/ Прочитано:

19.138

СВЕТСКИ ДЕН НА ДЕТЕТО: Колку се почитуваат правата на детето во Македонија

Денеска на глобално ниво се одбележува Светскиот ден на детето, кој има за цел да го сврти вниманието на широката јавност  за сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои се соочуваат децата.

На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето, во која се нагласува дека сите деца имаат права кои произлегуваат од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура ѝ припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

„Одбележувањето на Светскиот ден на детето ќе овозможи да се слушне гласот на децата и тие да укажат на најголемите предизвици со кои се соочуваат. Кренете го гласот и помогнете за да се спасат детски животи; помогнете им на децата да се борат за своите права и да го остварат својот потенцијал“, се вели во денешната порака на УНИЦЕФ Македонија.

Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високо ранлива општествена група која лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Во согласност со ООН, децата се изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните секојдневно, но и на глад, болести и недостаток на социоекономски услови за здрав и активен живот во државите кои се сметаат за сиромашни или пак за држави во развој.

Конвенцијата за правата на детето – важен цивилизациски исчекор и клучен документ

Обединетите нации во 1989 година ја усвоија Конвенцијата за правата на детето и со тоа заштитата на децата на меѓународно ниво го доби најзначајниот акт за заштитата на децата како документ кој има најголем број ратификации од државите, декларирajќи ја цврсто изразената волја за подобрување на правата на децата, осoбено изразени со конвенциските одредби за заштита на правата и можноста за партиципација во активности, како и воведување на минимум стандарди за здравствена заштита, образование и социјална заштита.

Најважни принципи и конвенциски точки за заштита на децата

Според принципите, сите деца и млади ги имаат истите права, имаат право на најголем можен степен на здравје, право на бесплатно основно образование, слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати. Децата и младите имаат право на добро воспитување. Нивните родители или други воспитувачи не смеат да употребат сила, малтретирањето и злоупотребата се забранети. Децата и младите имаат право да добијат посебна помош и заштита во војна и при бегство. Децата и младите имаат право да бидат заштитени од експлоатирачка работа и сексуална злоупотреба. Тие имаат право да живеат со своите родители и да го одржуваат контактот со двата родитела, ако тие живеат одделно. Децата и младите што се хендикепирани имаат право на посебна поддршка и унапредување, како и активно учество во општествениот живот.

Пријавени случаи во Детската амбасада „Меѓаши“

Во рамките на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, веќе 24 години функционира СОС- телефонот за деца и млади (од октомври 1993 година) и досега се регистрирани над  20 000 повици. СОС-телефонот за деца и млади 0800 1222 претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства. Овој телефон за помош и поддршка во текот на сите овие години, велат од „Меѓаши“, претставува промотор на детските права.

Со телефонскиот повик децата може да добијат помош и информации, стручен совет, психо-социјална поддршка или едноставно да разговараат за проблемите со кои се соочуваат, а за кои немаат на кого да се обратат.

„Според Годишниот извештај, од работата на СОС-телефонот за деца и млади за 2016 година, во периодот од декември 2015 до декември 2016, се регистрирани 82 контакти, со кои подоцна сме комуницирале дополнително, вклучувајќи го и првичниот контакт, вкупно 147 пати. Дополнителната комуникација е со цел да ги информираме дојавувачите какви мерки се преземени од наша страна, кои се одговорите од надлежните институции, како и нивните известувања до нас за сите настанати промени во пријавениот случај.Вкупниот број регистрирани јавувачи во дадениот период е 82“, посочуваат од „Меѓаши“.

„Врз основа на информациите кои ги имаме добиено за можни прекршувања на детските права и кои се структурирани според бројот на деца кои се опфатени во овие случаи, станува збор за 111 деца, каде што постојат сомневања за можно прекршување на некое нивно право“, додаваат од „Меѓаши“.

Податоците говорат дека прекршувањата на правата на детето при бракоразводна постапка се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и нивните семејства. Овој податок укажува на фактот дека е потребно подобро и поквалитетно регулирање на семејните односи и бара поголемо внимание и поддршка од страна на надлежните институции, со цел да се превенираат дополнителни кршења на детските права.

