/ Прочитано:

2.458

СВЕДОШТВА, ЗАКЛУЧОЦИ, ПРЕПОРАКИ: Анализа за имплементацијата на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство изготви анализа за имплементацијата на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Целта на оваа анализа е да даде информација колку Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство успева да ја оствари целта поради која е донесен, а која произлегува од самиот наслов на Законот – превенција и заштита од семејно насилство.

fotografija

Потребата од изработка на една ваква анализа, истакнуваат од Националната мрежа, произлегува пред сѐ од фактот дека се работи за Закон кој беше промовиран како новина во системот на заштита од семејно насилство и кој требаше да обезбеди ефикасна заштита на жртвите, но и да гарантира координирано постапување на институциите.

„Големиот број случаи во кои институциите не успеале да обезбедат заштита, а кои беа објавени од страна на медиумите, но и од страна на здруженијата на граѓани кои работат во делот на семејното насилство, исто така, ја истакнуваат потребата од анализа за досегашното функционирање на Законот“, истакнува Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Неда Чаловска-Димовска, која е авторка на Анализата, вели дека со донесувањето на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се постави правна основа која требаше да гарантира поефикасна  заштита од семејно насилство. Во таа насока, истакнува Чаловска-Димовска, една од позитивните промени беше вклучувањето на привремената мерка за заштита од семејно насилство – отстранување на сторителот од домот.

„Сепак, со отсуството на суштинска промена во системот на заштита, сервисите за жртвите и меѓусебната соработка и координација останаа исти како и во претходните и не придонесоа кон ефикасно спроведување на Законот, ниту пак на привремените мерки за заштита од семејно насилство“, подвлекува Чаловска-Димовска.

Чаловска-Димовска вели дека во Анализата за имплементацијата на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се детектирани повеќе слабости во однос на функционалното применување на законската регулатива. Иако е законска обврска, во државата нема воспоставено унифициран систем за собирање податоци за следење на инциденти на семејно насилство. Исто така, според сознанијата и сведоштвата на жените кои поминале низ семејно насилство не се почитува ниту начелото на итност во постапувањето на институциите во случаите на насилство.

fotografija

Има отсуство на информации за правата на жртвите кои поминале низ семејно насилство, а функционирањето на Националното координативно тело против семејно насилство се соочува со пречки во работењето. Вработените во центрите за социјална работа, се подвлекува во Анализата, немаат капацитети за ефикасно извршување на мерките за заштита на жените жртви на семејно насилство.

Системот на мерки што треба да им обезбеди заштита на жените кои поминале низ семејно насилство не функционира на повеќе нивоа, особено во однос на сместувањето на жртвите, ограничениот пристап до здравствена заштита и психосоцијален третман, како и несоодветната правна помош. Во таа насока, не се почитува ниту  законската одредба за ослободување од плаќање трошоци за извршена медицинска услуга и документација за жртвите на семејно насилство, додека пак интервентните засолништа не ги задоволуваат потребите за сместување на жените жртви на семејно насилство.

Исто така, се нагласува во Анализата, не постои ниту унифицираност во постапувањето на полициските службеници во случаите на пријави на семејно насилство. Полициските службеници, се додава во Анализата, ретко ја известуваат жртвата за нејзините права и за мерките што можат да бидат преземени за нејзина заштита. Исто така, постои несензибилизираност за постапување во случаи на семејно насилство, што се должи на отсуството на обуки.

Нефункционална е и постапката за бесплатна правна помош, што влијае на пристапот до правда од страна на жртвите. Постои генерална неинформираност од страна на институциите и судовите за можноста за заштита од семејно насилство кога е сторено од сегашен или од поранешен партнер со кого жртвата не живеела.

Во таа смисла, Елена Димушевска потенцира дека особено е важно прашањето за појавата на семејното насилство во рамки на интимното партнерство. Поинаку кажано, додава Димушевска, тоа значи дека доколку постои насилство меѓу момче и девојка, државата не го препознава како семејно насилство. Тоа, нагласува Димушевска, не треба да биде така бидејќи и тоа потпаѓа под законска заштита како семејно насилство.

Во Анализата се препорачува дека за унапредување на законската рамка неопходно е дефинирање на семејното насилство како родово базирано насилство и законско дефинирање на интимното партнерско насилство со предвидување мерки за заштита на жртвите и казнување на сторителите.

„Потребно е бришење на членот 12 од Законот со кој им се наметнува должност на граѓаните да пријават семејно насилство и постоење на законски рок во кој второстепените судови ќе мора да постапат по поднесената жалба против одлука на првостепен орган во постапките за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство. Исто така, потребно е постоење на фонд за финансиска поддршка за жените за плаќање судски такси во случај на поднесување предлог за изрекување привремени мерки за заштита, или пак ослободување од судски трошоци во случаите кога се иницираат вакви постапки“, се вели во Анализата, во која се подвлекува дека за ефективна борба против семејното насилство, неминовно е и нормативното зајакнување на надлежностите на граѓанските организации.

Во Анализата за имплементацијата на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се посочуваат и повеќе сведоштва на жени кои поминале низ семејно насилство, а кои пред надлежните институции се почувствувале дискриминирано поради својот статус на жртва на семејно насилство.

fotografija

„Не сум задоволна од Центарот за социјална работи, не презедоа ништо против него…“, „Е па пие, што ќе му правиш…“, „Избери, не може на две места да го пријавиш случајот…“, „Не ми доаѓај веќе тука, што ќе ти правиме ние…“, „Доаѓаат жени од провинција, чистат по куќи и се снаоѓаат, ти од Скопје, со факултет, не можеш да се снајдеш. На крај можеш да си најдеш некој, жени сè прават“, се дел од сведоштвата на жените кои поминале низ семејно насилство.

Од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, алармираат дека ваквите детектирани состојби мора под итно да се надминат. Во таа насока, од Мрежата ја нагласуваат потребата од ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жената и домашното насилство, потребата од измена на законската рамка, зајакнување на превенцијата, спроведување на интегрирани политики, зајакнување на капацитетите за услуги за заштита и поддршка, како и неминовното спроведување на кампањи и подигнување на јавната свест за различните форми на насилството врз жените, особено за семејното насилство и за стереотипите и оправдувањата што се засноваат на култура, обичаи, религија.

М.В