Тупанчески: Да се зајакнат капацитетите за функционирање на правдата за децата
Министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање на настанот „Преглед на реформите во системот на правда за децата“ се осврна на новопредложениот Закон за правда за децата, со кој се врши транспонирање на повеќе директиви на ЕУ.
„На децата во Република Северна Македонија им треба фер правосуден систем, прилагоден на нивните потреби за да можат да ги остварат своите права и да имаат пристап до правосудниот систем кога нивните права се повредени или им се ускратени. За ефикасно функционирање на системот на правда за децата важно е судовите, институциите и сите останати чинители, во постапувањето и одлучувањето, секогаш да го имаат предвид најдобриот интерес на детето, односно интересот на детето за негова заштита, воспитување, превоспитување и правилен раст и развој и притоа особено да ги имаат предвид ефектите од таквото постапување и одлучување. Оттука, сите активности за зајакнување на капацитетите на професионалците е голем чекор напред за заштита на различните категории деца на коишто таа им е неопходна“, рече Тупанчески.
Правдата на децата е дел од скрининг процесот што е прв чекор во преговарачкиот процес за пристапување на земјата во ЕУ. Како општество не смееме да го занемариме фактот дека овие деца, покрај сериозноста на она што го сториле како деца во судир со законот, а особено имајќи ги предвид последиците ако станува збор за деца жртви или деца сведоци, тие се деца кои дополнително доживеале сериозен стрес и трауми кои за нив имаат далекусежни последици. Во ваквите ситуации особено е потребно да се работи на спречување на каков било облик на секундарна виктимизација и нивна ретрауматизација, порача Тупанчески.