/ Прочитано:

2.561

Татјана Малинова, претседател на Основниот суд Струмица: Меѓународната достава е објективен проблем, судскиот паушал е наше финансиско решение

Една декада се соочувала со судиите како адвокат, била директорка на затворот во Струмица за набрзо потоа да биде избрана за судија по граѓанска материја – судијката Татјана Малинова, денес актуелна претседателка на Основниот суд во Струмица ни говори за судот кој го предводи, за нејзините предизвици и перспективата на правото како професија во Струмица.

„Од 2013 година, од кога сум претседател, немам ниедна претставка од граѓаните“, со гордост ни соопштува претседателката Татјана Малинова како граѓаните гледаат на нејзината работа и работата на судот.

Достапна за граѓаните од утро до вечер

„Секој си има своја одлика и внесува свој печат во работењето. Сметам дека внесов позитивна атмосфера во судот, има добра комуникација и секако напредокот не е само од мене туку од сите и од тие причини внимавам на тимската работа. Некои крупни промени зависат од подруго ниво, но она што е најбитно за претседателот и првиот меѓу еднаквите е да се внесе позитивен дух во меѓучовечката и професионалната атмосфера, позитивна клима и хармонија за работа. Достапна сум за сите граѓани, од почеток до крај на работното време, од утро до вечер. Затоа и нашиот суд е транспарентен и отворен за граѓаните, за што говорат и самите нивни реакции“, ги потенцира претседателката новините и позитивниот дух кои ги внесла во работењето на судот.

 „Имам одлична соработка со колегите, дел од нив се во граѓански, а дел во кривичен оддел. Секогаш водам сметка за желбата и афинитетот на колегата кон определна област, внимавам на професионализмот и затоа соработкатата на судите е на високо ниво. Одржуваме редовно состаноци, ги анализираме состојбите, ги истакнуваме проблемите и решенијата“,  додава таа.

Доследно почитување на новите законски задолженија

Според Малинова, новите реформи во правосудството поттикнале и подинамична работа, законските обрски за судот во Струмица се основен ориентир во делокругот на работа, надлежности и овластувања.

„Имаме нови обврски според Законот за управување со движењето на предметите во судовите. Согласно тој закон формиравме работно тело за управување со предметите. Во него членуваат претставници на кривичниот и на граѓанскиот оддел. Судскиот администратор е претседател на наведеното тело. Ова работно тело е фокусирано кон старите предмети кои не се решени и редовно ми дава предлог мерки за надминување на состојбата со старите предмети. Практично, детално се анализираат предметите и според тоа се гледа дали во конкретен предмет се спроведени процесните дејствија и кои мерки се или не се преземени. Бројката на стари предмети е значително намалена со таа практика и темпо на работа. Со оглед на фактот дека овој суд е еден од најголемите во подрачјето, се разбира дека постои голема бројка на актуелни, но и на заостанати, наследени предмети. Најважно е што секој судија се труди да се решат предметите. Покрај тие предмети, во судот моментално има 25 илјади предмети, но потенцирам дека бројот на предмети одговара со бројот на судии“, истакнува претседателката.

Меѓународната достава – објективен проблем, тонското снимање – голема предност

Според Малинова некогаш застојот на судските предмети е од објективна природа, што се потврдува во работата на Струмичкиот суд, а позитивни се промените за автоматска распределба на предмети.

„Некогаш за некој предмет не може да се лоцира вината кај судијата ако предметот не се решава според утврдениот рок, еве на пример, имаме проблем со меѓународната достава, таа мора да оди преку Министерството за правда, ние пишуваме урегенции, а роковите не гонат. Значи некогаш застојот во одреден предмет не е од субјективна туку објективна природа и од судскиот совет имаат разбирање за вакви случаи. Сега имаме принцип за автоматска распределба на предметите, и со тоа се отстранува сомнежот дека распределбата намерно ќе оди кај одреден судија. Нема шанси на поинаков начин освен на овој објективен и автоматски начин да се додели предмет. Дали тоа ќе се почитува е под моја контрола и се грижам да се спроведе максимално точно, а и самите работници кои вршат таква распределба знаат и се свесни и доблесни дека не може ништо да направат поинаку“, истакнува таа.

Како што вели, новиот ЗПП внесе и нови промени, и затоа се почитува и технолошката примена на одредени насоки.

