/ Прочитано:

777

Светски експерти ќе ги истражуваат причините за смртта на Хуго Чавез

Среда, 13 март 2013 – Властите во Венецуела соопштија дека ќе започнат официјална истрага за да се утврдат причините за смртта на претседателот Хуго Чавез. Истрагата следува поради сомневањето дека Чавез се разболел од рак, како резултат на методично труење кое го спровеле „непријателите од странство“.

„Интуиција ни кажува  дека нашиот командант Чавез беше отруен од „мрачните сили“ што сакаа да се ослободат од него“, рече Николас Мадуро, кој положи свечена заклетва  за привремен претседател на Венецуела во петокот.

Мадуро,  кој своите тврдења ги изложи пред јавноста неколку часа пред настапувањето на смртта, што најпрвин беа протолкувани како собирање политички поени, најави дека се повикани најдобрите светски експерти за да помогнат во истрагата.

„Ќе направиме сѐ за да дојдеме до вистината“, посочува тој во интервју за една локална телвизија.

Во истото интервју Мадуро зборува и за лаборатории на САД каде наводно се тестирало предизвикување на рак, тврдења коишто наидоа на остри реакции од американската влада. 

„Во 40-тите и 50-тите години, САД и други земји имаа „научни лаборатории за тестирање како да се предизвика рак. Седумдесет години поминаа оттогаш, зарем ваквиот вид лаборатории на злото и смртта не напреднаа!?“, вели Мадуро во интервју за една локална телвизија, притоа истакнувајќи дека не ги обвинува САД туку дека кажува само една вистина.

Самиот Чавез изрази сомнeвање во 2011 година – откако му беше дијагностициран рак, укажувајќи на можноста дека САД би можеле да работат на инфицирање на латиноамериканските лидери со болеста.

Според др. Елмер Хуерта, онколог и поранешен претседател на Американското здружение за рак, тврдењата дека инјекции или отрови би можело да предизвикаат рак немаат „апсолутно никаква научна основа“.