академијата, покрај почетната обука, е и континуираната обука на избраните судии  и обвинители. Сепак, најголемо внимание треба да посветиме на младите и новоизбрани судии и обвинители, бидејќи фрапира податокот дека во последните 6 години, правосудството е  за половина подмладено, односно избрани се преку 300 судии и обвинители. Со овие нови кадри мора да се работи напорно, не само во правец на развој на правните способности, туку и на личните квалитети — етичност, чесност, интегритет и морална храброст, независен ум кој ќе им дозволи да одлучат независно, со своја глава, бидејќи во најголем дел, одлуките кои ги носат, за некого ќе бидат непопуларни. Понатаму, кондиција за напорно работење, читање, сенс за разбирање на луѓето и разликите, за социјалниот контекст и културен сензибилитет и способност за комуницирање во судницата и јавноста, за самоконтрола, совладување на стресот, за временско менаџирање со предметите, вештини за спогодување, односно мора да ги поседуваат квалитетите на еден модерен судија и обвинител.

Како го коментирате фактот што досега повеќе предност им се даваше на другите кандидати, а не на дипломците од Академијата, состојба на која забележуваат и од Европската Комисија?

Изборот на кандидати од останатите правни професии и од редот на стручните соработници, беше согласно со преодниот режим за избор на кандидатите, во размер 50-50 што е нормално за една млада институција, која допрвин треба да создаде кадри и режим кој требаше да им овозможи на кандидатите кои не се определиле за учење на почетната обука, да влезат во професијата. Тој режим како што објаснив претходно, од оваа година се напушта и сите неизбрани кандидати на Академијата, ќе бидат избрани, се разбира доколку се пријават на огласените места.

Немањето интерес на кадидатите за пополнување на места за обвинители во внатрешноста на земјата и понатаму е проблем: огласите пропаѓаат, а академците својата иднина првенствено ја гледаат во двата основни суда и во скопското Обвинителство. Како гледате на овој проблем?

Ние уште при завршувањето на првите генерации се соочивме со проблемот дека најмногу од кандидатите сакаат да се пријавуваат и работат во судовите и обвинителствата во Скопје — како институции кои се најтрактивни во смисла на проширена надлежност и комплексноста на предметите. Од една страна, тоа за мене е доказ дека се самоуверени и дека квалитетно ја поминале почетната обука, тоа е добро за младите генерации. Сепак, во сите држави има практика, онаму каде што постојат вакви академии, завршените академци првата функција на судија и обвинител да ја вршат во помалите градови; во Франција нема случај, кандидат, веднаш по завршувањето, да биде избран за работа во Париз. Тие ги ротираат кандидатите и нема дискриминација помеѓу тие во помалите и поголемите градови. Тие судии или обвинители стекнуваат искуство во помалите градови, со цел подоцна да работат во поголемите градови. Мислам дека тој проблем нема да постои со измените на Законот за Академијата, каде стриктно се наведува дека само првите тројца кандидати од ранг листата имаат право да бираат во кое подрачје сакаат да работат, во кој суд и обвинителство, а останатите се распоредуваат, односно повторно ќе се воведе системот на распоредување.

Според оценката на ГРЕКО (Група на земји против корупцијата), Македонија напредува во борбата со корупцијата. Која е најслабата алка на нашата земја во справувањето со оваа проблематика?

Во моментов се наоѓаме во четвртиот круг на оценка на ГРЕКО, кој се фокусира на развиеноста на антикоруптивните механзими за превенција на корупцијата на судиите, обвинителите и пратениците, на темите како што се: судирот на интереси, надворешните платени и неплатени активности на овие три групи, пријавувањето на имотот и другите финансиски интереси, кредити, спонзорства, подароци, лобирање, јавноста на законодавниот процес, и на судските процеси и одлуки, судското менаџирање, дистрибуцијата на случаите, процесот на избор, напредување и разрешување на судиите, каде може да се појават ризици од политичка и класична корупција, меѓутоа и способноста на овие три професии да се справат со случаите на корупција во свoите редови преку саморегулатива во вид на етички кодекси, промовирање на култура на интегритет и развој на советодавни механизми и обуки.

Досега се оценети вкупно 9 држави, јавно се објавени 7 извештаи. ГРЕКО, преку својот пристап „случај по случај“, во својата оценка ги детектира проблемите или предизвиците и упатува препораки за можни решенија кои се различни за секоја земја, со оглед на актуелната состојба и спецификите на секој одделен систем.

