/ Прочитано:

1.314

УНИВЕРЗИТЕТСКАТА СОРАБОТКА – ДВИГАТЕЛ НА ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ: Втор летен универзитет на Балканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје започна Вториот мобилен летен универзитет на Балканот (2nd  Itinerant Summer University in the Balkans), настан од исклучително универзитетско, академско и правно-културолошко значење. Настанот се одржува со присуство на реномирани универзитетски професори, млади ентузијасти и студенти од престижни европски универзитети и правни факултети.

Вториот мобилен летен универзитет на Балканот се спроведува по успешно реализираната летна школа минатата година, а фокусот на овогодишниот летен универзитет е насочен кон прашања од меѓународното приватно право и прашања од европските интеграции.

Летниот универзитет ќе трае од 10 до 12 септември 2015 година и е плод на соработката меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на западен Париз „Нантер ла дефанс“ (Франција), Универзитетот од Минстер (Германија), Француско-германскиот универзитет и Универзитетот од Приштина (Косово).

На денешното свеченото отворање поздравни обраќања имаа германската амбасадорка, Кристине Д. Алтхаузер, француската амбасадорка, Лорен Оер, проф. д-р Отмар Сеул  од Универзитетот на западен Париз „Нантер ла дефанс“ (Франција) и проф. д-р Тони Десковски, академски директор на школата.

На почетокот на настанот, германската амбасадорка, Кристине Д. Алтхаузер, го акцентираше значењето на денешниот настан како академски континуитет кој дава позитивен пример и придонес за универзитетската соработка, како насока кон споделувањето на заедничките европски вредности. Амбасадорката подвлече дека Европската Унија би била некомплетна без балканските земји и дека преку вакви академски заложби се создава многу на тој план.

„Мирниот Балкан е интерес на Европската Унија. Европската Унија не е комплетна без балканските земји. Голем успех е што вакви експерти, професори и студенти, се посветени на ова прашање преку одржувањето на овој универзитет“, нагласи германската амбасадорка.

Француската амбасадорка, Лорен Оер, надоврзувајќи се кон суштинските идеи на европските вредности, од политичко-правен и од културолошки аспект, истакна дека е многу задоволна што и оваа година се искажува високо ниво на посветеност кон концептот и кон идеите што извираат од одржувањето на Универзитетот, затоа што, како што подвлече, тоа има  големо културолошко значење.

„Кон ова прашање мора да се гледа не само правно, туку и културолошки, историски и филозофски. Јас навистина сум импресионирана од квалитетот на учесниците“, потенцираше амбасадорката Оер, која го дополни своето излагање и со елаборација на глобалните прашања и предизвици на обединетата Европска Унија, но и на прашањата поврзани со политичката стабилност на Република Македонија.

Елаборацијата на проблемите со напливот од бегалци во Европа, наоѓањето на заеднички решенија, напорите на балканските земји во таа насока, како и проблематиката поврзана со правните и логистички модалитети за конкретните проблеми, беа дел од нејзиното излагање, кое го резимираше поздравувајќи го изнаоѓањето на решение за политичката криза во Македонија и предизвикот за изнаоѓање на нормативно и персонално решение за специјалниот јавен обвинител.

Д-р Отмар Сеул  од  Универзитетот на западен Париз „Нантер ла дефанс“ (Франција), повикувајќи се на германско-француските искуства, нагласи дека разликите мора да се сфатат како предност и дека мирот води кон иднината. Професорот посочи дека е мошне позитивно и креативно тоа што соработуваат младите студенти и што се доближуваат кон европските вредности низ манирот на дијалогот, соработката, размената на мислења и искуства, како и преку конкретните учества на работилниците, кои се од иманентно значење за нивното правничко образование и интелектуална перспектива.

На настанот беше акцентирано дека заедничките вредности не би имале толкаво значење ако не се и синоним за универзитетската слобода. Во таа насока, професорот д-р Тони Десковски, кој долги години посветено работи на профилирање на македонските студенти по право и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на меѓународен план, нагласи дека студентите се прогресивната општествената сила и сржта на универзитетската соработка.

„Студентската популација е најпрогресивниот фактор во општеството“, рече професорот Десковски, кој се надоврза кон универзитетската автономија како клучна за соработката и за креирањето на академскиот амбиент. Професорот рече дека реализирањето на ваквиот универзитет и летна школа е мал, но неопходен, дел од европското и регионалното поврзување на европските земји.

Во таа смисла, истакнувајќи го значењето на европските вредности,  професорот додаде дека од суштинско значење е и факторот на солидарноста, што воедно треба да биде и факторот со кој Европската Унија ќе одговори на актуелните  предизвици. Оттука, Дескоски се надоврза и за прашањето на бегалската криза како глобален феномен, за која подвлече дека мора да се реши врза основа на принципот на солидарноста, но и со создавањето на нови нормативни и логистички решенија преку заедничка акција и изразена заедничка волја на европските земји.

Говорејќи за европските интеграции, прашањата за актуелните прашања во Европската Унија понатаму се преточија и во конкретни дискусии за одделни правни проблематики. Имено, во рамките на летната школа професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, од Универзитетот Минстер (Германија) и од Универзитетот на западен Париз „Нантер ла дефанс“ (Франција) започнаа со  одржување на предавања и работилници на повеќе актуелни теми од областа на меѓународното приватно право, трговското право и процесот на приближување на Република Македонија кон Европската Унија.

Се говореше за заедничкиот европски пазар, за доменот на корпоративното право во таа корелација, за договорното, облигационото и за арбитражното право, за хармонизацијата на законодавството, човековите права, трудовото  право и за предизвиците на социјалното претприемништво, за конвенциското право, за граѓанското право со посебен осврт кон авторското право и правото на индустриската сопственост.

Учесниците на летниот универзитет истакнаа дека им претставува чест што се дел од настан од вакво меѓународно и академско значење. Младите студенти по право и младите правници кои работат на своите магистерски и докторски тези посветени на клучни прашања од односната проблематика коментираат дека од суштинска важност е што ќе можат да ги пренесат своите сознанија пред колегите од други европски земји.

„Со заедничка соработка, со размена на искуства и мислења, со нови познанства многу полесно може да дознаеме за тековите на современата правна мисла. Да се биде тука не е само задоволство, туку и чест. Оваа иницијатива и традиција е само еден дел од заедничките европски вредности, но дел без кој не може да се замисли обединетата академска заедница, универзитетска слобода и прогресот на регионот и целокупниот европски простор“, коментираат младите правници или, како што ги нарекоа присутните професори – иднината на академската мисла и на обединета Европа.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

10.9.2015