/ Прочитано:

770

СУСПЕНДИРАНАТА ОБВИНИТЕЛКА НА ЕУЛЕКС: Високи структури на Мисијата прикриваа истрага за убиство

Вторник, 11 ноември 2014 – Марија Бамие, суспендираната обвинителка на ЕУЛЕКС, која е под истрага за предавање тајни документи на приштинскиот весник „Коха диторе“, за весникот „Данас“ изјави дека главниот обвинител на ЕУЛЕКС Јарослава Новотна и нејзиниот заменик Џонатан Рател вршеле притисок и ја блокирале истрагата за тројно убиство.

Марија Бамие

Станува збор за случај со тројно убиство, за што двајца сторители се осудени на високи затворски казни, а третиот италијанскиот судија Франческо Флорит наводно го пуштил од затвор за што добил поткуп од 300.000 евра, наведува весникот „Данас“.

Според обвинителката Бамие и било забрането да разговара со Назим Блак, осуден на 4,5 години за егзекуции на Косово, а заменикот Рател не сакал таа да го истражи случајот.

На прашањето дали е точно дека обвинителот Џонатан Рател вршел притисок, прикривал кривични дела и врски со криминалци на Косово, Бамие изјави дека сите тие одат на вечери и приеми со високи службеници и разговараат за предметите.

„Понекогаш, лицата со кои зборуваат се поврзани со криминалци и доверливи информации истекуваат, што е докажано со случајот Вила Грмија, што обвинителката Новотна го прекина“, наведува весникот.

„Нејзиното мешање во моите предмети и фактот дека мои одлуки протекоа од нејзината канцеларија потврдуваат дека не е вмешан само Рател, туку и други. Инаку, Рател вршеше притисок врз мене, така што, блокираше некои мои истраги“, изјави Бамие.

Бамие, исто така, тврди дека Рател и се заканувал и правел напори да биде уапсена, дека имала притисок од ЕУЛЕКС и дека против неа се води истрага, бидејќи излегла во јавност. На прашањето што е официјалното објаснување за нејзината суспензија Бамие изјави дека тоа што дала тајни документи на косовскиот весник „Коха диторе“, што според неа не е точно.

Бамие, на прашањето дали знае дека некој се обидел да ја прикрие нејзината истрага, таа одговори дека станува збор за високи структури на ЕУЛЕКС, но дека не знае точно кои.