/ Прочитано:

1.546

УСТАВНИОТ СУД ЗА ОСПОРЕНИТЕ АКТИ НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Забраната за рекламните цели на фирмата не е противуставна

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и Кодексот за професионална етика на адвокатите и ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за дисциплинска одговорност.

advokati digtalizacija komjuterizacija

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 51 став 1 и став 2, во делот: „под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност“ од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, донесен од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија и Кодексот за професионална етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија, во целина и посебно точка 32, во делот: „но, ниту, по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели“.

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, во целина и посебно за забраната за е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата ВЕБ страна.

Според подносителот на Иницијативата, Стамен Филипов, оспорениот член 51 став 1 и став 2 во оспорениот дел од Статутот на Адвокатската комора не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 7, член 51 став 2 и член 54 од Уставот од причина што не можело да се смета за рекламирање истакнувањето на податоци на адвокатот или адвокатско друштво на нивната лична Веб- страна, под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност. Оспорениот дел од овој став на статутот бил неодржлив од уставно-правен аспект по повеќе основи, а посебно од причина што условите за остварување на право или обврска може да се определуваат само со Уставот и законите, а не со правилник.

Понатаму со иницијативата се оспорува и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, во целина и посебно точка 32 од истиот, од причина што Кодексот не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“. Имено, со тоа се доведувало во прашање правното дејство на овој акт, а дотолку повеќе што забраната за рекламни цели, што е може да се предвидува само во Уставот и Законот за адвокатура, а не во кодексот, што било во спротивност со член 8 став 2 од Уставот.

Според подносителот на Иницијативата, оспорените одредби од Правилникот за дисциплинска одговорност биле неодржливи од уставно правен аспект бидејќи според член 19 од наведениот Закон, адвокатот имал право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Меѓутоа, тоа не значело дека адвокатот не може да наплаќа и договара и пониска награда за застапување и пружање правна помош спротивно на висината утврдена во Тарифата, како што е: материјалната неспособност на странката да ги плати трошоците и наградата, во случај кога се работи за сиромашна странка која не е во состојба да ја плати наградата.

Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно член 30 став 3 од Законот за адвокатурата, со акт на Адвокатската комора на Република Македонија поблиску се утврдувале повредите на вршење на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, а не како што тоа било определено во членот 13 од Правилникот за дисциплинска одговорност, да се предвидуваат други дисциплински повреди, покрај веќе определените во членот 30 ставовите 1 и 2 од Законот за адвокатурата. Така да со ваквиот начин на уредување на другите дисциплински повреди, Адвокатската комора ги надминала своите овластувања утврдени со закон.

Според тоа, член 13 став 1 алинеја 1 од Правилникот за дисциплинска одговорност, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот, членовите 2 став 3, член 19 и членот 30 од Законот за адвокатурата и точките 1 став 3 и 8 од Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија.

Што се однесува до дисциплинската повреда од член 13 став 1 алинејата 4 од Правилникот за дисциплинска одговорност, не ги пријавувал лицата кои неовластено пружале правна помош до органите на АКРМ,според подносителот на иницијативата, ваквата одредба била во спротивност со членовите 15-22 од Законот за адвокатурата. Тоа значело дека адвокатите не биле должни и не спаѓало во нивниот делокруг да ги пријавуваат лицата кои неосновано пружаат правна помош до органите на АКРМ, затоа што тоа било обврска на самите органи на АКРМ, а не на адвокатите Потоа, таква обврска можело да се предвидува само со Уставот и законите, а не со Правилникот за дисциплинска одговорност.

Според тоа, членот 13 став 1 алинеја 4 од Правилникот за дисциплинска одговорност не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 53 од Уставот, членот 381-а од Кривичниот законик и членовите 15-22 од Законот за адвокатурата.

Дисциплинската повреда од член 13 став 1 алинеја 10 од Правилникот за дисциплинската одговорност – се рекламира спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите и бара странка на недостоен начин. Оттука, било каква забрана или ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а тоа значи и на адвокатот, можело да се предвидува само со Устав и закон, а не со правилник, а оспорениот дел: „бара странка на недостоен начин“ и тоа мора да биде предвидено во Уставот или законот, а не во правилник.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Човечкото достоинство не е само едно од субјективните човекови права, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Достојноста за вршење на адвокатската дејност, според наводите во иницијативата била еден од условите за запишување во Именикот на адвокатите, утврден во член 12 од Законот за адвокатурата, според кој во Именикот на адвокатите може да се запише лице, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност. Според тоа, оспорениот член 13 став 1 алинеја 10 од Правилникот за дисциплинска одговорност, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7 и став 2, член 25, член 32 став 1, член 51, член 53, член 54 став 1 и член 55 ставовите 1 и 3 од Уставот и член 12 од Законот за адвокатурата.

