/ Прочитано:

1.261

Утврдена е дискриминација врз слепите лица од страна на банките – КЗД со препораки до банките

Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека постои директна и продолжена дискриминација врз основа на телесна попреченост врз слепите лица од страна на банките во Република Македонија.

slika

„Комисијата смета дека ИМА ДИСКРИМИНАЦИЈА врз основа на телесна попреченост, согласно член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација,  врз слепите лица и лицата со висок степен на слабовидност од страна на банките во Република Македонија  во облик на директна дискриминација, врз основа на член 6 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминацијаво областа на пристапност до добра и услуги, врз основа на член 4 точка 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата смета дека банките немаат соодветен третман кон слепите лица и лицата со висок степен на слабовидност бидејќи го ставаат лицето со сензорна попреченост во нееднаква положба во однос на лицата кои немаат телесна попреченост- во овој случај слепило или значајна слабовидност, кои претставуваат споредлива група  и не им бараат ополномоштено лице (како што е случајот со слепите лица) кое ги застапува во нивно име и во нивна корист и им се  достапни сите информации и интернет услуги- што претставува споредлива ситуација. Комисијата смета дека е прекршен и член 8 став 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација бидејќи не е направено прилагодување за пристап до услугите на лицата со телесна попреченостБидејќи дискриминацијата е повторена, односно е извршена повеќе пати во неопределен број на случаи и бидејќи се извршува подолг период од банките, Комисијата, врз основа на член 12,  смета дека ова претставува потежок облик на дискриминација“, се вели во Мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација.

Претставката беше  поднесена  на 24.10.2013 година против сите банки во Република  Македонија со цел утврдување на дискриминација која се врши врз оваа група луѓе. Нееднаквиот третман се однесува на користењето на банкарски услуги и производи за кои е неопходен потпис на корисникот, при што банките не го признаваат потписот од слепите лица, не дозволуваат користење на факсимил и ги принудуваат да ополномоштат трето лице кое би потпишувало во нивно име и за нивна сметка.

„Слепите лица се соочуваат со проблеми и при користењето на електронско банкарство поради внатрешните прописи на банките (употреба на токени, кодови и слични сигурносни  алатки, кои слепите лица не се во состојба да ги користат). Дополнително, банките не обезбедуваат употреба на асистивна технологија, како што се на пример: говорниот банкомат, Браевиот печатач, софтверските решенија за пристапност до електронски услуги итн.“, истакнуваат од Мрежата  за заштита од дискриминација, од Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија  и од Националниот  сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија.

Комисијата за заштита од дискриминација препорачува банките да не бараат ополномоштено лице да дејствува во име на слепите и на лицата со оштетен вид и да создадат услови за личен потпис и факсимил. КЗД препорачува секоја банка да направи разумно приспособување на специфичните потреби на овие лица, како во своите експозитури така и на интернет. Во однос на контролата на работењето на банките, КЗД дава препорака до Народната банка на Република Македонија, како институција одговорна за супервизија на работењето на банките, да ја засили контролата во остварувањето на еднаков пристап до услугите и производите на банките за слепите лица и за лицата со оштетен вид.

„Досега подготвеност за промена на ваквиот нееднаков третман покажа единствено Комерцијална банка АД Скопје, која ги промени своите внатрешни прописи и овозможи приемот и испраќањето на финансиските средства и користењето на останатите услуги слепите и лицата со оштетен вид да го вршат самостојно, директно и со помош од страна на банкарските службеници, без притоа да биде неопходно присуство на полномошник. За оваа цел, Банката обучи вработени лица кои веќе постапуваат во делот на електронското банкарство, отворање на тековни сметки и отворање на сеф. Исто така, Банката досега обучи повеќе слепи и лица со оштетен вид за користење на услугите и производите на електронското банкарство (интернет, е-апликации итн.). Банката ја приспособи и постапката за изнајмување на сеф од страна на слепите и лицата со оштетен вид, на начин што сега тие можат да отворат сеф во присуство на двајца банкарски службеници“, велат од Мрежата.

Оттаму нагласуваат дека е неопходно останатите банки да ја променат дискриминаторската пракса во најскоро време во согласност со позитивниот пример  на Комерцијална  банка, која значително придонела за надминување на проблемите со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид.

„Воедно,  сакаме  да потенцираме дека КЗД и во овој случај не донесе одлука во законски предвидениот рок од 90 дена, поради што ја повикуваме во иднина да го почитува овој рок и навремено да ги штити правата на граѓаните“, додаваат од Мрежата  за заштита  од дискриминација, од Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија и од Националниот  сојуз на цивилни инвалиди  од војната на Македонија.

M.В