Интересно е тоа што веќе може да се забележи едно вистинско шаренило на правни системи. Имено, голем број на држави на старите демократии,  членки на ЕУ, имаат традиционални правни системи каде судиите се’ уште ги бира законодавната или извршната власт.

Се разбира, секоја од овие земји упорно си ги брани своите решенија со аргументите дека тие се резултат на нивните специфики, на правната традиција, на културата, на менталитетот и сл.

Што се однесува на Република Македонија, навремено го доставивме Прашалникот од четвртиот круг на оценка до ГРЕКО. Врз основа на тие одговори и на податоците и информациите од теренската посета на Република Македонија од мај 2013 година, ќе биде изготвен Извештај за евалуација, кој ќе биде оценуван на пленарната седница на ГРЕКО  во декември 2013 година.

Македонија ги има вградено сите меѓународни стандарди насочени кон унапредување на независноста, јавноста и ефикасноста  на судството, но треба да се работи на понатамошна имплементација: стекнувањето  на квалитет, независност и итегритет. Судството треба  да ја превземе водечката улога во откривање и менаџирање на судирот на интересите и нивно објавување, со цел да се превенираат такви ситуации. Исто така е потребно  судството да го гради својот имиџ и преку спроведување на разни анкети и истражувања за задоволството на граѓаните и да превземе проактивна улога, а не само да се ослонува на разните анализи, кои се базираат на перцепцијата.

Неспорно е дека судиите добро ги знаат случаите на изземање, но знаењето е помало во делот на препознавање на случаите на судир на интереси. Имено, се  работи за нова материја,  поради што се препорачуваат голем број на обуки, со цел успешно да се препознаат случаите на судир, треба да се воведат  механизми на советување на пратениците, судиите и ЈО,  во случаите на етички дилеми и кога постои сомневање за судир на интереси, проблем кој треба да го изнесат пред надлежните органи.

Каква оценка можеме да очекуваме од ГРЕКО, во делот кој се однесува на финансирањето на политичките партии, а за кои добивме препорака дека треба да се направат напори? Неодамна „Транспаренси интeрнешнл“, во својот извештај насловен „Купување влијание: Пари и избори на Балканот“, ни упати сериозни критики, укажувајќи на недостигот од мерки против злоупотребите при финансирањето на политичките партии…

До 31 октомври имаме обврска да ги поднесеме Извештајот за постапување по престанататите препораки од третиот круг на оценка, кои се однесуваа на партиското финансирање. Имајќи ja во предвид определеноста на Македонија за исполнување на своите меѓународни обврски, како и земајќи ги за модел најдобрите пракси на државите кои во целост ги исполнија препораките од овој круг, Финска, Хрватска, Норвешка, беа усвоени измените во Изборниот законик и Законот за финансирања на политичките партии. Со овие законски решенија се имплементираат препораките во правец на унапредување на трите сегменти на оценка и тоа: транспаретноста на финансиските сметки на партиите, зголемување на финансискиот извештаен период, задолжителната годишна ревизија од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), задолжителното објавување на регистарот на донациите наместо еднаш годишно, на секои 6 месеци, обврската за ДЗР да ги исконтролира во рок од 60 дена. Kaко резултат на ова се подобрува меѓуресорската соработка и размена на информации меѓу сите органи, надлежни за супервизија на партиското финансирање, а воведени се и нови административни санкции и надомест на трошоците на кампањата, со кои се задоволува стандардот за постоење на ефективни пропорционални, скалести  и превентивни санкции во поглед на јакнење на капацитите на ДЗР. Потоа зголемени се овластувањата во проверката на извештаите и донациите кои сега мора да ги опфатат и сметките на третите лица како тинк тенк поврзани директно или индиректно со партиите, има нови вработувања во ДЗР, министерот за финансии го донесе упатството за образецот за водење на финансиските извештаи,  се одржаа обуки со присуство на меѓународната заедница. На тој начин Македонија само понатаму ги унапреди  и подобри стандардите на ГРЕКО, кои веќе беа воведени во нашиот систем.

Иако не е оправдување, има држави членки на ЕУ кои воопшто не ги почитуваат препораките на ГРЕКО; има држави каде воопшто нема закони за финансирање партии, ниту пак партиите се правни лица, ниту пак имаат супервизерско тело. Значи, Македонија има конзистетна легислатива и ова не е само по препораките на ГРЕКО, туку според сите документи за антикорупција на Советот на Европа и на Обединетите нации. Секако треба да се работи на подобрување на праксата и имплементацијата на овие препораки. Има едно интересно истражување на „Транспаренси“ каде што се вели дека најслаби алки на корупцијата во ЕУ се јавната администрација и партиското финансирање, значи тоа е факт. Во сите држави на ЕУ е забележан недостаток, меѓутоа со оглед на степенот на исполнетоста наша на препораките, тоа значи дека сме на добар пат во делот на транспаретноста и законитоста на партиското финансирање.