„Па така, имаме 3 судници, а имаме 8 судии кои работат на граѓанска материја според кои имаме распоред на тонско снимање. Тонското снимање е позитивна промена и самите адвокати го бараат тоа. Имаме направено распоред за тие снимања.  Ако има некој проблем ме известуваат за надминување и корекција. На почетокот, разбирливо како и за секоја промена имаше извесна непознаница и условно да кажам извесен отпор како за секоја реформа, но сега функционира во најдобар ред“, додава Малинова.

Судскиот паушал – финасиски спас, но краткорочно решение

„Ние се трудиме финансиските проблеми да ги решаваме според насоките на Судскиот совет. Парите не се доволни, но наплатата на судскиот паушал многу ни помога. Со него покриваме различни сметки и немаме некој спор за неплатени сметки. Посочувам дека одредени финасиски проблеми наследив, па добро е што отворивме паушал, а и странките се научија дека мора да се плаќа паушал, затоа што претставува финансиска одржливост. Знам дека во други судови имаат и многу посериозни проблеми и се завршуваат со поведување на судски парници, но кај нас нема. Сметам дека тоа е благодарение на паушалот. А, сепак тоа не е дефинитивно решение, можеби е временски исправно на пократок рок, но на подолг рок проблеми предизвикани од финасиски причини не се предвидливи и мора да се превенира со посериозен методолошки пристап“, објаснува Малинова како Струмичкиот суд се „снаоѓа“ од материјален аспект.

Даночното затајување и злоупотребата на службената положба е најчест криминал во Струмица

Според податоците кои ги презентираше претседателката, во Струмица најевидентен криминал е даночното затајување и злоупотреба на службената положба, други облици се поретки и нечесто се случуваат.

„Такво ни е подрачјето и тоа се неговите општествени карактеристики. Инаку, постојат и такви кривични дела како семејно насилство, тешки телесни повреди, а она што е застапено исто така е  шумската кражба“, вели таа.

Потребни се нови компјутери за судиите

Малинова вели дека има идеја да се сменат компјутерите и дека на судот му недостасува нова технологија затоа што дел од донациите се наоѓале во судниците, па канцелариите на судиите имале стара опрема. Тоа е дел од нејзиниот план за дополнителна модернизација на судските канцеларии за што е потребно дополнителна буџетска поткрепа.

Ученици, студенти и судски приправници се дел од секојдневието

Како што истакнува Малинова, дополнителна гордост за судот е соработка со Универзитетот во однос на правната пракса и инклузијата на млади студенти и правници во работата и едукацијата од судот.

„Имаме соработка со Универзитетот, студентите се дел од нашето секојдневие. Доаѓаат, слушаат, гледаат, учат. Ние даваме потврда на студентите, се верификува присуството што им служи за напредок на факултетот. Исто така, ни доаѓаат и млади ученици  кои учат уставно право или граѓанско право и кога ќе дојдат тука им е многу интересно, се запознаваат со судството како една од темелните државни власти.

Приправниците природно се дел од судот, тука ја започнуваат својата практична професионална наобразба. Значи судот има една таква едукативна улога, што нас ни е гордост и ни значи затоа што сепак и иднината на една професија е во младината и нејзината професионална профилираност. Тоа понатаму го одредува и поширокиот пазар на труд што е најважно за развој на една општина, а и држава“, вели таа, дополнувајќи дека генерално Струмица е развиена општина, а во развиена општина следствено има многу нотари, адвокати, извршители, односно има развиено една автохтона фела во која иднината ќе си ја пронајдат многу млади правници.

Искуството, ентузијазмот и посветеноста на судиите се одлика на Струмичкиот суд

Претседателката Малинова смета дека искуството и едукација на судиите е предност на Струмичкиот суд.

„Имаме доста искусни судии, добро едуцирани. Тоа е наша предност. Имаме доста предмети за решавање, но воопшто не е потешкотија тоа со оглед на судскиот доследен ангажман и внесување во материјата. Судиите покрај тоа што имаат искуство, редовно одат на обуки, каде е е добро да се слушне нешто ново, но сепак искуството е примарно, особено во правото. Затоа и судот има такво ниво и имиџ. Јас се трудам и ќе се трудам да го задржам тоа ниво и имиџ“, ветува претседателката Малинова додавајќи дека задржувањето на добриот имиџ на судот и неговиот професионализам ќе останат да бидат нејзини основни цели во работењето и спроведувањето на судската власт во Струмица.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 17 јануари 2014 год.

 >>AКАДЕМИК НИЗ МАКЕДОНСКИТЕ СУДОВИ: Ефикасноста, експедитивноста и подготвеноста – гордост на судиите во Струмичкиот суд