/ Прочитано:

3.760

УСТАВНИОТ СУД УКИНА ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ: Противуставно доставување докази за познавање странски јазици и компјутерски програми

На Иницијатива на Народниот правобранител, Уставниот суд ги укина членот 108 и членот 109 од Законот за административни службеници, со кои се предвидуваше вработените административни службеници да достават докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми до раководното лице во институцијата во која работат. Во членот 109 се уредуваше и потврдата за испит за административно управување.

foto

Со новиот Закон за административни службеници се воведоа нови посебни услови за вработување во административната служба, како што е поседувањето на соодветни посебни работни компетенции, и тоа: активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), а за раководните административни службеници и потврда за положен испит за административно управување.

Оспорениот член 108 став 1 од Законот уредува дека административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнување со примената на овој закон (13 февруари 2015 година), потребно е да достави докази (потврди) дека ги исполнува новововедените посебни услови, како што се: активно познавање на странски јазик и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на нивото на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на започнувањето со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија.

„Од анализата на оспорената законска одредба, произлегува дека Законот има повратно дејство бидејќи посебните услови за вработување, воведени со новиот Закон за административни службеници, се однесуваат и за административните службеници кои се вработиле под услови и правила кои биле предвидени со тогаш важечките закони, односно се однесуваат за вработени чиј работен однос веќе бил остварен пред донесувањето на новиот закон“, се посочува во Одлуката на Уставниот суд.

Уставот на Република Македонија, велат од Уставниот суд, со членот 52 став 4, го забранува повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните.

„Во конкретниот случај, анализата на ставот 2 на оспорениот член 108 од Законот покажува дека повратното важење на Законот не е поповолно за граѓаните бидејќи, според оваа оспорена законска одредба, административниот службеник е подложен на трпење на мерки во вид на распоредување на пониско ниво на работно место и намалување на плата, доколку во определениот рок со Законот не достави докази за исполнување на новоуредените посебни услови, односно со така уредените оспорени законски решенија се создава правна ситуација од можно губење на стекнато право од работен однос (стекнато работно место, звање и плата), со што се доведува во прашање остварувањето на легитимните очекувања на веќе вработените административни службеници кои ги имале во времето кога го засновале работниот однос под други услови и правила, пред донесувањето на Законот за административни службеници“, истакнуваат од Судот.
Според Судот, принципот на сервисна ориентација спрема граѓаните во целост не се исцрпува со воведувањето на потребата од доставување на доказите за исполнување на новите посебни услови бидејќи во отсуство на други потребни квалификации и вештини на вработениот (квалитетно, стручно, ажурно остварување на работни цели, креативност, иницијативност и заинтересираност во работата, организациски вештини и друго), бараните докази за поседување на вештините за веќе вработените сами по себе не можат да бидат исклучителна гаранција за нивно успешно и ефикасно работење, туку напротив мерките намалување на висината на личниот доход поради распоредување на пониско ниво на работно место и намалување на личниот доход од 10 % за веќе вработените од најниско влезно ниво, според Судот, можат да водат кон тенденција од намалување на мотивираноста на вработените во администрацијата при извршувањето на нивните работни задачи.

Оттука, по оцена на Судот, обврската што со оспорениот член 108 став 1 од Законот им се наметнува на постојните вработени во административната служба, односно последиците од неисполнувањето на таквата обврска уредена со ставот 2 на наведениот член од Законот, не е пропорционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед дека претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а и загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, ако се има предвид последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпи доколку во утврдениот рок не се стекнат со бараните сертификати со кои се докажува исполнувањето на новопредвидените посебни услови.

Оспорениот член 108 став 3 од Законот уредува дека намалувањето на платата во износ од 10 % за административните службеници од влезно ниво во секој момент може да се надмине, односно повторно службеникот да се стекне со износот кој го примал на име плата пред намалувањето, доколку во иднина ги приложи бараните докази за исполнетост на посебните услови утврдени со новиот закон.