Kако претседател на работната група за изработка на Акцискиот план за имплементација на новиот Закон за кривичната постапка, континуирано сте инволвирана во активностите чија цел е успешна имплементација. Дали сметате дека во декември, конечно, ќе бидеме подготвени за примена на Законот, кој предвидува воведување на досега непознати институти  за континенталниот систем?

Јас можам да зборувам за делот на надлежностите на Академијата, во поглед на обуките, како сегмент на Акцискиот план. Во тој поглед, Академијата сосема успешно и според планот и распоредот, во изминативе години ги реализираше  базичните обуки за новиот ЗКП, низ кои поминаа секој судија и обвинител, стручните соработници, адвокати и претставници на правосудната полиција. Во тек е серијата интердисциплинарни, напредни обуки, дизајнирани во вид на четири специјализирани модули, кои  мора да ги помине секој судија и обвинител, како и адвокатите и полицијата. Имавме голема среќа што сите овие обуки, како и посебните обуки за обучувачите, се целосно поддржани од страна на Мисијата на ОБСЕ и Американската амбасада во Македонија, кои покрај финансиската подршка, ни обезбедуваат и експерти од САД, Канада. Секако, секоја од институциите, Министерството за правда, Обвинителството, судството, полицијата и адвокатурата, во рамките на своите надлежности, ги превземаат подготовките за создавање на законодавни, институционалани и човечки капацитети за целосна имплементација на законот, кој воведува сосема нов систем на улоги, односи и надлежности за сите субјекти во кривичната постапка.

Дали сметате дека Академијата за судии и јавни обвинители го доби своето вистинско место во правосудниот систем на РМ? Кои се идните планови?

Да,  и тоа не само со оглед  на огромниот опсег дејности и на реализацијата на огромен број семинари со домашни и со странски експерти, туку и со оглед на бројноста и обемот на вклученоста на судиите и обвинителите во сите нејзини дејности, органи и тела. Секако, квантитетот на обуките, треба допрвин да создаде квалитет, менување на менталитетот на судите и обвинителите, најпрвин дека не го применуваат, како некогаш, само националното право, туку и супранационалното право и пракса,  кои се вградени  во новите домашни закони. Профилот на денешните  судии и обвинители е значајно изменет во однос на времето од пред 10 години, не само со оглед на учеството на обуките,  како учесници, предавачи и ментор. Имено, денес судиите и обвинителите активно учествуваат во разни работни групи за законодавните измени, активно се вклучени во изготвување и реализација  на стратешките документи за судството, учествуваат во работи на менаџирање  со судовите, компјутеризацијата, учествуваат на меѓународни форуми и престои, односно со други зборови, добиваат проактивна улога во управување  со судските  работи, а  не се повеќе судии кои  само судат  и носат одлуки. Сето тоа ја зголемува нивната одважност и самодоверба.

Од друга страна, судиите и обвинителите се јавни личности, изложени се пред очите на јавноста малку повеќе од другите луѓе и, затоа, треба да почитуваат и негуваат највисоки стандарди на етичко и професионално постапување, да го почитуваат етичкиот кодекс во односите со адвокатите и трети лица, не само во судница, туку и надвор во приватниот живот, да внимаваат на врските со бизнис групи, политичари и сл. Со своето однесување тие треба да се стремат да не создадат сомнение во нивната непристрасност и независност. Корупцијата не е само давање и примање поткуп, туку и други гранични појави, како што се непотизмот, врските, користење на привилегиите на функцијата, не само за материјална, туку и за нематеријална корист, за стекнување на повисока позиција, спонзорства, кои може да генерираат корупција во судството. Случаите на корупција, во кои се вовлечени судии и обвинители, колку и да се ретки, имаат убиствено влијание врз угледот на судството, во целина,  ја рушат довербата на граѓаните, бидејќи произлегува дека тие, во  кои се верува дека се справуваат со корупцијата, самите се корумпирани. Затоа, судството треба беспоштедно да ги чисти корумпираните судии и обвинители од своите редови, секако, со цврсти и со уверливи докази за тоа и со почитување на сите гаранции за презумпцијата на невиност.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 03.07.2013