Како најкарактеристични податоци што можат да се издвојат за децата кои се опфатени во пријавените случаи за 2016 година, за можни прекршувања на нивните права, регистрирани во Детската амбасада „Меѓаши“ се:

  • бракоразводни постапки – 33 деца биле потенцијални жртви на прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки
  • семејно насилство – 21 дете од вкупниот број деца потенцијални жртви биле незаштитени и изложени на насилство во своето семејство
  • просјачење на деца и млади – 11 деца биле изложени на форма на експлоатација на детски труд преку просјачење.

Препораките на Народниот правобранител не се имплементирани во целост

Во годишниот извештај на Народниот правобранител се вели дека препораките на Народниот правобранител за почитување на правата на детето, обезбедување еднакви права и слободи за сите деца, овозможување достоинствен живот и почитување на детето како носител на овие права не се имплементирани во целост, ниту во овој извештаен период.

Предметното постапување и вонпредметните активности на Одделението за заштита на правата на детето и лицата со посебни потреби укажуваат на незначителен напредок во однос на остварување на правата на детето во семејството, установите и институциите за заштита. Како последица на оваа состојба, децата сè уште недоволно ги знаат своите права, не ги препознаваат механизмите за заштита, а не се ниту доволно охрабрени да пријават каква било повреда, независно дали непочитувањето или повредата на правото е во семејството, училиштето или во некоја друга институција која има обврска да се грижи за неговите права и интереси.

„Децата, а меѓу нив и тие со посебни потреби со тешкотии го остваруваат правото на образование, здравствена и социјална заштита, а политиките и прописите со кои се уредуваат правата на децата во овие области не се секогаш во нивен најдобар интерес“, констатира Народниот правобранител.

Сите заедно треба да работиме на развивање на свеста за толеранција кај децата

„Денешниот ден 20 ти Ноември познат како Светски ден на детето и ден на Конвенцијата за правата на детето, е можност секој  од нас да се потсети дека и тој го поминал периодот наречен детство но и да се запрашаме што реално успеавме да промениме во најдобар интерес на детето?  Овој ден нека биде поттик за сите кои работат со децата или во интерес на децата посериозно и пoпoсветено да продолжат со активностите за подобрување на состојбата со правата на децата,  на начин што ќе ги вклучуваат во сите активности и ќе го слушаат и почитуваат нивното мислење, на што обврзува Конвенцијата за правата на детето.  На Светскиот ден на детето неизбежно е да истакнеме дека сите заедно треба да работиме на развивање на свеста за толеранција кај децата,особено за елиминирање на секој вид на насилство.Од круцијално значење за идните генерации е да се создаде амбиент на соживот, почитување на рзаличностите со цел создавање на општетсво во кое секое дете ќе знае дека дијалогот, а не насилството е основа за решавање на кој  било проблем.

Свесни сме дека за да има хармоничен развој на личноста на секое дете, треба да создадеме услови тоа да расте во здрава семејна средина, во пријатна атмосфера исполнета со среќа, љубов и разбирање. Токму тоа не задолжува децата да ги третираме како рамноправни на нас возрасните, како активни субјекти и носители на права и обврски. Кон нив треба да се однесуваме со должно внимание, ним треба да им овозможиме образование, со цел натамошен просперитет на човештвото.

Сите ние како дел од семејството, градинките, училиштата, установите за грижа и заштита на децата и други институции и органи имаме обврска да придонесеме за нивен правилен психофизички развој, да ги воспитаме и образуваме во духот на толеранцијата и прифаќање на различностите, да ги научиме како да одбегнуваат конфликтни ситуации и да го изберат дијалогот како начин на решавање на проблемите, со што ќе придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите.

Истовремено Народниот правобранител апелира до родителите, посебно во процесот на воспитување на децата да водат сметка за тоа дека почитувањето на традицијата/традиционалното не секогаш значи почитување на најдобриот интерес на детето“, се вели во денешното соопштение на Народниот правобранител.

M.В