„Со оваа оспорена законска одредба, законодавецот уредил можност од воспоставување на поранешна состојба во поглед на платата за овој дел од административните службеници, а ваквата можност не се однесува и за административните службеници кои поради неисполнување на новите посебни услови се распоредени на пониско ниво на работно место, а со тоа и на пониска плата, при состојба доколку и тие, како и административните службеници од влезно ниво, успеат да ги исполнат посебните услови. На овој начин, според Судот, административните службеници се ставени во нееднаква правна положба во однос на можностите за повторно стекнување на изгубени права, при состојба на подеднакво дејствување на административните службеници, како што е дополнително исполнување на посебни услови“, се вели во одлуката на Судот.

Понатаму, од анализата на ставот 4 од оспорениот член 108 од Законот произлегува исклучокот од примената на одредбите од ставовите 1 и 2 од овој оспорен член од Законот. Исклучокот законодавецот го засновал на должината на рокот во кој административниот службеник ќе оствари право на пензија, односно дека обврската за доставување докази за исполнетост на посебните услови не важи за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Според Судот, законодавецот во конкретниот случај различно постапил за вработените кои се во еднаква правна положба во однос на обврската за исполнување на посебните услови предвидени со новиот закон, односно нееднакво постапил за лица со ист статус и правна состојба (сите се активно вработени во административната служба и сите имаат права стекнати од работен однос).

Со ваквите законски решенија се врши внатрешна поделба на единствената административна служба – активно вработени, врз основа на периодот до пензионирање, на начин што законодавецот едните ги издвоил, овозможувајќи им и понатаму да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, што не се однесува за останатите вработени, а и тие, како и претходните, вршат работи на работните места на кои се затекнати пред воведувањето на новите посебни услови со Законот.

Во оваа смисла Судот смета дека должината на рокот за остварување на право на пензија не може да биде оправдан и легитимен основ за различен третман на административните службеници во поглед на воспоставувањето на новите посебни услови. Пропишаниот рок до остварување на правото на пензија, во случајов, создава неоснована категоризација на единствената активна административна служба, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат правата стекнати од работен однос пред воведувањето на новите посебни услови со Законот.

Оттука, според Судот, со ставот 4 на оспорениот член 108 од Законот се повредува и едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот, односно правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено со членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Од анализата на оспорениот член 109 од Законот произлегува дека новоуредениот посебен услов – потврда за испит за административно управување, кој е пропишан како посебен услов за вработување на раководни административни службеници, а тоа се административни службеници од категоријата Б (државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор и раководител на одделение), ќе стане посебен услов за вработување две години од денот на започнувањето со примената на овој закон (став 1).

Понатаму, од анализата на овој оспорен член од Законот произлегува дека вработениот кој пред влегувањето во сила на новиот закон бил раководен административен службеник, е должен да достави потврда за положен испит за административно управување, најдоцна во рок од две години од денот на започнувањето со примена на новиот закон. Доколку вработениот административен службеник не го исполни овој посебен услов за вработување на административен службеник од категоријата Б, ќе биде распореден на работно место од категоријата В – стручни административни службеници (советник, виш соработник, соработник, помлад соработник) (став 2).

Според ставот 3 на оспорениот член 109 од Законот, ставот 2 на членот од Законот не важи за административните службеници од категоријата Б кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

„Имајќи предвид дека и од аспект на уредувањето со оспорениот член 109 ставови 1 и 2 од Законот, Законот има повратно дејство кое не е поповолно за граѓаните поради уредената можност од губење на право стекнато од работен однос, како и ставање на граѓаните во нееднаква правна положба пред Уставот и законите, што произлегува од ставот 3 на оспорениот член 109 од Законот, погоре изнесеното правно мислење во однос на оспорениот член 108 од Законот, соодветно се однесува и за оспорениот член 109 од Законот. Во однос на ставот 5 од оспорениот член 108 и ставот 4 од оспорениот член 109 од Законот, со кои се уредува рокот во кој Државниот управен инспекторат ќе врши надзор врз спроведувањето на одредбите од оспорените законски членови, тие се како целина и во врска со одредбите од оспорените членови од Законот, следствено на што тие ја следат нивната правна судбина, па од тие причини Судот не се впушти во нивна посебна елаборација во однос нивната уставна оправданост“, се наведува во Одлуката на Уставниот суд.

ПРОТИВУСТАВНО ДОСТАВУВАЊЕ ДОКАЗИ ЗА ПОЗНАВАЊЕ СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ – Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за административни службеници

M.В