/ Прочитано:

1.000

УЈП, општините и банките им го одземаат денарот за преживување на граѓаните – Народниот правобранител иницира законски измени

Петок, 30 мај 2014 – Народниот правобранител до Владата на Република Македонија, како овластен предлагач дава иницијатива за изготвување предлог за изменување и дополнување на одредбите од Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот.

Не се води сметка за достоинството на должниците и нивните семејства

Од Канцеларијата на Народниот правобранител велат дека постапувајќи во рамките на овластувањата, Народниот правобранител во функција на заштита на уставните и законските права на граѓаните, во своето предметно работење утврдил дека во постапката за присилна наплата на даночен долг од сметка кај банка, која му припаѓа на физичко лице, постојните нормативни решенија предизвикуваат проблеми и правна несигурност бидејќи не се води сметка за достоинството на должниците и нивните семејства, како и за тоа извршувањето да биде поповолно за должникот.

„Конкретно, во овие постапки, a согласно решенија за присилна наплата врз побарување по сметка кај банка донесени од Управата за јавни приходи, Градот Скопје и Општините, деловните банки од физичките лица го одземаат целиот паричен износ, кој тие го примаат на име плата, пензија, социјална заштита и сл, односно не се применуваат одредбите за изземање-ограничување од присилна наплата, предвидени во член 130 од Законот за даночната постапка и во член 57 од Законот за даноците на имот“, соопштуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Се загрозува егзистенцијата на граѓаните

Според Народниот правобранител, во најголем дел на случаи, на физичките лица паричниот износ по овој основ на трансакциските сметки им е единствен приход, кој тие го примаат и како резултат на таквиот начин на извршување, тие се оставаат без никакви приходи, со што пак, се загрозува и нивната егзистенција.

„Управата за јавни приходи, Градот Скопје и Општините, Народниот правобранител, покрај останатото, го информираат дека во моментот кога го донесуваат решението за присилна наплата врз побарување по сметка кај банка, немаат сознанија за постоење на основи за ценење на законските основи за ограничување на извршувањето, односно дека таквите одредби треба да ги применуваат само кога вршат наплата со ставање забрана на личните примања кај работодавецот или Фондот на ПИОМ“, посочува Народниот правобранител.

 За Народниот правобранител воопшто не е спорно дека органот, во никој случај не може извршувањето да го спроведува на штета на должникот со извршување врз целата негова плата, пензија и примања по основ на социјално осигурување, се разбира ако единствен приход на трансакциската сметки, на физичкото лице му е по основ на плата, пензија или примања по основ на социјално осигурување.

„Одземање на целокупниот паричен износ, кој на име пензија, плата, социјална помош и сл. физичкото лице го прима на својата трансакциска сметка и неговото оставање без основни средства за егзистенција, претставува повреда на неговите права, неоправдано предизвикување штета, непочитување на законските правила и постапување надвор од уставно прокламираните начела за заштита на основните слободи и права на граѓаните“, потенцира Народниот правобранител.

Иницијатива за законски измени

Народниот правобранител смета дека за надминување на ваквите состојби и постигнување доследно почитување на законските ограничувања при реализација на решение за извршување од трансакциска сметка на должник физичко лице е потребно соодветно изменување и дополнување на Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот така што ќе се прецизира начинот на извршување кога се работи за извршување врз парично побарување по сметка кај банка, кое му припаѓа на должник физичко лице.

„Потребно е да се предвидат одредби согласно кои Управата за јавни приходи, Градот Скопје и Општините, решенијата за прислилна наплата врз парично побарување по сметка кај банка што му припаѓа на физичко лице, задолжително да ги изготвуваат почитувајќи ги ограничувањата на извршувањето од членовите 130 од Законот за даночната постапка и член 57 од Законот за даноците на имот, при спроведување на извршувањето да водат сметка за достоинството на должниците и нивните семејства, како и за тоа извршувањето да биде поповолно за должникот“, соопштува Правобранителот.

Да се постигне поголема правна сигурност

Народниот правобранител нагласува дека со таквото нормативно решение  ќе се постигне поголема правна сигурност во извршувањето на налозите од трансакциската сметка на должник физичко лице.

 „Со тоа, должникот ќе има можност да ги оствари своите законски права на ограничување при извршувањето од плата и другите основи, Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините ефикасно да ги намират своите побарувања, а банките да обезбедат сигурно и ефикасно извршување на плаќањето, без притоа да ги загрозат правата на своите депоненти“, заклучува Народниот правобранител.

M.В/ veljanoskim@akademik.mk