/ Прочитано:

2.168

УСТАВНИОТ СУД НА ИНИЦИЈАТИВА НА АНИМА МУНДИ: Забраните да се чува куче што „постојано лае“ и да се чува куче во зграда немаат законска и уставна основа!

Уставниот суд, на Иницијатива на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“  поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 176 од Одлуката за комунален ред на Општина Штип, во врска со оспорената одредба со која им се ограничуваат  правата на  станарите на зграда да чуваат кучиња.

Општината определила да може да се чуваат до две кучиња во едно домаќинство

Во оспорениот член 176 став 1 од Одлуката е определено дека на подрачјето на Општина Штип во круг на едно домаќинство може да се чуваат до две кучиња, под услов да бидат регистрирани во надлежна ветеринарна институција и да бидат редовно вакцинирани.

Забрана да се чуваат кучиња со „со ќуд на постојано лаење и завивање“

Според Одлуката, сопственикот на кучињата „е должен сместувањето и чувањето на кучињата да го уреди на начин што нема да пречи на мирот и спокојството на соседите.“ За таа цел, во Одлуката е определено дека, како што се наведува, не е дозволено чување кучиња „со ќуд на постојано лаење и завивање“.

Општината забранила и да се чуваат кучиња во згради

Исто така,  во Одлуката се утврдува дека не е дозволено чување кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување кучиња за кои сопственикот има прибавено писмено одобрение на куќниот совет на колективната станбена зграда.

„Анима мунди“: Противуставна и противзаконска одлука

Според „Анима мунди“ како подносител на иницијативата, ваквите решенија во Одлуката не само што се противуставни, туку се спротивни на меѓународната регулатива и здружението смета дека со подзаконски правен акт воопшто не може да се воведува каква било сериозна забрана (забрана за чување куче) која немала своја правна заснованост во самиот Устав или во одреден законски текст, па во отсуство на уставна и законска основа оспорената одредба не била во согласност со членот 8 став 2 и со членот 54 став 1 од Уставот.

Според подносителот на Иницијативата, со оспорената одредба се повредувал и членот 30 од Уставот, односно со безрезервната и изречна ius cogens забрана да се чува куче се повредувало правото на сопственост, кое подразбирало полна власт врз стварите и нивно поседување на: апсолутен начин (без полагање сметка за начинот на користење на своето природно право), исклучив начин (исклучување на државата и другите субјекти од располагање со нештото), како и стален начин (можност стално да се располага со нештото, па дури и постхумно).

„Оттука, оспорената одредба со која се ограничувале станарите на зграда да чуваат кучиња не го исполнувала предвидениот уставен услов сопственоста да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Со одредбата се нарушувале социјалните односи на имателите на кучињата со нивните домашни миленици, а напуштањето на милениците поради ваквата одредба би создало проблем на зголемување на бездомни кучиња, што, пак, не било за добро на заедницата. Исто така, јавен интерес било да се има што повеќе здомени, а не што повеќе бездомни кучиња, уште повеќе што оваа несразмерна мерка немала основ во ниту еден закон“, се посочува во Решението на Уставниот суд во врска со Иницијативата.

Чувањето миленици е суверено право на граѓанинот

Од „Анима мунди“ сметаат дека ограничувањето на бројот и видот на милениците е суверено право, за кое било дискутабилно дури и дали може да се ограничи со закон, а камоли, како што нагласуваат, да се ограничи со подзаконски акт на единицата на локалната самоуправа.

„Правото на неповредливост на домот можело да се ограничи само со судска одлука, што во хипотетичка ситуација значело дека станарите имаат право да тужат кога постои куче кое ги вознемирува. Дека секое куче што се чува во стан го нарушува мирот и спокојот на соседите било премногу екстензивна и непропорционална регулатива“, се посочува во Иницијативата.

Уставен суд: Одлуката на Општината нема законска основа и под сомнение е нејзината уставност

Во врска со Иницијативата, Судот оценил дека ваквите општи забрани на Советот на Општината Штип за чување куче немаат законска основа.

 „Членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот налагаат во правниот поредок да егзистираат јасни недвосмислени норми, кои меѓусебно се усогласени според рангот на нормативната хиерархија, што овде не е случај, од каде произлегува дека оспорената одредба од Одлуката може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со наведените уставни одредби. Со оглед на тоа што Советот на Општина Штип со оспорениот член 176 од Одлуката излегол надвор од рамките дадени во членот 12 став 3 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и членовите 21 став 2 и 22 став 1 од Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека оспорената одредба може да се стави под сомнение и по однос на нејзината согласност со означените законски одредби.“

M.В / veljanoskim@akademik.mk

9.04.2015