/ Прочитано:

1.962

ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: Пет сигнали дека не си за адвокат

Си имал веројатно повеќе причини за да станеш адвокат: татко ти е адвокат, не те бивало за математика, си паднал година во средно машинско. Ако не те повлекла оваа прекрасна професија и уште не те влече, а почнуваш да забораваш некои важни датуми со годинките, па нурни се храбро во следните аргументи, можеби гордо можеш и да правиш фризури или да готвиш.

  1. Гледаш гренд слем турнир полуфинале. Играат двајца симпатични дечки, едниот од Швајцарија, другиот од Србија. Ти не навиваш за никого. Само си чекаш момциве да завршат како што рамнодушно си го завршуваш сокчето. Не си за адвокат! Адвокатот ги знае големите битки и имињата на учесниците во нив, одбира свој фаворит и жестоко навива. Така навива и за својот клиент во правната битка!
  2. Ти пуштаат пораче во 4.30 сабајле. Едвај да ги знаеш: рушењето на нашиот објект започнува, Ве молиме да дојдете тука. Измислуваш најмалку пет причини да не одиш: чекај, па немам договорено сума, да не падне ќотек таму, ќе ме фатат ли камери незгодно ќе биде, политика, ту да беше барем осум да го пратев тоа малото приправниче да се справи..Не си за адвокат! Нема двоумење, се облекуваш свечено и одиш, па по пат мисли реплики за пред клиенти и полиција.
  3. На одмор ти стига мејл. Си се зарекнал дека нема да го гледаш телефонот, ама пустото мејлот е службен и клиентот те моли за помош. Стопати ти купувал јарешко кога доаѓал од селото кај тебе на консултации. Одговараш: Ве известуваме дека во периодот од 12 до 30 Август (демек испод 18 дена не си никогаш) ќе бидам на заслужен одмор при што пристапот на мејл ќе ми биде драстично отежнат. Ентер. Не си за адвокат! Нема одмор шефе. Пиши му на клиентот па пржи се на сонце.
  4. Не гледаш вести, не читаш весници, интернет отвораш само за празник, колку да ѕирнеш по таблоиди некоја старлета шо има да каже за ананас диетата. Не си за адвокат! Мора да ги имаш во мал прст сите информации, дневни, неделни, предвидувања, прогнози, подеми и падови, акции и обврзници, модни трендови и био технологии. Остави старлетите, тие се фаќаат со газди на бутици и кафани. Освен ако немаш афинитети за овие професии. Па гледаш не си за адвокат?
  5. Упаѓаш во суд по фармерки тесни, кошула со кратки ракави пеглана на рабови, без сако, август, топло ти било ќе се умира. Стомачето скокнало три броја преку фармерки. Се потиш. Шефче, подобро не влегувај во суд. И кондуктер е чесна професија. Ракавчиња на рабови колку сакаш!
Објавено: 13.09.2012