Според оспорениот дел на член 13 став 2 од Правилникот за дисциплинска одговорност – забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата Веб- страна. Но, подносителот на иницијативата смета дека таквата забрана нема основ во Уставот и во Законот за адвокатурата. Според тоа, оспорениот дел од овој став од Правилникот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и став 2, член 32 став 2, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот и Законот за адвокатурата.

Дел до образложението на Решението на Уставниот суд:

„Од анализата на цитираните уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата по однос на член 51 став 2 од Статутот Судот оцени дека се неосновани, од следниве причини:

Статутот е највисок подзаконски акт и истиот се занимава со општо уредување на материјата од интерес на истиот. Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија е највисок општ акт на Адвокатската комора кој само дава рамка и упатува да со друг, понизок акт на комората се уреди определено прашање. Оттука, не може да се очекува дека со Статутот ќе се решаваат прашања кои не се од суштинско значење. Напротив, Статутот е акт кој содржи овластување таа материја подетално понатаму да биде разработена со понизок акт, што не е во спротивност со уставните норми.

Тргнувајќи од фактот дека членот 51 став 2 од Статутот на АКРМ определува што не се смета за рекламирање, а истовремено дава и можност со понизок акт да се определи под кои услови ќе се уреди рекламирањето, Судот оцени дека не постои повреда на одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 и 4, поточно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Подносителот на иницијативата наоѓа дека е повредена и одредбата на член 53 од Уставот според која адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Исто така, не е дадено никакво образложение зошто оспорениот дел на став 2 од член 51 на Статутот би бил во спротивност со оваа одредба. Напротив, Судот оцени дека оваа уставна одредба оди во прилог на сосема спротивното стојалиште од она што го зазема подносителот на иницијативата, оди во поткрепа на автономијата на адвокатурата да самостојно ја уредува својата внатрешна организација, правила на однесување и постапување. Според Судот, подносителот на иницијативата само посочува уставни одредби за кои смета дека оспорената статутарна одредба не е во согласност со истите, без да даде било какво образложение.

Самостојноста на адвокатурата за внатрешно уредување и носење на акти на комората не произлегува само од одредбата на член 53 од Уставот на Република Македонија, но и од членот 5 на Законот за адвокатура кој определува дека самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Според тоа, Законот за адвокатура и дава право на Адвокатската комора, самостојно и автономно да ги носи своите акти, како и самиот Кодекс на адвокатска етика.

Од овие причини Судот оцени дека оспорените одредби од Статутот се во согласност со Уставот и со Законот за адвокатура, па оттука неоснована е иницијативата на подносителот Стамен Филипов за покренување на постапка за оценка на нивната уставност .

Подносителот на иницијативата го оспорува и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора во целина, а особено во делот на одредбата од точка 32 од истиот според која фирмата на адвокатската канцеларија мора да биде истакната на зградата каде што е сместена канцеларијата, но, ниту по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели.

Подносителот на иницијативата го проблематизира фактот дека Кодексот на адвокатската етика не бил објавен во Службен весник на Република Македонија, што не било во согласност со одредбите на член 52 став 1 и 2 од Уставот според кои одредби законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Во иницијативата се наведува дека Кодексот воопшто не може да биде во правна сила од причина што не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“. Меѓутоа, според Судот, не може да се стави знак на равенство помеѓу поимот „друг пропис“ и актите на комората помеѓу кои се вбројува и Кодексот на адвокатската етика.

Имено, кога станува збор за објавување на закони и други „прописи”, според Судот, истото не се однесува и на актите на здруженија на граѓани, на акти на правни лица, на комори, синдикати и слично. Под други акти се сметаат уредбите кои ги донесува Владата, правилници и други прописи со кои се спроведуваат законите, кои ги носат Владата и Министерствата и други органи на управа, а кои секако задолжително мора да се достапни на граѓаните.

Адвокатската комора нема обврска да ги објавува своите акти, освен доколку за тоа не постои посебна обврска во законот.

Законот за адвокатура единствено предвидел обврска за објавување од страна на Адвокатската комора на Република Македонија на висината на коморскиот уписен влог, а која обврска произлегува од одредбата од член 36 став 1 од Законот за адвокатура. Според наведената одредба од Законот висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија.”

По однос на наводите истакнати во врска со Правилникот за дисциплинска одговорност, Судот оцени дека истите не можат да бидат основ за мериторно впуштање во оценка на наводите од причина што оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно истиот не се однесува на неопределен број на граѓани (erga omnes),туку само и исклучиво на членовите на Адвокатската комора (inter partes), поради што Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по однос на овој оспорен акт во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот, поради ненадлежност“.

ЕТИЧКИОТ КОДЕКС И ДИСЦИПЛИНСКИОТ ПРАВИЛНИК ЗА АДВОКАТИТЕ ОСПОРЕНИ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД: Стамен Филипов против забраните за рекламните цели и истакнувањето на клиентите

М.В / veljanoskim@akademik.mk