Тимошенко можеби ќе одговара и за убиство
Петок, 11 мај 2012 – Постојат сведоци што тврдат дека поранешните украински премиери Јулија Тимошенко и Павло Лазаренко за милион долари наводно го нарачале убиството на украинскиот тајкун Јевхен Шербан.
За две недели се најавува трето обвинение, овојпат за организирање и финансирање на атентат, пишува англискиот портал Еуроактив. Тимошенко и поранешниот премиер Павло Лазаренко наводно платиле милион долари за убиството на најбогатиот Украинец, политичарот и бизнисменот, Јевхен Шербан. Заменик државниот обвинител Ренат Кузмин кој е одговорен за справување со случаите на Тимошенко најавува дека обвинението ќе биде покренато до 25 мај.
Шербан е убиен на аеродромот во Донецк во 1996 година. Напаѓачите биле облечени во полициски униформи. Откако се уапсени признале дека убиството го извршиле за милион долари, а било нарачано од Тимошенко и нејзиниот ментор Павло Лазаренко кој во тоа време е премиер на Украина.
-„Обвинителството го истражува случајот и ги проверува фактите кои укажуваат на поврзаноста меѓу Тимошенко и Лазаренко во организарење и финансирање на атентатот. Досегашната истрага веќе даде резултати“ , изјави Ренат Кузман за Еуроактив.
Кузмин во интервјуто исто така ја обвини поранешната премиерка за злоупотреба на правната процедура при нејзиното барање за прием во болница. Тој вели дека 150 жени коишто се наоѓаат во истиот затвор се разболеле од истата болест, а меѓу нив имало и потешки случаи од Тимошенко. Според него ниту еден затвореник во Украина нема медицинска нега каква што има поранешната премиерка. За неа имало тим од германски, украински и нејзини лични доктори, а е прегледана преку 266 пати.