/ Прочитано:

809

УЈП затвори повеќе угостителски објекти и дуќани во Чаир, Сарај, Куманово и Тетово

Петок, 7 ноември 2014 – Инспектори на Управата за јавни приходи (УЈП) со полициска асистенција вчера започнаа голема акција за контрола на повеќе угостителски објекти и дуќани во скопските општини Сарај и Чаир, како и во Тетово и Куманово.

Затворени се десетици објекти во Старата скопска чаршија и комплексот „Чаирчанка“ затоа што било утврдено дека во нив не се почитува забраната за пушење на јавни места, немале фискални апарати, а биле откриени и други пропусти во работата.

И објектите во Тетово и Куманово се контролирале заради непочитување на законските прописи. Даночниците оцениле дека акцијата е од „висок ризик“, па побарале и полициска асистенција од МВР.

 Mинистерот за економија Беким Незири, пак, вчера реагираше за акцијата на УЈП во Чаир и Старата чаршија.

„Министерството за економија, но и јас како министер, сме категорично против овие акции и лично на следната седница на Владата ќе побарам одговорност од тие кои ја организирале оваа акција со образложение дека тие што имаат дуќани во Старата чаршија, долги години работат во развивање на нивните бизнис, и ако за РМ Чаршијата е главна атракција ние како Влада и Министерство не смееме со големи полициски сили да правиме акции за фискални сметки. Се разбира дека во согласност законот на места каде УЈП, но и Пазарната инспекција ќе наиде на отпор од сопствениците, тогаш во такви случаи се информира полицијата и тие треба да дојдат и да преземат таква акција. Но, без најави, во овој случај во неколку дуќани што ги посетив во ниту еден случај немало отпор и со самиот факт што овој дуќан денеска е затворен докажува дека тука немало отпор“, изјави Беким Незири за Алсат.