/ Прочитано:

1.138

Уапсени шест лица за кражбите на бензинските пумпи „Макпетрол“ во Велес

Четврток, 29 мај 2014 – СВР Велес поднесе кривични пријави против шест велешани од кои еден малолетник, за сторени кривични дела  „разбојништво“.

Како што информира денеска на прес-конференција портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска, пријавите се поднесени поради основи за сомнение дека сторителите во два наврата ограбувале бензински пумпи на „Макпетрол“, на 29 декември 2013 година и на 26 март 2014.

На пумпите лоцирани на улиците „Алексо Демниевски“ и „Димитар Влахов“ со закана со нож, од вработените одзеле вкупно 126.359 денари.

„О.Т (23) , Ѓ.Д. (26) и Ѓ.С. (25), сите од Велес, на 29 декември 2013 во три часот влегле во бензинската пумпа „Макпетрол“ на улицата „Димитар Влахов“ и со закана со нож од вработениот одзеле ташна со 42.359 денари. О.Т., кој е првопријавен и во претходната кривична пријава, С.М. (22) и В.А. (20) сите од Велес, како и малолетникот Р.С. (17) од Велес, на 26 март 2014 во 4:20 часот се упатиле кон бензинската пумпа „Макпетрол“ на улицата „Алексо Демниевски“ и со закана со нож од вработената одзеле 84.000 денари“, рече Стојковска.

Пријавените кои и претходно и биле познати на полицијата за сторени кривични дела, вчера се изведени пред надлежен суд по што им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.