/ Прочитано:

749

Уставниот суд на Турција ја укина забраната за пристап до „Јутјуб“

Четврток, 29 мај 2014 – Уставниот суд на Турција нареди да се укине блокирањето на пристапот до интернет сервисот за размена на видео материјали „Јутјуб“ која исламско-конзервативната влада на премиерот Реџеп Тајип Ердоган ја воведе пред два месеца, оценувајќи дека со таа одлука се крши слободата на говорот, пренесуваат турските медиуми.

Турските власти на 27-ми март го оневозможија пристапот до „Јутјуб“ поради „национална безбедност”, по објавувањето на пиратските снимки за доверлив состанок на високите турски функционери во врска со војната во Сирија.

Одлуката на највисоката турска судска истанца мора да ја спроведе телекомуникациската агенција којашто ја спроведе забраната.

Откако корисниците на Интернет поднесоа тужби, повеќе турски судови оценија дека забраната за достап до „Јутјуб“ се коси со слободата на говорот, но владата во Анкара не сакаше да ја повлече својата одлука којашто сепак корисниците успеваа да ја заобиколат.

Уставниот суд на почетокот на април ѝ нареди на владата да ја укине сличната забрана за достап до „Твитер“, две седмици по нејзиното воведување.

Премиерот Ердоган им објави војна на социјалните мрежи откако преку нив почнаа да се пласираат информации за неговата наводна вмешаност во големиот корупциски скандал кој од средината на декември минатата 2013 година ја потресува Турција, што тој го оцени како оцрнување. Ваквите забрани, инаку, предизвикаа многу критики на негова сметка, како во Турција, така и надвор од земјата.