/ Прочитано:

1.327

Професионален војник осомничен за тројното убиство во Злетово — ги поминал сите здравствени и психолошки тестови во АРМ

Вторник, 25 ноември 2014 – Четириесетгодишниот професионален војник Драган Маноилов е осомничен за тројното убиство што се случи изутринава во Злетово во близина на Пробиштип. Од Генералштабот на АРМ го осудуваат чинот на нивниот припадник и соработуваат со полицијата за да се расветли тројното убиство. При вработувањето на војникот, велат, биле запазени сите процедури во однос на психолошката подготвеност и способност за вршење на должноста.

„Во врска со тројното убиство во Злетово, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, потврдуваат дека осомничениот за истото е професионален војник на АРМ. Во оваа прилика МО и ГШ на АРМ остро го осудуваат чинот на тројното убиство, заради што им даваат целосна поддршка и асистенција на органите на МВР, со цел за што побрзо расветлување на причините и околностите, поради кои се случи трагичниот настан во Злетово.

Напоменуваме дека согласно Правилото за обезбедување на објекти, материјални средства и луѓе во АРМ и неговата примена во однос на подготовката на припадниците на АРМ пред извршување на должноста, кај професионалниот војник од страна на лекар е утврдена добра здравствена и психофизичка состојба.

Во досегашниот период, од претпоставените старешини и во системот на командување и контрола во АРМ, не е регистринано кршење на воената дисциплина, ниту непочитување на правилата и прописите од страна на осомничениот професионален војник“, се вели во соопштението на Генералштабот на АРМ.

Маноилов во време на убиството бил на службена должност. Според пишувањата на медиумите, војникот имал дебело полициско досие за семејно насилство, а засега нема информација дека тој бил осуден за насилствата. Од Генералштабот за Академик велат дека до овој момент од негова страна немало никакво кршење на воената дисциплина, ниту покренати дисциплински постапки, како и тоа декка досега не пристигнала никаква судска пресуда којашто би имала какво било дејство врз неговиот статус во АРМ.

Манаилов е осомничен дека утринава ги убил родителите на неговата сопруга со која наводно бил пред развод, а стрелал и во уште еден човек за кој засега нема информации дека некако е поврзан со семејството. Тој во време на убиството бил на службена должност.

Инцидентот во полиција го пријавила ќерката на убиените, сопруга на осомничениот, откако чула истрели во домот на нејзините родители, бидејќи живеела во близина.

Портпаролот на СВР Штип Гордана Панајотова изјави дека во моментот во врши увид од страна на основен јавен обвинител и екипи на СВР Штип.

Пред само неколку недели се случи речиси идентичен инцидент во Кавадарци кога едно лице ги уби родителите и сестрата на својата поранешна сопруга и тоа во нивниот дом.