/ Прочитано:

3.682

Трудова инспекција ќе вршат и другите инспекторати – нови измени на Законот за работните односи (ТЕКСТ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ)

Петок, 21 ноември 2014 – Се предлагаат  нови измени на Законот за работните односи во кои се предвидува контролата на пријавувањето во задолжително социјално осигурување да го водат повеќе инспекциски органи, истовремено при вршење на надзорот од својата надлежност.

Според ваквото законско решение, при вршењето на инспекциски надзор над спроведување на одредбите во врска со договорот за вработување, стапувањето на работа и пријавата во задолжително социјално осигурување, како и преземањето на мерката забрана за вршење на работи на работодавачот покрај инспекторите на трудот ќе ги вршат и другите инспекторати, а, во насока на утврдувањето на непријавени работници кај правните лица.

Имено, покрај инспекторот на трудот, инспекциски надзор ќе вршат и органите на државната управа и тоа:

Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за животна средина, Државен комунален инспекторат, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен девизен инспекторат, Државен инспекторат за земјоделство, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Државен просветен инспекторат, Државен управен инспекторат, Државен испекторат за локална самоуправа, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Управата за јавни приходи и Министерството за  внатрешни работи.

„Имајќи предвид дека со Законот за инспекциски надзор покрај другото се врши координацијата на инспекциските служби, како и потребата од навремено и ефикасно уредување на состојбата со непријавени работници, се предлага при вршењето на надзор на другите инспекциски органи да се вклучи и утврдувањето на непријавени работници кај правните лица. Односно контролата на пријавувањето во задолжително социјално осигурување да го водат повеќе инспекциски органи во случај на затекнување на непријавен работник, истовремено при вршење на надзорот од својата надлежност“, велат од Министерството за труд и социјална политика во врска со новите измени.

Покрај ова, во Предлог-Законот се уредува и престанокот на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда, заради појасност во примената на одредбата од страна на Управата за јавни приходи на Република Македонија.

Понатаму, со предложените измени се уредува дека покренување на прекршочна постапка доколку констатираат повреда на член 13 ставовите (1), (2), (3) и (7) ќе се предвиди забрана за вршење на работи на работодавачот и ќе поднесат барање за поведување на прекршочна постапка согласно Законот за прекршоци до прекршочните комисии кои со посебните закони за овие државни органи се надлежни за постапување по прекршочните барања поднесени од овие органи:

Договор за вработување

Член 13

(1) Со потпишување на договорот за вработување се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот.

(2) Правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување.

(3) Работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава (електронски образец М1/М2 испечатен од системот на Агенцијата за вработување на Република Македонија) за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи, во Агенцијата за вработување на Република Македонија, по електронски пат или непосредно во Агенцијата со приложување на ППР образец, овластување на овластено лице со список за лица кои ги пријавува/одјавува, во кое се наведени името, презимето и ЕМБГ, како и бројот на договорот за вработување и датумот на склучување на договорот за вработување, еден ден пред работникот да стапи на работа, а за итни и неодложни работи, најмалку еден час пред работникот да стапи на работа. Заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата му се врачува на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа.

(4) Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија се должни да водат и трајно да ја чуваат евиденцијата на пријавите и одјавите во социјално осигурување и на барање на лицето да му издадат податоци за состојбата и промените во врска со социјалното осигурување на работникот.

(5) Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, вршат размена на податоците во врска со социјалното осигурување.

(6) Ако датумот на стапување на работа не е определен во договорот за вработување, како датум на стапување на работа се смета наредниот ден од датумот на потпишувањето на договорот за вработување, а работникот се пријавува во Агенцијата за вработување на Република Македонија на датумот на потпишувањето на договорот за вработување

(7) Работникот не може да стапи на работа пред да се склучи договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.

(8) Правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работа, исто така, и во случај ако на тој ден работникот од оправдани причини нема да започне да работи.

(9) Оправдани причини според овој закон, заради кои работникот не отпочнува со работа на денот определен со договорот за вработување, се случаите кога работникот е отсутен од оправдани причини утврдени со закон, колективниот договор и договорот за вработување.

(10) Ако работникот неоправдано не стапи на работа првиот ден на денот определен за стапување на работа, согласно со ставот (6) на овој член, ќе се смета дека не засновал работен однос.

(11) Доколку работодавачот по престанокот на работниот однос, во рок од осум дена од денот на престанокот на работниот однос, не го одјави работникот од задолжително социјално осигурување, одјава на работникот може да се изврши по барање на работникот врз основа на претходно доставен записник од инспекторот на трудот до Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Со измените, се дополнува и одредбата во врска со прекршочниот орган и дека ако не е склучен договор за вработување меѓу работникот и работодавачот и работодавачот не го пријавил работникот во задолжително пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност пред стапување на работникот на работа прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа и тоа Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за животна средина, Државен комунален инспекторат, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен девизен инспекторат, Државен инспекторат за земјоделство, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Државен просветен инспекторат, Државен управен инспекторат, Државен испекторат за локална самоуправа, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Управата за јавни приходи и Министерството за  внатрешни работи.

Текст на Предлог – Законот за изменување и дополнување на Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи 

М.В.